Македонија
Германија дозволи екстрадиција за Шкодран Идризи

Министерството за правда на Германија дозволи екстрадиција на Шкодран Идризи од Желино, по барање на македонското министерство за правда.
Министерството за правда на Германија дозволи екстрадиција на Шкодран Идризи од Желино, по барање на македонското министерство за правда.
“Екстрадицијата се дозволува заради извршување на казната затвор во траење од една година досудена со пресуда на Основниот суд Скопје 1 за кривично дело фалсификување на исправа и заради кривично гонење на обвинетиот за обвинителниот акт на Основното јавно обвинителство од Скопје од 6 март 2002 година“ се вели во соопштението на Министерството за правда.
Идризи, главниот осомничен за случајот „Мавровски работници“ во четвртокот беше уапсен од германската полиција.
Тој се бараше со две потерници, за „Мавровските работници“ и за фалсификување исправи. Идризи беше приведен и пред три месеци, но потоа ослободен од германската полиција. /крај/со/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Коцевски тврди дека истрагата за Кочани не е селективна, а можно е да биде проширена

Jавниот обвинител Љупчо Коцевски, тврди дека нема никаква селективност во истрагата што се води за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Најави дека е можно евентуално дополнително проширување на истрагата, но тоа би зависело и од доказите што ќе бидат обезбедени. Коцевски соопшти дека обвинителите во Скопје и во Кочани се’ уште вршат распити, се сослушуваат сведоци, но не би требало да дојде до пролонгирање на рокот за завршување на истрагата и подигнување обвинение.
Прашан дали се истражува рацијатата во дискотеката и дали ќе бидат опфатени тогашниот началник на ОВР Кочани и СВР Штип кои се разрешени, Коцевски одговори дека истрагата што се води е во исклучително важна фаза сега и не може да изнесат повеќе детали.
Македонија
Филипче: ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи Законот за Кочани и да не ја политизира трагедијата

Пратеничката група на СДСМ денеска до Собранието ќе го достави Законот за Кочани со кој се предвидува финансиски надоместок и поддршка за семејствата што загубија своите најблиски во трагедијата во Кочани, како и за семејствата што имаат свој член повреден во стравотниот пожар во дискотеката „Пулс“.
Ова го истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче во одговор на новинарско прашање. Тој јавно го повика ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи законот, потенцирајќи дека неговата цел не е политизација на трагедијата, туку заедничка работа за доброто на граѓаните.
„Имаше еден коментар од ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го поддржат законот и искрено верувам дека тоа не е знак дека не сакаат да им се помогне на семејствата. Јавно повикувам да седнеме заедно и да го разгледаме и да го поддржиме законот. Подготвени сме, ако треба и да се модифицира“, истакна Филипче.
Филипче нагласи дека партиите треба да покажат обединување по трагедијата во Кочани и дека треба да работат заедно на унапредување на системот за во иднина ваквите трагедии да не се повторуваат.
„Предлог законот нема за цел да ја политизира трагедијата. Ги повикувам заедно да го донесеме законот, и не сметам дека таа изјава дека нема да го поддржат, е во насока на политичка конфронтација“, повтори Филипче.
Претседателот на СДСМ појасни дека подготвеното законско решение е квалитетно и во него се предвидени финансиски надоместок за семејствата коишто изгубија членови на семејствата, финансиски надоместок за сите кои коишто имаат трошоци за лекување, поволности за децата коишто сега губат настава од училиштата и друго.
Законот ќе биде поднесен во редовна собраниска процедура со цел да има простор да се вклучат повеќе чинители со свои коментари што ќе придонесат за унапредување на законското решение.
Македонија
Димитриевски: Цел на лагите на СДСМ не сум јас, туку ЗНАМ како најбрзорастечка партија во Македонија

Претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски денеска одржа прес-конференција.
„Од моментот на влез во политиката до крај ќе работам врз база на основни лични принципи на работа, засновани на начелата за чесност отчетност и одговорност. Во континуитет со години, а интензивно од локалните избори до денеска од страна на поединци, менаџирани и мотивирани од луѓе заглавени до гуша во криминал, поранешни премиери, министри и актуелни самопрогласени лидери на опозицијата, јас и тимот околу мене сме напаѓани со неосновани клевети и лаги за наводни злоупотреби. Целта на оваа кампања на СДСМ не сум лично јас, туку преку мене политичкиот субјект кој е најбрзорастечка партија во Македонија, а тоа е Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
За да биде иронијата поголема тоа го прави СДСМ – партијата на неспособноста, криминалот и националното предавство“, рече Димитриевски.
СДСМ, според него, нема кредибилитет да зборува за правда.
Паниката, додава тој, го прави своето.
„Еве ја вистината: Земјиштето за кое што ме обвинуваат е сопственост на моето семејство кое е наследство од моите предци со турска тапија. Тогашната парцела изнесувала 18 илјади м2, државата по пат на денационализација на членовите од моето семејство им вратила само 1200 м2 земјиште и 4800 м2 коишто се платени со државни обврзници по цена од 800 ден/м2, што значи дека мојата фамилија загубила 12000м2 сопствен имот. Актуелниот ДУП е донесен во 2010 година, во времето на поранешниот градоначалник Зоран Дамјановски-ЦИЦ од СДСМ. Со новиот ДУП постоечката парцела и габарити не се менуваат. Предметното земјиште за кое сега неосновано ме обвинува СДСМ е со вкупна површина од 1200 м2, тоа било во сопственост на членови на моето семејство и изнесува само 2,8 проценти од вкупната површина на парцелата во ДУП-от“.
Димитриевски појасни дека инвеститорот ЛИДЛ МК направил преддоговор за откуп на имотот од таа парцела во ДУП -от на 23.02.2024 година и договор за купопродажба на земјиште од 1200м2 на 26.01.2024 година. Врз база на тој преддоговор инвеститорот ЛИДЛ МК на 27.02.2024 година покренал иницијатива за усогласување на номенклатурата на постоечкиот ДУП согласно со новиот закон за урбанистичко планирање од 2020 година донесен од СДСМ.
Советот на општина Куманово донесе Одлука за усвојување на Нацрт ДУП-от и постапката е во тек, посочи Димитриевски.
„СДСМ веќе не е партија, тоа е остаток на мафија на кои им се тресе фотељата. Денеска сакам да им порачам, колку повеќе лажете, толку посилен ќе биде нашиот одговор. Времето на Заев, Спасовски и Филипче е завршено. Доаѓа време на одговорност за сите што ја злоупотребија државата“.
Во однос на ДУИ, тој потенцира: „Ставот на ЗНАМ е конзистентен. Нема соработка со нереформиран ДУИ. Јас не им должам ништо, ниту на ДУИ, ниту на СДСМ, ниту пак на нивните тајкуни. Токму затоа им пречам, затоа што не можат да ме купат, уценат, ниту пак да ме заплашат“.
Димитриевски ги повика институциите да го испитаат овој предмет. „Ги повикувам сите надлжени институции да го испитаат овој предмет до крај. Да ја испитаат целата фактичка состојба.
Доколку се утврди било каква кривична одговорност да поднесат кривични пријави против сите засегнати лица“, рече претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.