Македонија
ДИК незаконски ги препраќа до МВР граѓаните кои пријавуваат непостоечки гласачи
Државната изборна комисија (ДИК) не ги ажурира и дополнително ги компликува нерегуларностите во избирачкиот список, иако според одредбите од изборниот законик, Комисијата е надлежна за евентуално бришење податоци од списокот, велат од граѓанската акција „Ние одлучуваме“.
Согласно роковникот на ДИК, објавен е избирачкиот список и воспоставен на јавен увид. Како резултат на тоа досегашните повици на СОС линијата на граѓанската акција „Ние одлучуваме“, како што велат оттаму, се поврзани со запишување, дополнување и бришење од избирачкиот список, односно голем дел од повиците се во врска со непостоечки гласачи на адресите на самите јавувачи. Согласно изборниот законик, тие ги упатиле јавувачите да пријават во ДИК, којашто е надлежна за постапување во ситуации каде се прекршува изборниот законик, но од Комисијата не добиле соодветно решение, туку јавувачите биле препратени да се обратат во МВР.
„Од страна на јавувачите добивме повратна информација дека ДИК всушност ги препраќа самите јавувачи до МВР каде што од нив се бара да поведат посебно барање во врска со промена на евиденцијата на личните податоци и да достават соодветни докази, како што се имотен лист или купопродажен договор како доказ дека тие се сопственици на објектот на адресата од којашто ја пријавуваат изборната нерегуларност и принт скрин од избирачкиот список“, вели Сибел Амет од граѓанската акција „Ние одлучуваме“.
Според активистите, со ваквата постапка целиот товар паѓа врз граѓанинот кој пријавува нерегуланост која не е резултат на негово пропуштање или дејствување.
„Самата Државна изборна комисија би требало овие докази да ги прибавува по службена должност, а не да бара од граѓаните посебни постапки кои на крај евентуално ќе резултираат со нова постапка пред Државната изборна комисија за бришење на овие лица од избирачкиот список“, вели Амет.
Појасни дека постапката не е законски предвидена, напротив, со толкување на одредбите од изборниот законик произлегува дека Државната изборна комисија е таа која што е надлежна во постапување кога станува збор за бришење на податоци од избирачкиот список, а во правилникот за методологија за целосен пристап, вршење и бришење на податоци од избирачкиот список се предвидува начело на соработка помеѓу ДИК и останатите институции кои поседуваат бази на податоци меѓу кои е и МВР како и катастарот.
СОС тимот за бесплатна правна помош за граѓаните во остварувањето на нивното гласачно право достави допис до Државната изборна комисија адресирајќи го овој проблем и бараат од ДИК до заклучување на Избирачкиот список во рамките на нивните овластувања да постапат соодветно за ажурирање на Избирачкиот список и негово прочистување.
Исто така, апелираат до политичките партии во Македонија, на кои согласно Изборниот законик, по завршување на јавниот увид им се доставува Избирачкиот список и кои имаат право во рок од 5 дена од приемот на истиот да доставуваат барања за запишување, дополнување и бришење од Избирачкиот список, да придонесат во ажурирање на Избирачкиот список и негово прочистување со цел овозможување на фер и демократски предвремени парламентарни избори во 2016 година./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ГРОМ: Најостро го осудуваме хулиганското упаѓање во редакцијата на „Инфомакс“
Граѓанската Опција за Македонија-ГРОМ најостро го осудува вчерашното хулиганско упаѓање во редакцијата на „Инфомакс“ за време на емисија во живо од страна на, како што велат, хулиган-симпатизер на ВМРО-ДПМНЕ.
„Со овој флагрантен чин, практично се поместува границата на кршење на демократските права на граѓаните, а тоа е да слушнат поинакво мислење од секојденвните самофалечки вести на власта преку дузината свои медиумски мегафони. На ваков начин, Христијан Мицкоски се обидува неговата пропаганда преку своите апологети да ја претстави Македонија како рај на земјината кугла. За жал, премиерот Мицкоски секојдневно упатува кон некого закани: уметници, институции, медиуми, неистомисленици и со ова јасно ставајќи им до знаење на неговиоте слепи послушници дека тие треба да го следат во заканите и дека токму тие ќе бидат наградени за притисокот врз неистомислениците. Ако овој хулиган се дрзна насилно да влезе во медиум и тоа опозиционен, а за волја на вистината еден од водечките, да се обидува физички да се пресмета со сопственикот на медиумот, да ја прекине емисијата која оди во живо, истото тоа да го прави кон гостинот во емисијата, покажува како власта и неговите симпатизери се однесуваат кон неистомислениците на своето работно место, во комшилукот, во кафеана или било каде. Овој чин без преседан беше крајно непријатен, а пораката е јасна, да се заплаши сопственикот на медиумот, а исто така и гостинот, нашиот лидер Стевче Јакимовски“, велат од ГРОМ.
Ако физички е нападнат претседателот на ГРОМ и поранешен градоначалник, велат од таму, јасно е дека ова не е упатено само кон него, туку кон сите потенцијални гости на Инфомакс да го избегнуваат учеството во емисии, а уште повеќе да внимаат што зборуваат.
„Владеачката партија и Христијан Мицкоски, полека но сигурно се движат кон демократското дно. Ни ги украдоа изборите, купуваа гласачи, правеа бугарски возови, користеа нарко дилери и ракетари во нивната нечесна битка, како и уцени и закани и конечно се докопаа до власта во Карпош. Но очигледно тоа не им било доволно, сега влегуваат во нова фаза, а тоа е да не замолчат, да немаме критички однос кон нивните политики и да ни остават две опции на располагање, или да замолчиме или да се приклучиме кон пофалбите на „успешните “ политики на владетелот. Овој филм, Христијан Мицкоски заедно со неговата партија може да го гледа од секого но не и од ГРОМ“, се наведува во соопштението.
На крајот, велат од ГРОМ, пофалби до полицијата за навремената реакција.
„Но имаме сериозна забелешка на официјалното соопштение на МВР кое целиот настан го претставува како оштетување на две врати, прекин на емисија со обид за релативизирање на овој гнасен чин за наводно непресметливост и поранашни психијатрески лечења на сторителот. Вчера во Инфомакс имаше упатување на удари кон сопственикот и гостинот, обид да бидат погодени со тврди предмети, закани по живот на присутните и семејствата, вулгарни навреди, пцовки, плуканици и што уште не. Затоа ГРОМ смета дека ова е настан без преседан, лицето мора да заврши зад решетки, а во исто време бараме да уследи промена на кривичниот закон со кој секој насилник кој спречува медиум, политичар или партија кој ја вирши својата фунција за која е основан мора драстично да биде санкциониран“, велат од ГРОМ.
Македонија
Утврдени неправилности на Зимзоленд: Град Скопје нема дадено дозвола
Инспектори од Град Скопје денеска биле на локацијата каде што се одржува Зимзоленд и утврдиле низа неправилности. Како што соопшти градоначалникот, Орце Ѓорѓиевски, утврдено е дека Градот Скопје нема дадено дозвола за таму да се врши дејност.
„По пријави од граѓани, постапивме и на Зимзоленд. Инспекторатот беше на локацијата и утврди дека градот Скопје нема дадено дозвола за таму да се врши дејност. Констатирани се повеќе неправилности, особено во однос на вршење дејност надвор од објект“, вели Ѓорѓиевски.
Дополнително, додава тој, за реквизитите и забавните содржини кои не се дел од програмата на Општина Аеродром, наложено е градежниот инспектор од општината да постапи согласно законските регулативи.
„Градот Скопје и јас како градоначалник ќе продолжиме бескомпромисно да се бориме против секоја неправилност, секој обид за узурпација и секој хаос кој го загрозува јавниот простор“, вели Ѓорѓиевски.
Инспекторите денеска, освен на Зимзоленд, биле и на „Пластичарска“ .
„Се воспоставува ред на „Пластичарска“, се постапува и на Зимзоленд. Денес градот Скопје, заедно со Инспекторатот и во координација со ДПИ и МВР, спроведе широка акција со единствена цел, да се врати редот и достоинството на јавниот простор на целата територија на градот. Изречени се повеќе од 20 казни“, објави Ѓорѓиевски и додаде дека вработените од ЈП „Градски паркинг“ ги отстранувале неправилно паркираните возила долж улицата „Пластичарска“.
Македонија
Утре сончево време со температура до 15 степени
Времето утре ќе биде сончево и релативно топло со мала до умерена облачност. Во утринските часови наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 10 до 15 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Под влијание на висок воздушен притисок продолжува периодот на претежно сончево и тивко време. Во ноќните и претпладневните часови наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност.

