Македонија
Лекарите од „8 Септември“ на протест бараа да се почитува белиот мантил

Лекарите од Општата градска болница „8 Септември“ во Скопје, во понеделник излегоа еден час на протест пред болницата и да го изразат револтот од инцидентот кој се случи во петокот кога роднини и пријатели на лице што почина од срцев удар кршеа врати во болницата.
Околу двеста лекари, во понеделника, за време на паузата излегоа на протест пред болницата, а директорот на болницата Сашо Стојчев го поддржува протестот.
„Ние само бараме да се почитува белиот мантил. Не може секој да им се заканува на лекарите и да ги навредува. Ова станува неиздржливо, од ден на ден е се полошо“, рече Стојчев.
Според лекарите ова е протест против насилството врз белиот мантил, како и јавно покажување на незадоволството на медицинскиот персонал од тоа што секојдневно е изложен на малтретирања, вербални закани, пцовки, помали физички инциденти.
„На дежурство доаѓаме со доза на страв. Сакаме да испратиме порака и апелираме до пациентите дека треба да бидат трпеливи, дека кој ќе биде прв прегледан зависи од тоа кој во каква здравствена состојба се наоѓа, а не кој кога дошол. Инцидентот во петокот ја прелеа чашата“, вели д-р Влатко Алексов, шеф на Ургентниот центар во „8 Септемрви“.
Докторката која воедно е и претставник на Синдикатот, Наташа Граматниковска, реагира и на тоа што иако медицинскиот персонал постојано е изложен на притисок и закани, и случаите се пријавуваат во полиција, тие не добиваат разврска.
„Се чувствуваме небезбедно на работно место, особено на дежурства. Пациентите си земаат се поголем право да не навредуваат да ни се закануваат, бараме да се преземе нешто за заштита на белиот мантил“, вели Граматниковска.
Лекарите бараат да се изгласа законот за лекарска дејност, со кој нападот на медицински персонал ќе се третира како напад на службено лице и ќе се преземаат поостри мерки против сторителите./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Собранието ќе формира комисија за избор на нов претседател на антикорупциската

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата во 12 часот ќе одржи седница на која се очекува да ја формира Комисијата за селекција на кандидати за нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Процесот следи откако на 5 август беше распишан јавен оглас, со рок за пријавување од 10 дена. Оваа постапка се спроведува по оставката на претходната претседателка Татјана Димитровска, која е обвинета за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.
Според Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, до изборот на нов претседател, функцијата ја врши заменик-претседателот на ДКСК. Новиот претседател мора да има најмалку десет години работно искуство, од кои осум во областа на борбата против корупцијата, владеењето на правото или добро управување.
Македонија
Свечена седница по повод 24 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор

Во Владата ќе се одржи одбележување на 24 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
По тој повод со почеток во 10:00 часот во Свечената сала во Владата на Република Северна Македонија ќе се одржи свечена седница на која ќе се обрати премиерот Христијан Мицкоски.
Настанот ќе биде пренесуван во живо на „Фејсбук“ и „Јутуб“ каналот на Владата.
Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година помеѓу претставниците на тогашните најголеми политички партии и специјални претставници на ЕУ и на САД.
Македонија
Сончево и многу топло со мала локална облачност: максималната температура до 39 степени

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 21, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Времето во наредните денови
Ќе се задржи сончево и топло време со умерена облачност преку денот. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец.