Македонија
Сообраќајот се одвива по суви коловози

Сообраќајот на сите патни прваци низ државата се одвива без забрани, по претежно суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.
АМСМ со препорака за внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација, возачите внимателно и со намалена брзина да пристапуваат кон местата на кои се изведуваат работи на пат и да се придржуваат кон упатствата од новопоставената сообраќајна сигнализација.
Посебно внимание е потребно низ клисурите, каде постои можност за појава на одрони кои наместа може да го попречат движењето на возачите. крај/амсм
Извор: amsm
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обвинето едно лице за насилство врз градоначалничката на Скопје

По целосно испитување на настанот, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против едно лице за кривично дело – Насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На 11 јули, на улицата „Севастополска“ во Скопје, обвинетиот извршил грубо насилство врз градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, со кое предизвикал телесна повреда кај оштетената и чувство на несигурност, загрозување и страв во јавноста.
Додека градоначалничката заедно со овластени службени лица, присуствувала на локација по претходна пријава на граѓани во врска со бесправно градење и неовластено приклучување на водоводна и електропреносна мрежа на објект, обвинетиот пристигнал со електричен тротинет и ѝ се приближил заканувачки.
Потоа физички ја нападнал, удирајќи ја најпрво по лицето и раката, а потоа со нога во пределот на левата потколеница. Откако присутните униформирани полициски службеници реагирале да го спречат во намерата, продолжил и вербално да ја навредува и да и се заканува.
Јавниот обвинител до Судот достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот, за кој и натаму постои опасност да се даде во бегство или да го повтори делото.
За истиот настан, за насилство со вербални закани кон градоначалничката беше пријавено уште едно лице, меѓутоа по прибирање на сите докази, вербалните искази на сведоците и оштетените, како и извршеното препознавање со соочување се утврди дека оштетените не го препознаваат пријавеното лице како сторител на заканувачки и насилнички дејствија кон нив.
Бидејќи не постојат материјални и вербални докази од кои неспорно би се утврдила кривична одговорност на второпријавениот за конкретното кривично дело, јавниот обвинител донесе решение за отфрлање на кривичната пријава против него и на судот му предложи да ги укине претходно определените мерки на претпазливост за тоа лице.
Македонија
Пуштен во употреба теренот на фудбалскиот стадион во Илинден

Со одигрување фудбалски натпревар беше пуштен во употреба теренот на фудбалскиот стадион во општина Илинден. Капитална инвестиција што ја реализираше Општина Илинден во соработка со Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Овој проект претставува едно од најзначајните инфраструктурни вложувања во спортот на локално ниво и е симбол на континуираниот развој на општината.
Стадионот е изграден согласно сите современи стандарди за одржување на фудбалски натпревари, вклучително и критериумите на УЕФА. Тој е дел од развојниот план на Општина Илинден и од предизборната програма на градоначалникот Александар Георгиевски, што претставува уште едно целосно исполнето ветување.
На отворањето присуствуваше градоначалник Георгиевски, заедно со претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, пратеничката Драгана Бојковска, како и директори и советници. Градоначалникот во своето обраќање гордо истакна дека со отворање на новиот стадион, Илинден добива повеќе од само спортски објект – добива центар за заедништво, младински развој и спортски дух.
„Илинден доби модерен фудбалски стадион, изграден по сите европски стандарди. Ова не е само терен, туку симбол за посветеноста кон младите, спортот и иднината на нашата општина“, истакна градоначалникот Георгиевски.
Проектот опфати комплетна реконструкција и проширување на фудбалскиот терен со поставување на нова вештачка трева и нова заштитна ограда, како и изградба на систем за дренажа и одводнување, со што ќе се добие професионална подлога за одржување на фудбалските натпревари. Во следната фаза ќе биде изградена нова трибина со капацитет од 1100 гледачи, како и нови административни и технички простории, соблекувални и стадионско осветлување. Исто така, ќе се изградат паркинг места, а хортикултурно ќе биде уреден и просторот околу стадионот.
Илинден доби спортски капацитет со кој ќе се задоволат потребите на пошироката заедница. А општината ќе продолжи да вложува во унапредување на спортско-рекреативните капацитети, со што ќе се поттикне здравиот начин на живот помеѓу младите.
Македонија
Општинa Ѓорче Петров: Нови услови и спортска сала за учениците во Хром

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, изврши увид во тековните градежни активности во ООУ „Димитар Поп Георгиев – Беровски“ во населбата Хром, каде се реализира значајна инвестиција од 1.500.000 денари за унапредување на образовната инфраструктура.
„Во рамките на проектот се изведуваат работи на нов влез со пристапна рампа, скали и патека, адаптација на простор за нова трпезарија и кујна, реновирање на стариот дел од училиштето, проширување на ходниците и санација на оштетените делови од кровот.
За првпат во историјата, ова училиште доби и спортска сала, што ќе овозможи подобри услови за развој на спортските активности и здрав начин на живот кај учениците“, велат од Општината.
Градоначалникот Стојкоски истакна дека унапредувањето на образовната инфраструктура останува еден од главните приоритети на општината и дека летово ќе продолжат активностите и во останатите училишта на територијата на Општина Ѓорче Петров.
„Секое дете заслужува услови достојни за раст и учење. Со оваа инвестиција и натаму го остваруваме нашиот план за обезбедување современи и безбедни училишта, во кои децата ќе имаат можност да се развиваат во здрави и квалитетни услови“, рече градоначалникот.
Општина Ѓорче Петров продолжува со сериозна и одговорна работа, за иднината на најмладите граѓани.