Македонија
Дваесет и една година од атентатот врз Киро Глигоров, истрага без резултати

Дваесет и една година се навршуваат од атентатот врз поранешниот претседател на Македонија Киро Глигоров, извршен во Скопје, а нарачателите и извршителите, официјално, сé уште не се познати,односно истрагата останата на моментот против непознат сторител.
На 3 октомври 1995, во самиот центар на македонската престолнина беше извршен терористички атак со автомобил–бомба „ситроен ами 8“, активирана во моментот кога возилото на првиот претседател на неза висна Република Македонија минуваше на пат до претседателскиот кабинет, сместен во зградата на парламентот.Глигоров го преживеа атентатот со тешки повреди во пределот на главата. На местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден неговиот телохранител Илчо Теовски. На повредите подоцна им подлегна и Ристо Хаџиманов, кој бил случаен минувач.Во атентатот извршен со повеќе од 20 килограми моќна експлозивна мешавина од неколку вида експлозиви, Глигоров го загуби едното око, но преживеа и по неколку месеци продолжи да ја извршува функцијата.Истрагата спроведена од македонските служби за безбедност веднаш по атентатот е направена со многу формални и неформални пропусти, така што до денес, официјално, нема ниту осомничени, ниту обвинети лица.Според официјалните полициски информации, во врска со атентатот биле легитимирани 188.250 лица, се извршила контрола на 115.000 моторни возила, биле претресени 18.929 граѓани и 30.850 возила. Во исто време биле прегледани 15.000 објекти и 20.250 различни моторни возила.Атентатот се случи еден ден по враќањето на Глигоров од Белград, каде беше на разговори со тогашниот лидер на Србија Слободан Милошевиќ и само неколку дена пред ратификацијата на привремената спогодба со Грција.Тогашен премиер беше Бранко Црвенковски, претседател на парламент Стојан Андов, министер за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски, шеф на Службата за државна безбедност Слободан Богоески…Првиот ден на 3-ти октомври во попладневните часови, Македонската телевизија објави дека во близина на местото на атентатот „биле забележани две сомнителни лица со бради“ , кои со „еено 9“ со велешка регистрација, се упатиле во непознат правец.Дури дваесет иеден ден по атентатот, Фрчкоски излезе во јавноста со сомневања дека зад атентатот стои бугарската компанија Мултигруп. Подоцна оваа теза се покажа сосема погрешна и беше напуштена. Легендарниот шеф на компанијата, Илија Павлов, кој самиот стана жртва на атентат во март 2003, беше и лично кај Глигоров, да го убеди дека нема ништо со атентатот од 3-ти октомври 1995-та.По повеќе години по атентатот врз Глигоров, некои од тогаш клучните лица кои биле на функции или биле инволвирани во истрагата тогаш или подоцна, како што се Фрчкоски или екс министерот за внатрешни работи Павле Трајанов, тврдат дека најмалку испитана опција во истрагата била таа, дека зад атентатот стојат српски воено-полициски кругови.Десет години по атентатот, многу лица кои на некаков начин беа поврзани со самиот настан или со подоцнежната истрага, веќе не се меѓу живите или пак формално се водат како исчезнати.Киро Глигоров (Штип, 3 мај 1917 – Скопје 1 јануари 2012) беше прв претседател на самостојна и независна Република Македонија. Тој беше на чело државата од 1991 до 1999, односно два претседателски мандати. Глигоров за овој настан напиша и книга „Атентат-ден потоа“ објавена во 2002 година./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Министерот за здравство се вакцинираше против грип: Апелирам граѓаните навреме да се заштитат

Министерот за здравство, Азир Алиу денеска го посети одделението за епидемиологија во Гостивар, каде и тој прими вакцина против сезонски грип.
-Денес сум во мојот роден Гостивар, каде се вакцинирав и преку личен пример сакам да ја истакнам важноста од навремената вакцинација, како најефикасна превентивна мерка за заштита на здравјето. Апелирам граѓаните навреме да се заштитат од сезонскиот грип, посебно ги повикувам лицата, кои спаѓаат во ризични групи население да се пријават преку апликацијата vakcinacija.mk или кај својот матичен лекар, истакна при посетата министерот Азир Алиу.
На ниво на држава, досега се пријавени околу 49.000 граѓани за вакцинација против сезонски грип. Првиот ден се вакцинирани над две илјади лица.
-Ова е навистина голем интерес, што покажува зголемена свесност за значењето за заштита од грип, и уште еднаш ја потврдува важноста и потребата од оваа превентивна мерка. Министерството годинава годинава набави најголем број вакцини против сезонски грип – 80.000 дози четиривалентна вакцина од реномираниот производител „Абот“ од Холандија, истакна Алиу.
Со бесплатната вакцинација се опфатени ризичните категории население, како што се повозрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лицата сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во овие установи.
Македонија
МВР: Во целост ја гарантираме безбедноста на граѓаните во насока на спроведување на фер и демократски „Локални избори 2025“

Министерството за внатрешни работи во пресрет на „Локални избори 2025“ континуирано презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес.
„Согласно направените проценки и воспоставените планови на денот на изборите полициските службеници ќе бидат присутни во близина на локациите на избирачките места, како и на клучните сообраќајни точки, со цел зголемена ефикасност и навремено откривање на можни нарушувања на јавниот ред и мир. Безбедноста на граѓаните ќе биде гарантирана со стандардните материјално технички средства, мобилни тимови и пунктовско работење, а ќе се користи и современа технологија – дронови за воздушна контрола со цел побрза реакција и преземање на соодветни мерки и активности во случај на инциденти“, велат од Министерството за внатрешни работи.
МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера, да ги почитуваат упатствата на полициските службеници и да се воздржат од било какви активности кои би можеле да го нарушат изборниот процес.
Во текот на изборниот ден, МВР соодветно ќе ја информира јавноста за одвивањето на изборниот процес.
Македонија
Филипче: Прочитан е Мицкоски, обидот за партизација на судството нема да помине

„На Мицкоски му одговара партизирано судство преку кое ќе може да влијае на одлуките, и тоа не е ништо ново, граѓаните веќе го виделе тоа, а некои и го почувствувале на своја кожа“, истакна претседателот на СДСМ Венко Филипче на граѓанскиот собир „Се бориме за нашиот дом“ во Чучер Сандево.
Филипче нагласи дека Мицкоски очигледно нема волја за реформа на судството, а одговорноста е исклучиво само кај него.
„Од уста не ги вади обвинителите, судиите, на кои им се закануваше јавно дека ќе ги избрка, дека ќе ги замени со други, дека не ја заслужуваат платата, но ништо суштински не презема за да се реформира правосудството. Театрални изјави без ниту еден донесен закон од реформската агенда за вистинско реформирање на правосудниот систем“, рече Филипче, додавајќи дека оваа власт не мисли добро на народот и државата.
„Власта на ВМРО-ДПМНЕ ја турка државата назад – во изолација, хаос и страв. Тие не нудат визија, нема иднина, го нудат минато. Го партизираат секој систем, ги злоупотребуваат институциите, ги забораваат граѓаните. Наместо ред и развој, ароганција, луксуз, корупција“, рече Филипче, нагласувајќи дека борбата за нашиот дом е борба за вредности и достоинство.
„Македонија не се брани со пароли и навреди, туку со резултати, со силни институции и со чесна власт. Овој патриотизам на Мицкоски со викање, навреди, поделби на народот и национализам не може да донесе ништо добро на државата и граѓаните. И токму затоа, СДСМ мора повторно да стане гласот на разумот, на народот и на иднината. Да ја врати државата таму каде што ѝ е местото — во рацете на граѓаните“, порача претседателот на СДСМ Венко Филипче од граѓанскиот собир во Чучер Сандево.