Македонија
НБМ не планира нови мерки за заштита од грчката криза

Народната банка на Македонија засега не планира мови мерки за заштита на македонскиот финансиски систем како последица од евентуално продлабочување на грчката криза, порача гувернерот Димитар Богов, веднаш откако во неделата стана јасно дека Грците на референдумот ги отфрлија натамошните мерки за финансиска помош и штедење кои ги понудија доверителите на земјата, што може да значи и излегување на Грција од еврозоната.
„Ќе ја следиме ситуацијата со солвентноста на грчкиот банкарски сектор и ќе реагираме ќе реагираме доколку биде потребно“, се вели во писмената изјава на гувернерот на Народната банка на Македонија (НБМ), Димитар Богов.
На прес-конференцијата свикана минатиот понеделник, веднаш откако Грција воведе контрола на капиталот и привремено ги затвори банките, Богов изрази уверување дека банкарскиот сектор во Македонија е отпорен на секаков шок што може да се случи поради ситуацијата во Грција. Гувернерот тоагаш информираше дека НБРМ во неделата, 28-ми јуни, донела превентивна мерка со која целосно се затворени вратите за можен одлив на капитал од Македонија кон Грција.
„Иако не очекуваме дека такви обиди ќе има, сепак за да бидеме на сигурно, ја донесовме таа одлука со која нормалното работење меѓу македонски и грчки фирми продолжува како и досега. Единствено сега нема да може да се даваат позајмици и вложувања од Македонија кон Грција“, истакна минатиот понеделник Богов.
Поотсети тогаш дека со Законот за банки има ограничување според кое домашните банки не може да се изложуваат кон матичните групации повеќе од десет отсто од својот капитал.
„Пред две години донесовме и една макропрудентна мерка со која што за секоја изложеност кон земји кои што имаат кредитен рејтинг понизок од Б- веднаш банките ќе мораат да издвојат 50 проценти резервација“, рече Богов.
Додаде дека македонските граѓани во Грција можат да повлечат пари од банкоматите онолку колку што им е лимитот зададен од матичната банка.
Според Богов, доколку банкарскиот сектор во Грција пропадне, тоа нема да се одрази врз домашниот банкарски сектор.
„Доколку дојде до крах на банкарскиот систем во Грција тоа ќе биде многу лоша ситуација за грчката економија, мегутоа во Македонија тоа нема да се одрази воопшто. Нашиот банкарски систем ќе продолжи да функционира без никакви последици. Оние банки кои се во грчка сопственост, се домашни банки кои работат според нашата регулатива и тие ќе продолжат да работат. Единствено може да го променат сопственикот“, рече Богов.
Во Македонија, работат две грчки банки, Стопанска банка и Алфа банка, кои задно имаат држат околу 22 отсто од банкарскиот сектор и функционираат според овдешните прописи. Македонските финансиски власти мината седмица им наложи на домашните банки да ги повлечат своите пари од грчките и да преземат превентивни мерки за ограничување на повлекувањето на капиталот во Грција.
Овие мерки дадоа резултат, па кон средината на минатата седмица македонската централна банка порача дека не ѝ потребна вонредна финансиска помош во одбрана од последиците од грчката криза. Сепак, порача дека би било добро кога би ѝ била отворена опцијата за пристап до средствата од Европската централна банка (ЕЦБ) во вонредни ситуации.
Европската централна банка, инаку, е подготвен да ја прошири финансиската помош за Бугарија, на чиј банкарски систем, исто така, му се закануваат ризици поради грчката должничка криза, а може да им помогне и на другите земји во регионот доколку се јави потреба од тоа, пишуваше минатата седмица агенцијата Bloomberg, откако Грција технички банкротираше кога на 30-ти јуни не успеа да му го плати на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) долгот од 1,6 милијарди евра за четирите јунски рати од кредитот.
Во неделата Грците со 61 отсто гласаа против програмата за продолжување на надворешната помош на нивната земја која предвидуваше и дополнителни мерки за штедење, додека 39 отсто од излезените гласачи на референдумот го прифатија планот на доверителите за излез од длабоката економска и финансиска криза.
Со ваквиот исход од референдумот, владата на радикалната левица предводена од премиерот Алексис Ципас смета дека добила поддршка за поцврста позиција во преговорите со доверителите. Меѓутоа, од трите институции – Европската комисија, Европската централна банка, на која Атина на 20-ти јуни треба да ѝ исплати 3,6 милијарди евра долг од заемот, и Меѓународниот монетарен фонд, како и европските политичари предупредуваа дека таквиот исход ќе ја насочи Грција кон излез од еврозоната.
Поради тоа, во регионот постојат стравувања од притисок врз банкарскиот систем на оние земји кои имаат развиени односи со Грција, во кои делумно спаѓа и Македонија.
Грчките банки и по една седмица остануваат затворени, бидејќи им се закануваше банкрот поради забрзаното масовно повлекување на парите од сметките и од сефовите изразено во повеќе десетици милијарди евра, а покрај контролата на движењето на капиталот, грчката народна банка од минатата седмица го ограничи извлекувањето на готовина и од банкоматите на 60 евра дневно од кратичка./крај/мф/ап
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши: Преку мерката за зелени инвестиции отворени се речиси 400 работни места во приватниот сектор

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, заедно со директорот на Агенцијата за вработување, Сељатин Бељули, и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, денеска го посети ресторанот „Ксантика“, кој е еден од успешните примери на зелени инвестиции и создавање нови работни места.
За време на посетата министерот истакна дека преку Мерката 8 – „Создавање нови работни места преку зелени инвестиции“, досега се отворени речиси 400 нови работни места во приватниот сектор.
„Досега 228 компании инвестираа во зелени решенија – фотонапонски панели, енергетска ефикасност и модерна опрема. Компаниите вложија над 200 милиони денари сопствени средства, што е повеќе од државната поддршка. Тоа покажува дека политиката на Владата не е само субвенција, туку катализатор за приватен капитал и за зелена економија,“ рече министерот Дурмиши.
Економија
УЈП: Инкасирани 2,3 милијарди денари или 37,4 милиони евра повеќе во буџетот споредбено со јули лани

Во јули 2025 година, Управата за јавни приходи оствари значителен раст на наплатата по основ на даноци и социјални придонеси за речиси 37,4 милиони евра во споредба со јули 2024 година.
Вкупната наплата од даноци (Данок на додадена вредност (ДДВ), данок на личен доход (ДЛД) и данок на добивка ДД) изнесува 14.344 милиони денари, односно приближно 233 милиони евра, што претставува рекордна месечна наплата досега.
По тој основ остварен е раст од 922 милиони денари или околу 15 милиони евра, што е раст од 6,9% во однос на јули 2024 година. Раст од 13,4% се бележи и кај социјалните придонеси, и по тој основ наплатени се 11.823 милиони денари (192,2 милиони евра), што е за 1.400 милиони денари (околу 23 милиони евра) повеќе наплатени средства од придонеси во споредба со истиот месец минатата година.
„Растот на приходите не е случаен – тој е резултат на зголемена економска активност, како и посветена работа, партнерство и доверба која Управата за јавни приходи постојано ја гради со даночните обврзници. Во изминатиот период, а во согласнст со законските надлежности, УЈП презеде низа мерки и е во постојан контакт со даночните обврзници и нивните овластени сметководители кои имаат пријавен, но ненаплатен долг за соодветниот даночен период. Целта е навремено подмирување на обврските и избегнување на блокада на сметки и дополнителни трошоци за присилна наплата“, велат од УЈП.
Во рамки на превентивните мерки, доставени се персонализирани пораки и известувања до обврзниците, со јасна порака за доброволно усогласување. Придобивката од овој пристап е јасна: се овозможува финансиска стабилност кај обврзниците, се избегнуваат санкции и се гради одржлива даночна историја, што директно придонесува за стабилни јавни финансии и позитивна деловна клима.
Економија
Потпишани договори за 828 проекти со 225 милиони евра преку капитални инвестиции

Со склучувањето на договорите за вториот повик од инструментот за капитални инвестиции, денес започнува нова фаза на големи вложувања во општините ширум Македонија, соопшти премиерот, Христијан Мицкоски.
Вкупната вредност на проектите изнесува 13,8 милијарди денари, односно околу 225 милиони евра, а се опфатени 828 проекти во различни области. Најголем дел од средствата, над 8 милијарди денари, ќе бидат инвестирани во инфраструктурата – патишта, мостови и локални врски.
Покрај тоа, во областа на животната средина ќе се реализираат 143 проекти со вкупна вредност од над 2,4 милијарди денари, кои се однесуваат на чиста вода, канализациски системи, управување со отпад и создавање нови паркови.
Во секторот образование, преку 48 проекти, ќе се инвестираат 1,6 милијарди денари за изградба и обнова на училишта и градинки, додека има и проекти поврзани со култура, спорт и социјална политика.
„Ова е најголемата инвестициска офанзива некогаш направена за општините, без партиски филтри и фаворизирања. Секоја општина што има проект добива поддршка,“ истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека со овие инвестиции се гради еднаквост и пристап до квалитетен живот за сите граѓани, без разлика на нивната локација, и најави дека нема да се дозволи запоставување на ниту еден регион.
Со склучените договори и веќе започнатите проекти, Мицкоски ја опиша оваа иницијатива како конкретен чекор кон подобрување на инфраструктурата и квалитетот на живот во Македонија, која според него од хартија преминува во реалност.