Македонија
ЈО отворило истрага за МИТ, сопственичката обвинува дека Андонов има сериозна дијагноза
Основното јавно обвинителство Скопје отворило истрага за работата на МИТ Универзитетот по поднесени претставки на студенти од Турција кои реагирале дека биле измамени и дека се запишале на факултети кои немале добиено акредитација или дозвола за работа од Министерството за образование и наука.
Ова е тврдењето на Обвинителството кое попладнево излезе со соопштение за јавност, но од друга страна, сопственичката на МИТ Универзитет, Билјана Апостолова излезе во јавноста со сериозни обвинувања за дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, Оливер Андонов, но и за професорот Тони Науновски кој се појавува како експерт, поддржувач на владините политики.Во изјава за медиумите, Апостолова тврди дека истрагата за овој случај е отворена по нарачка на Андонов, кој претходно беше професор на овој Универзитет и обвини дека тој и претходно и се заканувал и нејзе и на неговите колеги.Апостолова изјави дека Андонов имал сериозна дијагноза со којашто не можел да работи ниту како професор, ниту, пак, како министер. Сопственичката на Универзитетот обелодени и дека професорот Тони Науновски кој се појавува како експерт, поддржувач на владините политики, малтретирал колеги и студенти од понежниот пол. Со Андонов имале проблеми од 2013 година, неколку пати бил опоменуван заради непристојно, недолично и неакадемско однесување. „Приватна високообразовна установа не смее да зазема политички страни. Андонов континуирано не доаѓаше на работа служејќи на други свои дејности, постојано беше на телевизија. Беше казнет 10 или 15 отсто од плата, донесе боледување со дијагноза која не соодветствува за вклучување во научно наставен процес“, рече Апостолова.За Науновски, пак, тврди дека малтретирал колеги и студенти од понежниот пол и дека една вработена си заминала од Универзитетот поради тоа.Апостолова рече дека Андонов и Науноски при оставките кои си ги дале од МИТ, поднеле и сериозни обвинувања за правниот факултет и факултетот за психологија при универзитетот.Полицијата во средата вршеше претреси во МИТ Универзитетот и на други локации за прибирање на релевантна документација, податоци и други предмети, кои ќе се користат како докази во кривична постапка.Како што соопштуваат од ЈО, до Државниот просветен инспекторат биле поднесени 20-тина претставки од студенти на Универзитетот, кои потекнуваат од Турција. Реакции имало и од Амбасадата на Република Турција во Скопје, а во врска со студирањето на одделни факултети за кои Универзитетот нема добиено акредитација или дозвола за работа од Министерството за образование и наука.„Првичните сознанија на Обвинителството упатуваат на тоа дека на Универзитетот биле запишувани поголем број студенти на факултети за дентална медицина, козметологија и физиотерапија. Со проверка е утврдено дека оваа високообразовна институција не поседува дозвола за работа за Факултет за дентална медицина, додека за Факултет за козметологија и физиотерапија нема ниту дозвола, ниту акредитација.За студентите кои биле запишувани да студираат на овие факултети во факултетската документација се водела паралелна евиденција – покрај онаа за коресподенција со студентите, друга за отчет пред државните институции“, тврдат од Обвинителството.Основното јавно обвинителство – Скопје продолжува со преземање на дејствијата со цел расветлување на овој предмет, каде постојат основи на сомневање дека преку злоупотреба на службена положба и измама е вршен финансиски криминал. Со цел да не се попречи работењето на Универзитетот и правото на студирање на студентите запишани на оние факултети за кои Универзитетот поседува акредитација и дозвола за работа, Обвинителството уште денеска, по преземени неопходни дејствија, ќе ја врати компјутерската опрема во оваа високообразовна институција./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР апелира до возачите да внимаваат поради маглата
Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска упати апел до сите учесници во сообраќајот крајно внимателно да ги управуваат своите возила во услови на намалена видливост, како и воопшто да не седнуваат зад воланот доколку консумирале алкохол на предновогодишни забави и семејни веселби.
Оттаму информираат дека на територијата на Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје во периодот од 15 до 20 декември биле констатирани 53 сообраќајни несреќи и дека сообраќајните контроли на полицијата продолжуваат со несмален интензитет.„Апелираме и до учесниците во патниот сообраќај да бидат внимателни и во целост да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, задолжително да поседуваат зимска опрема и да не седнуваат зад воланот под дејство на алкохол. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат законските прописи и да соработуваат со полицијата. Сите нарушувања на јавниот ред и мир да ги пријават во полициска станица или преку телефонските броеви 192 или 112“, велат од МВР.
Од Министерството се осврнуваат и на активностите што се преземаат против употребата на пиротехнички средства. Мерките, велат, се спроведуваат со засилена динамика, имајќи го предвид фактот дека употребата на овие опасни средства е карактеристична за периодот околу Нова година.
Целта, додаваат оттаму, е да се зголеми свеста кај младите, но и кај нивните родители, дека петардите не се играчки, туку опасни средства кои можат да нанесат ненадоместливи и трајни последици по здравјето.
Македонија
Кисела Вода со прочистувачи ќе го чисти воздухот во градинките
Во градинките на територијата на општина Кисела Вода се поставуваат прочистувачи за воздух. Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, ја посети градинката „Синоличка“ при ЈДГ „Весели цветови“, една од градинките каде што веќе се поставени прочистувачи.
Како што соопшти Општина Кисела Вода, при посетата, таа разговарала со вработените за значењето на оваа мерка, која директно придонесува за подобрување на условите за престој, како и за заштита на здравјето и благосостојбата на најмладите.
Покрај во градинките, прочистувачи за воздух се поставени и во спортската сала во ООУ „Невена Георгиева Дуња“, како и во ПОУ „Кузман Јосифовски – Питу“.

-Оваа активност е дел од пошироката стратегија на Општина Кисела Вода за создавање почиста и поздравa животна средина, особено во објектите каде што секојдневно престојуваат деца и млади. Општина Кисела Вода и претходно презеде низа конкретни чекори во оваа насока, посочуваат од Општината.
Оттаму додаваат дека прочистувачи за воздух биле поставени во сите училници во сите основни училишта на територијата на општината, како и во поголемите паркови, со цел да се подобрат условите за престој и секојдневно функционирање на граѓаните.
-Грижата за здравјето на нашите најмлади е еден од нашите највисоки приоритети. Со поставувањето на пречистувачи за воздух во градинките, училиштата и спортските објекти, создаваме поздрави услови за престој и развој на децата. Ова е дел од стрстегијата на Општина Кисела Вода за почиста животна средина и за подобар квалитет на живот за сите наши сограѓани, заложба од која нема да отстапиме, изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
Македонија
Откажани и одложени повеќе летови на Меѓународниот аеродром Скопје
Маглата го отежнува авиосообраќајот на скопскиот аеродром, каде, според податоците од официјалната веб страница, има повеќе откажани и одложени летови.
На официјалната страна на Меѓународниот аеродром Скопје, од утринава откажани се летовите Истанбул, Измир, Венеција и Љубљана, како и повеќето полетувања.

Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, вчера од 00:00 часот до 18 часот, како што информираа од ТАВ Македонија имло 16 откажани и 11 пренасочени летови, додека три авиони слетале и три авиони полетале после пладне, кога се подобриле временските услови.

