Македонија
Ексклузивно интервју со Насер Рауфи, адвокат во случајот „Диво насеље“: Тајната служба жртвувала осум животи за да спаси нечии интереси
Адвокатот Насер Рауфи, кој ги брани обвинетите во случаите „Монструм“, „Дива населба“ и „Сопот“ во интервју за Макфакс обелоденува дека македонската, косовската и српската тајна служба ги креирале настаните во кумановската „Дива населба“. Македонската тајна служба, тврди адвокатот, ги знаела последиците од акцијата во кумановската населба кои ѝ одговарале за да се дефокусира јавноста од „бомбите“ на опозицијата. Рауфи натаму во интервјуто открива дека групата требало да издаде соопштение во кое ќе бара права за Албанците, но биле изманипулирани и настаните тргнале во друг тек….
Макфакс: Обвинетите за случајот „Дива населба“ кога се изјаснуваа за вина пред судот сите кажаа дека не се чувствуваат виновни, но дел од нив потврдија дека биле на местото на случувањата. Пред судот, кажаа дека целиот случај е монтиран за пари и дека во случувањата се вклучени високи функционери од Управата за безбедност и контраразузнавање. Кои се вашите сознанија како адвокат на најголем дел од обвинетите?Насер Рауфи: Со новиот закон за кривична постапка, ние како одбрана немаме започнато да ги изведуваме нашите докази. Такви тврдења беа нафрлени во судницата, беше кажано, исто така, дека и водачите на групата биле отпосле егзекутирани, беше кажано дека тие практично се жртви и дека се наместени да бидат таму, но никој не кажа дека имал намера да војува односно да прави тероризам. Овие луѓе се манипулирани од тајните служби, не само од македонската тајна служба, туку од повеќе тајни служби. Самото обвинение кажува дека овие дејствија биле започнати од јануари, односно тие се прислушувани со Посебни истражни мерки од јануари. Сега се поставува едно прашање, зошто не превенирале нашата Управа за безбедност и контраразузнавање и нашето Биро за јавна безбедност, зошто не превенирале во смисла на тоа што знаеле кои лица ќе влезат во Македонија, точно се знаело кој влегува во Македонија, по име, по презиме, по фотографија. Тие знаеле и кој ќе влезе и каде ќе влезе и каде ќе биде стациониран. Цело Куманово ги гледало лицата како се вртат низ градот, како купуваат леб во црни униформи, во униформи на УЧК. Тогаш беше закажан и конгрес на ВМРО-ДПМНЕ. Ова беше направено за да се дефокусира јавноста од „бомбите“ кои беа во оптимум тој период, се сеќавате беше закажан и големиот опозициски протест на 17-ти мај, а овој се случи на 8 мај, односно наредено е да се изведе акцијата. Меѓутоа кај имате вие тука тероризам, пасивен тероризам, тука не се нападнати нашите специјални единици од страна на вооружената група, туку е обратно. Кај сте виделе тероризам каде што се напаѓаат терористите. Воопшто не била намерата да се војува туку намерата била да се направи една атмосфера, некоја вонредна состојба за да се дефокусира јавноста од актуелностите.
Макфакс: Службите рекоа дека го пресекле процесот на дејствијата со тоа што ја нападнале групата, бидејќи подоцна таа ќе нападнела полициски станици, други објекти како класичен тероризам?Насер Рауфи: Не е точно, бидејќи групата имала подготвено едно соопштение, токму на овие што јас ги бранам, се работи за 14 обвинети, кое требало да излезе во јавност дента во 12 часот. Пресретнато е да не се објави соопштението со коешто ќе се покаже дека намерата не е да се направи некој конфликт, да се изврши напад или атентат, или нешто слично, како што се прикажува во обвинението, туку да се избори за некое договарање по однос на правата на албанската популација во тој дел, која е посебно загрозена, во смисла на Охридскиот рамковен договор.
Макфакс: Тоа значи дека во зародиш била нова АНА?Насер Рауфи: Да. Со соопштението требало да се каже дека немаат намера да војуваат.
Макфакс: Како групата планирала да се избори за правата на Албанците во тој дел?Насер Рауфи: Со тоа што би направиле нешто како ситуацијата во Кондово, тактиката беше да се заземе одредена територија, практично тука се работеше за неколку улици, во Дива населба, каде што ќе се обезбеди терен и ќе се дојде до некои преговори за Охридскиот рамковен договор.
Макфакс: Од она што може да се види, Албанците во Куманово не се обесправени.Насер Рауфи: Зборувам за формата што требало да се развие, суштината е тајната служба да го реализира ова да се направи атмосфера на едно ненормално живеење, небезбедност.
Макфакс: Во јавноста беа објавени разговори меѓу водачот на групата, Мирсад Ндрецај и еден агент од тајните служби. Целата ситуација изгледаше како да имало некој договор, но дека излегол од контрола?Насер Рауфи: Не би рекол дека е излезено од контрола но имало манипулација. Според мене, нема ниеден рационален и разумен човек кој би отишол да загине, туку им се дадени гаранции дека ќе бидат во Македонија колку да го објават тоа соопштение и како што влегле безбедно, така и ќе излезат. Сценариото било дека соопштението ќе се објави, меѓутоа изиграна е и групата и е нападната со цел да се ликвидира. Друга е темата дека акцијата е лошо изведена и има последици. На самиот брифинг на полицајците не им било кажано колкава е групата, тука се манипулирани, не им е кажано дека групата е вооружена, во тоа сум сигурен. Намерно не им е кажано и се сакало да дојде до такви последици, да дојде до ескалација. Македонските полицајци се жртвувани.
Макфакс: Според вашите информации, дали е точно дека полицијата тргнала во акција за дрога?Насер Рауфи: Да, точно е. Кажано им е дека има криминална група, дека ќе се извршат претреси.
Макфакс: Какви цели требало да оствари групата?Насер Рауфи: Во делот каде нема рамноправност на Албанците, акцентот е ставен на монтираните процеси, судството, за мафијашкиот систем, целиот систем кај нас е мафијашки. Секоја држава има мафија, кај нас мафијата ја води државата. Тоа е голема разлика.
Групата е манипулирана, но македонската тајна служба сигурно ги знаела последиците. Во таа ситуација праќаат единица за брзо распоредување, а специјалци праќаат за студентите. Зошто не ги пратиле „тигрите“?
Макфакс: Дали овие лица биле закана за одредени политичари и се испратени да бидат егзекутирани?Насер Рауфи: Има и такви верзии и во нив јас верувам, дека некому од политичарите, на високи функционери некои од овие припадници им пречеле и имале интерес да бидат ликвидирани, меѓутоа дека била целта овие да се егзекутираат јас во тоа гарантирам . Друго е што на нашите безбедносни сили не им е кажано тоа и тие отишле таму како за претрес на куќи без никаква заштита. Од таму и таков лош епилог и јас се изненадив кога (тогашната министерка за внатрешни работи Гордана) Јанкулоска излезе и рече дека ова е успешна акција. Па јас да сум водев ќе бише поуспешна. Тоа е акција водена со точна намера да има жртви, тоа е еден масакр со умисла. Чудо е како нема повеќе жртви, имајте предвид дека педесетина се повредени со тешки повреди. Можело да дојде во вистински масовен масакр, најверојатно тоа го планирале.
Макфакс: Дали српските тајни служби имале интерес и за случувањата во Дива населба?Насер Рауфи: Мислам дека минимум се организирани, нашата тајна служба, со српската и со косовската тајна служба, инаку од каде ѝ податоци на нашата тајна служба кои се лицата, од каде се… тоа им го дале веројатно косовските служби… Тука се вмешани трите служби и тие знаеле за целата ситуација.
Макфакс: Со оглед на доказите кои ги имате и контактите кои ги имате со лицата од групата, вие носите заклучок дека македонската тајна служба жртвувала осум животи со можност да бидат жртвувани многу повеќе со цел да се спасат нечии интереси. На какви интереси мислите, кој требало да биде заштитен и кое било сценариото?Насер Рауфи: Засега би рекол дека има можност за такво сценарио, јас во тоа верувам. Индициите тоа го покажуваат, но, сепак, да ги почекаме доказите, првенствено излагањата на обвинетите, па сведоците, па други наши докази кои ги подготвуваме. Меѓутоа, има такви индиции дека сценариото е на тајните служби, бидејќи не само она што се појави на Јутјуб, иако некој ќе каже па тоа му е работа на припадник на тајните служби да се инволвира во групата, сепак има показатели дека некои лица ги посочиле со име со презиме дека учествувале со дејствија.
Макфакс: Лица од УБК преземале дејствија за да се организира масакр?Насер Рауфи: Да, да, ние тоа ќе го докажеме. Засега се тоа индиции, но тоа ќе го предложиме како доказ и верувам дека тоа ќе го докажеме дека се инволвирани лица од УБК кои имале интерес да се случи она што се случи.
Макфакс: Дали ДУИ се плаши од вас како адвокат, односно дека знаете „малку повеќе“ и дека може да се извадат некои докази за нив?Насер Рауфи: Ако некој се плаши од некого, тоа е некој кој е инволвиран и кој знае дека тоа ќе се докаже. Јас досега сум немал некои притисоци, односно нешто што може да се смета како сериозно.
Макфакс: Дали има доказ дека на групата ѝ се платени два милиона евра за акцијата, како што се тврдеше?Насер Рауфи: Како материјални докази нема такво нешто, а како вербални да. Предложивме такви сведоци, но јас не верувам дека ова е сторено за материјални интереси. Не ја исклучувам можноста дека „командант НАТО“ и Бег Ризај зеле пари, но на другите не им било кажано дека некој зел пари.
Макфакс: Вие баравте овој случај да го преземе Специјалното јавно обвинителство, но Судот го одби барањето. Дали сте имале некои контакти со СЈО?Насер Рауфи: Во овој предмет има разговори кои се прибавени на незаконски начин и затоа ние бараме овој предмет да го преземе СЈО. Јас не верувам во ова наше обвинителство или судство, јас верувам само на СЈО. Мислам дека СЈО го работи овој предмет. Можеби упадот во УБК бил и за овој предмет. Мислам дека се прибавени дел од доказите, мислам дека ќе го работи и овој предмет СЈО и дека ќе го разреши.
(Продолжува)
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје
Денеска со почеток од 12 часот од страна на Сојузот на синдикати на Македонија ќе биде одржан протест пред Стопанска Комора на Р.С. Македонија на улицата „Димитрие Чуповски“ и улицата „Даме Груев“ и сообраќајот ќе биде пренасочен по околните сообраќајници.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на Град Скопје.
„Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници“, велат од МВР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Адвокатите на Заев вршеле притисок, предметот „Пуч“ останал неотворен во СЈО
Специјалното јавно обвинителство (СЈО) наместо како независнa институција, функционирало како партиски штаб на СДСМ, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до јавноста, повикувајќи се на изјави од поранешната обвинителка Лејла Кадриу.
Според Кадриу, четворица адвокати на Зоран Заев во времето на СЈО вршеле притисок врз обвинители за предметот „Пуч“.
„Во СЈО дошле 4 адвокати на Зоран Заев, да ги убедуваат обвинителите да се пуштат лица од притвор за предметот „Пуч“. Биле убедувани да дадат позитивно мислење за да може предметот да се преземе од ОЈО ГОКК, за да може предметот да биде работен од СЈО“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што се наведува, предметот потоа бил донесен во СЈО, спакуван во кутии и фолија, и доделен на обвинителките Ленче Ристоска и Лиле Стефановска, но не бил процесуиран.
„Предметот бил оставен да фаќа прашина, а обвинителките не оделе на рочиште, што според обвинителката Кадриу, тој предмет и денес ако се најде, се уште би бил со заштитна фолија, ниту отворен, ниту разгледан. Кадриу тврди дека предметот бил префрлан и чуван без суштинска постапка, што отвора сомнежи за неговото реално процесирање“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Кадриу посочува и дека најмалку уште два предмети, меѓу кои случаите поврзани со Гордана Јанкуловска и Нешковски, биле политички мотивирани и користени за постигнување одредени политички цели, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат Јавното обвинителство да ги истражи наводите темелно и непристрасно, со цел, како што наведуваат, да се утврди вистината и евентуалната одговорност.
Македонија
СДСМ: Владата сака авион за Мицкоски, но не и 600 евра минимална плата
СДСМ обвини дека Владата ги игнорира барањата за покачување на минималната плата на 600 евра, додека истовремено најавува набавка на нов владин авион.
„Додека над 200.000 работници едвај врзуваат крај со крај, а вредноста на синдикалната кошница одамна надмина 66 илјади денари, Владата одбива да ја покачи минималната плата на 600 евра“, се наведува во партиското соопштение.
Според СДСМ, пратениците од коалицијата ВМРО-ЗНАМ го блокираат предлог-законот за зголемување на минималната плата и поддршка на компаниите, поднесен од оваа партија. Партијата оценува дека со тоа директно се ускратува финансиска помош за работниците и стопанството.
„Владата сака да купи нов авион за Мицкоски, за нови туристички патувања, како она во Давос“, стои во соопштението, во кое се наведуваат и споредби со луксузите од времето на Никола Груевски, како и со, како што велат, личниот луксуз на актуелниот премиер.
СДСМ истакнува дека ќе продолжи да се бори за „економска правда и враќање на достоинството на граѓаните“.

