Македонија
Транспаренси Интернешнел бара да се испита дали МОН ненаменски трошело пари
Транспаренси Интернешнел Македонија ги повикува надлежните инситуции да постапат по наодите од конечниот извештај на овластениот државен ревизор за извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Министерството за образование и наука на сметката на основниот буџет за 2015 година, според кој се констатирани бројни неправилности при вработување на лица и ненаменско трошење на јавните пари кои ова министерство ги имало на располагање.
„Имајќи предвид дека Извештајот на Државниот завод за ревизија содржи основани сомневања за сторени неправилности кои во себе содржат обележја на одредени кривични дела, загрижувачки е тоа што надлежните институции сè уште не реагираат на нив. Го повикуваме ДЗР согласно Законот за државната ревизија да го достави извештајот до Државната комисија за спречување на корупцијата и до ЈО на Р. Македонија со цел за нивно натамошно надлежно постапување“, велат од Транспаренси.Од Државната комисија за спречување на корупцијата велат дека го разгледуваат извештајот на Државниот завод за ревизија и дека ќе излезат со свои препораки по наодите. Од друга страна пак, министерот за финансии Кирил Миноски, вели дека не е запознаен со случајот. „Треба внимателно да го погледнам извештајот. Државниот завод за ревизија треба да го достави до нас и ќе го разгледаме извештајот“, вели Миноски.Министерството за образование и наука минатата година трошело огромна сума на државни пари на хотели, ресторани, превоз, како и на плати за вработени, за кои нема соодветна документација, обелодени Државниот завод за ревизија во најновиот извештај. Неправилното работење и пропустите се случувале за време на мандатот на поранешниот министер Абдилаќим Адеми и актуелниот Пиштар Љутфиу.Имено, ревизијата утврдила дека министерството потрошило 2 милиони 466 илјади денари на плати за седум административни службеници вработени во министерството, иако за нив немало докази за присуство на работа.Во текот на 2015 година, кога на чело бил Адеми, во МОН биле ангажирани 62 лица по договор за дело, од кои 26 лица биле вработени во кабинетот на министерот без согласност од министерството за финансии и за нив биле исплатени 4.361.000 денари.Слична е ситуацијата и при проектот за изградба и опремување на 145 училишни спортски сали, каде без согласност од Министерството за финансии биле ангажирани 13 лица со кои биле склучени договори за дело за временски период од 5 години, а за што биле одвоени 6. 330.000 денари. За хотелско сместување за вработени и гости од странство биле исплатени вкупно 861.000 денари без патни налози, покани за гостите, агенда за настаните и слично, а од нив 707.000 денари се платени за сместување во хотели со категорија од пет ѕвезди. Потоа, потрошени се 240.000 денари за такси превоз кој во најголем дел е користен од страна на вработените надвор од работното време, констатира ревизијата. За гориво, пак, биле потрошени 5.414.000 денари без поединечни налози за користење на патничките автомобили за службени обврски без да се утврди начинот и намената на нивното користење, односно кој го користи возилото.За угостителски/ресторански услуги се потрошиле 5.151.000 денари , исто така, без соодветна документација, од којашто не може да се утврди видот и намената, а од нив, 847.000 денари се однесуваат за набавка на прехранбени производи. Ревизијата истакнува дека ваквите трошоци во тековната 2015 година се двојно зголемени во однос на 2014 година./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

