Македонија
Закажано прво судење за случај на СЈО, Грујевски прв ќе седне на обвинителна клупа
Основниот суд Скопје 1 закажа судење на 28 ноември за случајот во кој е обвинет поранешниот шеф на Петтата управа, Горан Грујевски и уште шестмина вработени во Управата за безбедност и контраразузнaвање за уништување списи за работата на системите за следење на комуникациите на 28 ноември оваа година.
Ова судење, ако не се земе во предвид случајот „Пуч“ којшто го презеде СЈО од Републичкот јавно обвинителство, е прво судење закажано за некој од случаите на СЈО, кое досега има поднесено две обвиненија.
Судењето е закажано откако и Апелациониот суд го одби барањето на СЈО да биде изземена судијката Лидија Петровска која ќе го работи овој случај.
Специјалното јавно обвинителство бараше изземање на судијката Петровска, бидејќи нејзиното име се споменува во прислушуваните разговори коишто ги објави опозицијата.
Името на Лидија Петровска беше спомената во разговор меѓу судијката Софија Лаличиќ и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков. Во разговорот Мијалков ѝ соопштува на Лаличиќ дека е избрана за судијка и ѝ кажува дека освен неа за судијка е избрана и Петровска.
Лаличиќ е незадоволна од изборот и коментира дека Петровска била унапредна бидејќи ѝ купувала скапи подароци од брендот „Сваровски“ на сегашната претседателка на Врховниот суд, која претходно беше претседател на Кривичниот суд.
Специјалното јавно обвинителство во петокот пповторно ги достави доказите од Обинението до Основниот суд Скопје 1, а како што информираа во четвртокот доказите нема да ги декласифицираат, како што бара судијката, бидејќи нема законски пречки судот да прими вакви информации и дека актот на декласификацијата би можело да има штетни последици.Во дописот е појаснето и дека во конкретниот случај не е барана декласификација на доказите, поради фактот што со декласификација предложените докази би добиле третман на информација до која се има слободен пристап, со оглед дека се работи за докази кои се поврзани со внатрешната организација и правилата на работење на Управата за безбедност и контраразузнавање и Министерството за внатрешни работи, со актот на декласификација би можеле да настанат штетни последици.
СЈО минатиот четврток по една година ги поднесе првите две обвиненија, едното за вработените во УБК, а второто против поранешниот премиер, Никола Груевски и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески кои се товарат за поттикнување на насилство во протестите во општина Центар пред неколку години. Освен нив, уште три други лица се обвинети за истото дело, а девет лица се товарат дека се извршители на насилство. Овој случај ќе го работи судијката Татјана Михајлова која ќе треба да му суди на поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Таа беше истражна судијка во случајот „Ликвидација“ и му одреди притвор на новинарот Томислав Кежаровски кој беше осуден во овој случај за откривање на идентитет на заштитенм сведок.Овие случаи се работат по скратена постапка и за овие дела е предвидена парична казна или казна затвор од најмногу пет години./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Грипот се шири брзо, раст од над 31 проценти за една недела
Во периодот од 8 до 14 декември, во Република Северна Македонија се пријавени 126 случаи на грип и заболувања слични на грип, што претставува зголемување од 31,3% во споредба со претходната недела, покажуваат најновите податоци од здравствените власти.
Најмногу заболени се регистрирани во Тетово (30 случаи) и Куманово (20), а веднаш потоа следи Македонски Брод (18). Во Скопје се пријавени 15 случаи. Иако по број на пријави не е прв, Македонски Брод има највисока инциденца – 178,0 заболени на 100.000 жители.
Според старосната распределба, најзасегната е групата 15–64 години со 97 случаи. Кај лицата над 65 години регистрирани се 16 случаи, додека кај децата бројките се пониски: 7 случаи кај групата 5–14 години и 6 случаи кај 0–4 години.
Во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) биле тестирани 24 материјали, при што се детектирани 4 позитивни случаи на грип: три Influenza A(H3) и еден Influenza A(H1)pdm09. Дополнително, регистриран е и еден случај на RSV тип B, додека SARS-CoV-2 не е детектиран.
Кумулативно, од почетокот на сезоната 2025/2026, регистрирани се 998 случаи на грип/заболувања слични на грип, што е зголемување од 51,2% во однос на истиот период минатата сезона.
Најголем број пријави има во Гостивар (244) и Куманово (241), а Македонски Брод повторно се издвојува со највисока инциденца – 583,5 на 100.000 жители.
Вакцинацијата против грип останува најсигурна заштита, посочуваат здравствените власти. За сезоната 2025/2026 обезбедени се 80.000 бесплатни четиривалентни вакцини за ризичните групи:
-
лица над 65 години,
-
деца од 6 до 59 месеци,
-
лица со хронични болести,
-
бремени жени,
-
здравствени работници.
Според досегашните податоци, вакцинирани се 78.730 лица (со бесплатни или комерцијални вакцини).
Епидемиолошкиот надзор покажува дека грипот сè уште има спорадична активност низ земјата, а процентот на позитивност е под 10%, што укажува дека сезоната не е во полн интензитет. Сепак, бројот на пријавени случаи постојано расте, па се апелира на зголемено внимание, особено кај ризичните групи.
Министерството за здравство и ИЈЗ препорачуваат:
-
често миење раце,
-
избегнување големи гужви,
-
топло облекување, доволен одмор и внес на течности/витамини,
-
доколку се разболите: останете дома, избегнувајте блиски контакти, покривајте нос и уста при кашлање/кивање и користете заштитна маска при контакт со блиски.
Македонија
Доктор Беќаровски советува: Како да се заштитиме во денови на екстремно загадување
Во денови кога концентрациите на ПМ 2.5 и ПМ 10 честичките се енормно високи, а загадениот воздух станува сериозна закана по здравјето, лекарот Нико Беќаровски преку објава на социјалните мрежи сподели едноставен совет и план за тоа како да се минимизира нивното негативно, потенцијално канцерогено дејство врз организмот.
Според Беќаровски, изложеноста на овие честички не може целосно да се избегне, но може да се ублажи нивното влијание преку секојдневни навики кои го поддржуваат организмот. Тој препорачува денот да започне со чај од диво оригано, во комбинација со додатокот G-132+ Natural.
Пред ручек, како што наведува, корисно е да се консумира зелен чај заедно со витамин Д во доза од 1.000 И.Е., додека навечер советува чај од ѓумбир и куркума, или бел слез, повторно во комбинација со G-132+ Natural.
Дополнително, Беќаровски нагласува дека во текот на денот е важно да се внесуваат најмалку два литра млака вода со парче лимон, а кај лицата без висок крвен притисок може да се додаде и уште една шолја зелен чај.
„Ако не може да се спречи, барем благовремено да се лечи“, порачува Беќаровски, потенцирајќи дека грижата за здравјето е особено важна во периоди на екстремно аерозагадување, кога последиците од вдишувањето на штетните честички може да бидат долгорочни.
Македонија
Мицкоски за Денот на наставата на турски јазик: Образованието на мајчин јазик е педагошка потреба
Премиерот Христијан Мицкоски денеска упати честитка по повод Денот на наставата на турски јазик, посочувајќи дека овој ден нè потсетува дека образованието на мајчин јазик е педагошка потреба, но и длабока цивилизациска вредност и уставна определба.
-Преку јазикот се пренесуваат знаењето, културната меморија и чувството на припадност, а преку училиштето тие вредности се претвораат во заедничко богатство на државата, наведе Мицкоски.
Премиерот посочува дека наставата на турски јазик е дел од нашето историско и општествено наследство и придонесува кон градење образовен систем заснован на почит, еднаквост и меѓусебно разбирање.
-Како Влада, ја разбираме одговорноста да обезбедиме услови во кои секое дете ќе има пристап до квалитетно образование, без разлика на мајчиниот јазик. Инвестирањето во образованието и во наставата на мајчин јазик е инвестирање во довербата, во заедништвото и во иднината на државата. Честит Ден на наставата на турски јазик, додава премиерот во објава на Фејсбук.

