Црна хроника
Черепот најден кај Стража е на исчезнатиот возач на ректорот на ДУТ
Черепот кој неодамна беше понајден кај Стража му припаѓа на Насер Селмани од Гостивар, возач на ректорот на Државниот универзитет во Тетово кој исчезна пред пет години, соопштуваат од Основното јавно обвинителство.
„Резултатите од направената анализа со DNA view програмата покажаа дека се работи за лице од машки пол на возраст од 30-40 години. Не се пронајдени траги на насилство. Врз основа на компаративна анализа на земените ДНК профили на други лица, добиен е резултат што со веројатност од 99,9 отсто укажува дека пронајдениот череп припаѓа на лицето Насер Селмани од Гостивар, возач на ректорот на Државниот универзитет во Тетово“, соопштуваат од Обвинителството.На 13 минатиот месец од десната страна на магистралниот пат Гостивар – Стража на околу половина километар од Стража, од страна на случаен минувач, беше пронајден човечки череп без долна вилица. Надлежен јавен обвинител извршил увид на лице место и издал Наредба за вештачење на пронајдениот череп, со цел да се утврди возраста, полот, времето на смртта, ДНК профилот, евентуални биолошки и папиларни линии, како и можни механички повреди или други оштетувања. Во исто време, беше издадена и Наредба за вештачење на биолошки материјал од потесното семејство на исчезнато лице, односно од сопругата и трите малолетни деца на возачот, со цел да се утврди дали пронајдениот череп му припаѓа на лицето што се води како исчезнато од 14.10.2011 година.Имено, пред пет години на еден километар пред Стража од десната страна, по пријавата за исчезнување на Насер Селмани од Гостивар, од страна на полицијата беше пронајдено службеното возило, но не и исчезнатиот гостиварец.Основното јавно обвинителство Гостивар продолжува со преземање на дејствија за расветлување на настанот./крај/мф/ффс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Приведен велешанец кој со 3,06 промили алкохол се јавил во полициска станица и навредувал полицајци, потоа бил агресивен, велат од МВР
Велешката полиција синоќа го приведе 52-годишниот М.У. од Велес, откако најпрво се јавил во полициска станица и ги омаловажувал службените лица, а потоа и на улицата „Јовче Тикваров“ агресивно се однесувал кон полицајци кои биле на терен и вршеле службени дејствија.
Според СВР Велес, настанот се случил синоќа околу 20:30 часот. При приведувањето, кај М.У. биле измерени 3,06 промили алкохол во крвта. Тој бил задржан во полициска станица и против него ќе следуваат соодветни пријави по целосно документирање на случајот, најави полицијата.
Црна хроника
Судир меѓу „мерцедес“ и мопед на Партизанска, тешко повреден 17-годишник
Синоќа во полицијата било пријавено дека на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Х.Д.(25) и мопед со скопски регистарски ознаки, управуван од 17-годишник, двајцата од Скопје.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил 17-годишен сопатник кој се превезувал на мопедот. Повредите биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ во Скопје.
Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Скопје.
Црна хроника
Струмичанец измамил постари жени со приказна за „итна операција“, приведен со 15.000 евра кај себе
38-годишниот О.В. од Струмица е приведен под сомнение дека учествувал во серија измами на постари лица, користејќи лажна приказна за итни операции на блиски роднини. Кај него се пронајдени над 15.000 евра и 50 швајцарски франци, за кои се верува дека се стекнати со криминални активности.
Според информациите од полицијата во овој град, осомничениот во два случаи успеал да измами 84-годишна и 68-годишна жена од Струмица, а во трет случај бил спречен да ја измами 77-годишна жена. Измамите се случувале преку телефон, каде друго лице ѝ се јавувало на жртвата претставувајќи се како медицински работник. Со тврдења дека е неопходна итна операција на нивна ќерка или снаа, жртвите биле убедени да предадат пари.
Откако ќе се договорел со жртвите, О.В. доаѓал на локациите што му биле кажувани и ги подигал парите. Полицијата го уапсила вчера напладне, а во моментот на приведување биле пронајдени 15.150 евра и 50 франци.
Во службен разговор, О.В. го признал начинот на кој ги извршувал делата. Случајот е пријавен во Обвинителството, и по негово целосно документирање, против него ќе биде поднесена кривична пријава.
Надлежните повторно апелираат до граѓаните, особено повозрасните, да бидат внимателни при телефонски контакти со непознати, да не веруваат во итни приказни без проверка, да не предаваат пари на непознати лица и секој сомнителен случај веднаш да го пријават.

