Македонија
Судот го одбил барањето на СЈО за замрзнување трансакциски сметки на фирма
Основниот суд Скопје 1 информира дека го одбил барањето од Специјалното јавно обвинителство за изрекување забрана за користење на трансакциските сметки на правно лице опфатено во предметот „Трезор“, најверојатно „Финзи ДООЕЛ“, затоа што од СЈО не доставиле комплетно барање.
„Судија на претходна постапка на 29.09.2016 година го доби предлогот од СЈО со кој обвинителството предлага мерка забрана за користење и располагање со трансакциска сметка на правно лице согласно член 202 ст. 1 и 2 од ЗКП со која мерка се бара забрана за користење и располагање на сите трансакциски сметки на конкретното правно лице која ќе трае сѐ до правосилно завршување на кривичната постапка, со цел да не биде доведена во прашање наплата на имотно правно побарување за надомест на штета.Судијата на претходна постапка, во законски утврдениот рок од 12 часа по добивање на предлогот, односно истиот ден 29.09.2016 година, откако увиде дека предлогот е некомплетен, до СЈО достави барање да се уреди конкретниот предлог на начин што ќе се наведат банките и трансакциските сметки на правното лице, бидејќи обвинителот во барањето изоставило да ги наведе и барањето е општо и неопределено за кои сметки и за кои банки се однесува“, соопштија од судот, и додаваат дека барањето на СЈО се заснова на погрешен член од законот, па затоа судијата побарал од СЈО да се наведат точни податоци.„СЈО на 03.10.2016 година до судијата доставил одговор дека за претходно наведеното не се во можност да достават уреден предлог, но сега се повикуваат по член 200 ст.7 од ЗКП, иако претходниот предлог го поднеле по сосема друг член, од причини што наведуваат дека за барањето за податоци се обратиле до одредена банка од каде се уште не добиле одговор, а кога ќе ги добијат бараните податоци ќе поднесат уреден предлог по точниот член од ЗКП кој им го преточи судијата“, соопштија од судот.Специјалното јавно обвинителство покрена нова истрага под работно име „Трезор“, во која се разоткрива како Управата за безбедност и контраразузнавање набавува опрема со посредник, поскапо за вкупно околу 862.000 евра, и плаќа непотребно за нејзино одржување, иако таа е со истечена лиценца и не е во функција.Со новата истрага осомничени за злоупотреба на службена положба се три лица од Управата за безбедност и контраразузнавање и едно лице од Министерството за внатрешни работи, кои преку правното лице „Финзи ДООЕЛ“, чиј директор извесен период бил и сведокот, сега починатиот Коста Крпач, од Велика Британија нарачува електронска и комуникациска опрема, со цена повисока за околу 862.000 евра. /крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и на Стража
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, извести АМСМ.
Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на планинскиот превој Плетвар, а до 80 метри на планинскиот превој Стража.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.
Македонија
Без струја денеска дел од Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00-15:00 часот дел од улицата Тиквешка, улицата Нов Живот, улицата Индира Гранди, улицата Брсјачка Буна, улицата Овчеполска, улицата Пелагонија, улицата Демирхисарска, улицата Злетовска, улицата Слан Дол, улицата Хаџи Јован Шишков, општина Шуто Оризари.

