Македонија
Заев најави реизбор на судии и смена на судиите кои суделе под диктат на власта
Ќе ја растресеме Македонија од главечки наопачки, ќе го распуштиме судството и ќе има реизбор во судството, најави лидерот на СДСМ, Зоран Заев во интервју за телевизија 24 вести.
На интервјуто Заев најави сигурна победа на СДСМ на изборите и им вети на граѓаните дека ќе бидат вратени сите пари што биле украдени, ако тоа се докаже во независна судска постапка.
„Ќе го распуштиме судството и ќе има реизбор во судството, нема од што да се плашат судиите. Сите што суделе чесно и по свое убедување тие ќе си бидат повторно судии, нека се плашат оние кои суделе согласно препораките на власта, сите оние кои се огрешиле пред законот или слично. Има многу убава практика во Европа како се прават тие реформи во судството на ваков начин со распуштање и реизбор. Најдобрата практика ќе ја примениме во Македонија согласно критериуми кој ќе ги знаеме, колку предмети биле вратени, потеклото на парите и имотот на секој судија, колку од овие судски пресуди коишто се донесени имало под влијание на власта или колку чесно судиите одлучувале“, рече Заев.
Тој најави дека сите институции кои се корективи на власта, Државниот завод за ревизија, антикорупциска, за антимонополска позиција, антидискриминаторска…, ќе ги водат независни експерти, за како што рече „да ја чуваат Македонија од СДСМ“.
Обвинителот, пак, ќе биде предлог на опозицијата. Лидерот на СДСМ очекува Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во денот на изборите да им соопштат на граѓаните кој прислушувал во Македонија, какви докази има и каков обвинителен акт опстојува, дали прислушувале Зоран Заев и Зоран Верушевски или Никола Груевски и Сашо Мијалков./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

