Македонија
Петта ротација на словачки полицајци на границата со Грција
Дваесет и пет припадници на полицијата на Словачка во понеделник, ќе пристигнат во Македонија за да спроведуваат заеднички патролни активности со македонските колеги на државната граница со Грција, информира Амбасадата на Република Словачка во Скопје.
Петтата ротација на 25те припадници на словачката полиција е врз основа на Меморандумот за разбирање помеѓу министерствата за внатрешни работи на Република Словачка и Република Македонија.
Словачките полицајци, како што се наведува во соопштението од Амбасадата на Словачка, ќе спроведуваат заеднички патролни активности со македонските колеги на државната граница со Грција, со цел превенција во областа на јавната безбедност и неовластеното преминување на државната граница. Словачка полициска единица ќе биде повторно распоредена во областа на Дојранското Езеро.
Полицајците ќе бидат соодветно опремени – со теренски моторни возила, термални камери и уреди за ноќно гледање. Мандатот на словачката полициска мисија ќе биде 30 дена со можност за продолжување.
Република Словачка досега испрати вкупно 125 полициски службеници во Македонија што е најголем придонес по глава на жител од осумте странски држави кои учествуваат во заедничките операции во Република Македонија. Покрај досега испратените 125 полицајци на македонско – грчката граница, дополнителни 15 словачки полицајци моментално се распоредени на македонско – српската граница.
Помошта е израз на солидарност во решавањето на мигрантската криза и во контекстот на актуелното словачкото претседателство во Советот на ЕУ, каде еден од приоритетите е “одржлива мигрантска и азилска политика“./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Земјотрес почувствуван во Делчево и Виница
Денес околу 15:48 часот беше почувствуван земјотрес во делови на североисточна Македонија, најмногу во Делчево, Виница и околните места.
Според Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, земјотресот бил со магнитуда од 3,2 степени според Рихтеровата скала, а епицентарот потекнува од подрачјето на Благоевград, во соседна Бугарија.
Земјотресот се почувствувал со интензитет од III степени по Европската макросеизмичка скала, што значи дека граѓаните можеле да забележат кратко тресење, но без посериозни последици.
Од Опсерваторијата замолуваат сите што го почувствувале земјотресот да го пополнат прашалникот на ЛИНКОТ или да се јават на 112.
Македонија
Сиљановска-Давкова: ЕУ сè уште нема јасна стратегија за нашата европска интеграција и практикува двојни стандарди
Да се посветиме на реформите, не поради „политичката волја“ за уставните измени, туку заради владеење на правото, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на заедничка седница на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања, на којашто се дискутираше за Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава за 2025 година.
Укажувајќи на неиздржаноста на забелешките за немањето политичка волја во државава, претседателката истакна дека ние досега манифестиравме енормна спремност во спроведувањето на барањата на ЕУ.
Таа го покрена и прашањето за преиспитување на процесот на евалуација од страна на Европската комисија. Компарирајќи ги досегашните 16 извештаи, посочи дека нотираниот прогрес е цикличен, а не линеарен, што говори дека оценките се одраз на актуелната перцепција на евалуаторот.
Годинешните оценки за земјава, според Сиљановска-Давкова, се под влијание на барањата за уставни измени.
Претседателката повтори дека наметнатите дополнителни услови коишто го попречуваат нашиот европски пат не се во согласност со темелните вредности и принципите на Унијата коишто налагаат почитување на уставните структури на државите.
Во обраќањето таа се осврна на можните компликации во одлучувањето во Комитетот за односи меѓу заедниците како резултат на евентуалните уставни измени. Укажа на спорноста на констатацијата во Извештајот за лоцирање на жените на изборните листи на недобитни позиции, со оглед на законската гаранција за родово неутрална квота.
Претседателката истака дека ЕУ останува уникатна политичка филозофија, што ужива поддршка кај јавноста, мотивира демократски реформи и стимулира промени што водат кон траен мир и стабилност на Западниот Балкан.
Според неа, интегрираноста на Западен Балкан во ЕУ ќе стави крај на „балканизацијата“ како феномен. Сепак, според Сиљановска-Давкова, Унијата сè уште нема јасна стратегија за нашата европска интеграција и практикува двојни стандарди.
На седницата се обратија евроамбасадорот, Михалис Рокас, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, претседателите на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања, Венко Филипче и Антонијо Милошоски, како и пратеници од власта и опозицијата коишто ги изнесоа своите гледишта за годинешниот Извештај на ЕК.
Македонија
Министерот Тошковски опериран во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска бил опериран во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Тој вели дека следи краток период на опоравување и уверува дека МВР продолжува непречено и ефикасно да функционира согласно утврдените процедури.
„Денеска во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје бев подложен на успешна хируршка интервенција и се чувствувам стабилно. Во моментов сум под надзор на лекарите, по што следува краток период на опоравување. Ве уверувам дека Министерството за внатрешни работи продолжува непречено и ефикасно да функционира согласно утврдените процедури. Целиот тим професионално си ги извршува обврските и моето привремено отсуство нема да има никакво влијание врз тековните процеси и активности, ниту пак врз безбедноста на граѓаните“, објави Тошковски.
Тој додаде дека веднаш по завршувањето на периодот на опоравување, се враќа на редовно извршување на своите обврски во полн капацитет.

