Свет
Груевски и Маневски треба да проверат од каде се парите на семејството Црвен
Љупчо Палевски, до пред неколку години еден од најблиските соработници на Бранко Црвенковски, поранешен прв човек на можеби најсилната партиска ќелија на СДСМ, скопската, човек за се чесно и нечесно во партијата, веќе неколку години е еден од најголемите критичари на работењето на актуелниот претседател на државата.
ИНТЕРВЈУ: ЉУПЧО ПАЛЕВСКИ, БИЗНИСМЕН И РАЗОЧАРАН СДСМОВЕЦ
Александар Дамовски
Љупчо Палевски, до пред неколку години еден од најблиските соработници на Бранко Црвенковски, поранешен прв човек на можеби најсилната партиска ќелија на СДСМ, скопската, човек за се чесно и нечесно во партијата, веќе неколку години е еден од најголемите критичари на работењето на актуелниот претседател на државата. Палевски беше и сопственик на неделникот „Старт“, формиран токму во соработка со Црвенковски. Во почетокот неделникот сосема отворено ја поддржуваше политиката на тогашниот опозиционер Црвенковски, за брзо потоа да прерасне во еден од најотворените политички магазини против неговата политика. По подолго време, Палевски повторно јавно проговорува за сите недостатоци на партиско-државниот систем грижливо граден од Црвенковски.
– Во врска со мојата блискост со Бранко Црвенковски, точно е само тоа дека близината во односите била исклучиво на партиска и политичка основа, поточно во исполнувањата на некои сериозни политички проекти на тогашната опозиција, каде што членував. Со Црвенковски ниту тогаш, ниту подоцна не сум имал никакви бизнис-проекти, а за приватизации или за каков било економски бенефит не сум ни помислувал.
Како таа соработка ви изгледа од денешна перспектива?
– Сега гледам како Црвенковски во 1999 и во 2000 година најбрутално и безобразно пласираше идеи во кои многумина поверувавме и се „залепивме“, за потоа да фингира и произведе виртуелни блиски односи во кои како жртви бевме убедени. Се сеќавате на тие времиња, кога тој политички измамник тврдеше дека „ја примил пораката од народот“ и запна со опозициското дејствување додека траеше медиумската блокада кон него. Неговата манипулација успеа бидејќи медиумската блокада беше реална, а ние плашејќи се од Георгиевски и Џафери, без да знаеме го воскреснавме нивниот брат близнак.
Како и колку самите партии од власта се замешани во организираниот криминал? Како тој систем функционира?
– Веќе цела деценија слушаме бајки за октоподи. Октопод во Македонија нема. Државниот апарат, агенциите како онаа за приватизација, јавните претпријатија или, ако сакате, државниот буџет и даноците од граѓаните, се ставени во функција на организираниот криминал! Трошењето на државните пари е ставено во нивна функција. Тука пред се мислам на неколкуте банкари и крупни посткомунистички директори што ги приватизираа монополите. Кај нас организираниот криминал не соработува со државата, туку тој ја поседува државата. Досега ниту еднаш не се составила влада без за неа да нема „консензус“ меѓу познатите десетина директори. Кај нас мал по број бандити, што се претставуваат за успешни менаџери, ја контролираат целата држава, вклучувајќи ги и лидерите на партиите. Токму затоа тврдам дека октоподот е песок фрлен во очите на граѓаните за да се скријат поразителните димензии на организираниот криминал. ТАТ тежеше околу 50 милиони евра. Денес само Тутунски комбинат Прилеп е задолжен за најмалку 50 милиони евра по домашни и странски (претежно грчки) банки и милиони евра неплатени акцизи. Цигарите се наплатени, а обврските кон доверителите остануваат на комбинатот, а комбинатот е државата. Значи пак буџетските пари ќе ги користиме за санација и покривање на дупките кои државата сама ги направила, а парите се одлеале по приватни сметки. Ако објективно се анализираат актуелните економски движења во државата и крупните капитални прегрупирања, се гледа како едни исти луѓе се кријат зад разноразни титулари и успешни брендови.
Значи, организираниот криминал ни стана легален бизнис и сето тоа преку македонската политичка сцена?
– Да. Малкуте позитивни исклучоци на политичката сцена, многу бргу и брутално се егзекутираат по претходна сеопфатна политичка и лична медиумска компромитација. Еве сега, замена за ТАТ е урбаната мафија. Тоа е смешна и трагична медиумска манипулација на истиот тој организиран криминал. Политичарите се само одработувачи. Во случајот на Груевски мислам дека ни тој самиот не разбира какво перфидно подметнување му е направено со промовирањето на урбаната мафија. Мафијата е се, само не е урбана. Во секторот урбанизам е сместен сериозен административно-рекетарски криминал и корупција. Досега не видов дека некому од таа рекетарско-криминална групација од државниот апарат нешто му фали. Повеќето урбанистички планови се катастрофални и неизводливи. Затоа, потоа како инвеститор морате да барате спас од локалните и државните урбанистички авторитети, кои, пак, нормално подготвени ве дочекуваат. Згора на ова и локалната политика се вмешува во реализација на тие катастрофални детални планови, па затоа хаосот е комплетен. А сета таа папазјанија, заради политички маркетинг, ја нарекуваат урбана мафија.
Приврзаниците на тој систем сигурно тоа не го прават само од љубов. Всушност како и вашето приклучување кон СДСМ. Претпоставувам дека љубовта кон парите е сепак решавачка за да се стане запчаник во таа машинерија?
– Веќе 15 години партиите кога се на власт одработуваат проекти на едни исти моќници, апаши на некогашниот општествен капитал. А во меѓувреме се симулира реформирање на државата пред Европската унија. Сетете се само на Георгиевски и неговата одлука за поништување на приватизацијата на „Фершпед“. Зошто се чекаше 4 години за да се донесе таквата одлука, на крајот од мандатот, без таа да се реализира? Денес таа одлука не се ни споменува, со исклучок на едно интервју на јавната правобранителка г-ѓата Китановска. Се одземаат решенијата за занимавање со шпедитерска дејност на „Фершпед“, а истата компанија поседува успешна банка, хотели, казина и еден куп глупави, но за бадијала купени фирми. Тоа е резултат на успешното децениско фингирање на борбата против организираниот криминал, каде свесно, истиот тој организиран криминал, принесува жртви кои ниту се дел од него, ниту пак имаат поим што ги снашло.
Георгиевски со „Фершпед“ направи фингиран проблем, лут од констатацијата дека Бранко, детето на Штерјо Наков, политички воскреснало. Заради таа одлука и евтиното „приклонување“ кон грчките интереси, Георгиевски сега има забрана за занимавање со политика. Затоа тој не смее да биде лидер на ВМРО-народна. Од друга страна, пак, кога сме кај „Фершпед“, Црвенковски како премиер цели 4 години не ја спроведе споменатата одлука на владата за поништување на приватизацијата. Ете како изгледа кај нас организираниот криминал прикажан само во една куса секвенца.
Колку беше вашиот ќар од учеството во тој систем? Што вие добивте – бизнис, евтино купена фирма, парцела за некоја од зградите, тендер…?
– Јас сум жив зијан со мојата погрешна епизода за влегување во политиката каде што шеф е Црвенковски. Сите мои, вкупно пет, локации се приватна сопственост на која се изградени приватни објекти. Од петте објекти, три се уривани, без разлика што тие пред да почнат да се градат имале уредна градежно техничка документација. Кога во 2000 година дадов неотповиклива оставка на функцијата претседател на Градската организација на СДСМ почнаа моите вистински проблеми. Во изминативе години судиите „колеги“ на блиската до Црвенковски Ленче Софрониевска ме преплавија од беспредметни кривични пријави и огромен број на разноразни решенија од разноразни институции на државата, а сето тоа е проследено со сериозна медиумска хајка и компромитирање. Тоа е мојот скор од „политиката“ на Црвенковски и Георгиевски.
Зошто влеговте во политиката? Како вие го доживеавте или почувствувавте разводот со тајфата на Црвенковски? Бизнисот и денес добро Ви оди.
– На почетокот се почна во млитава форма. Намерата беше да бидам дисциплиниран и да престанам да се бунам против хипотеката што СДСМ ја имаше во полза на македонските олигарси. Во многу наврати сум апелирал дека токму кога СДСМ е во опозиција имаме шанса партијата да ја извлечеме од канџите на олигарсите. Во тие моменти СДСМ не беше интересна партија, поточно Георгиевски беше премиерот што спроведуваше брзи и евтини приватизации, примамливи за домашните олигарси и за грчките „стратегиски“ инвеститори.
Поради таквите мои политички ставови најбрутално се обидоа и делумно успеаја да ми го уништат градежниот бизнис. Бев сведок како Црвенковски ги краде сите мои идеи. Верувам се сеќавате на дневниот весник „Глобал“ кој се печатеше на македонски и на албански јазик, додека тој ги лажеше луѓето дека нема да се менува Уставот. Уставот не се смени, ама стана современ нефункционален „зелкарник“ кој како што гледаме деновиве повторно е предмет на целосно кризирање на државата. Во меѓувреме Црвенковски стана побратим на Ахмети, успешно го изблокираа „Глобал“ кој не доби ниту денар и истиот згасна. Нормален човек денес би се запрашал зошто за Палчо, како што невоспитано ми се обраќа „Вечер“, весник преплавен со полициски доушници, во последните 6 месеци објавил повеќе од 28 насловни страници со текстови полни со полуинформации и конструкции!? Зошто се троши толку енергија на прогон и комплетно девалвирање на поранешниот претседател на Градската организација на СДСМ, кој ниту сака ниту може политички да претставува закана за Црвенковски!?
Зошто? Заради лична нетрпеливост и разочараност поради изневерувањето?
– Одговорот се наоѓа во анкетниот лист на Бранко Црвенковски, односно пријавите за имот и финансиски средства на неговата сопруга. Јавно ги повикувам министерот за правда Маневски и актуелниот премиер Груевски да проверат од каде се парите со кои семејството Црвенковски и неколку основачи на „Семос“ сакаа да купат недвижен имот во „спорниот“ објект „Тифани“ и зошто тие се скриени од јавноста. Министерот Маневски треба да провери што се сработил „Семос“ за македонските судови и колку пари наплатил за таа работа. Народски кажано, Палевски мора да се компромитира по секоја цена за да се замолчи и да се елиминира опасноста од доказот за нечесноста на Црвенковски. Јас не сум никаква политичка закана за Црвенковски, но мојот интегритет во однос на неговото структурирано подземје е доволна причина да се организираат и реализираат такви масовни компромитирачки акции. Црвенковски има непријавен имот, а нотиран во облигација токму со мене и за тоа треба да си даде оставка. Во неколку наврати се вршеа притисоци во Управата за приходи за да се смени анкетниот лист, но не успеаја. Не знам, денес можеби тоа им успеало, но премиерот Груевски сега има неповторлива шанса, се разбира ако сака и смее, да ја спаси државата од монструозното политичко битисување на Црвенковски. Затоа Палевски треба така жестоко да биде прогласен во криминалец и измамник, урбан мафијаш и потсетете ме ако нешто погрдно искажано во врска со мене сум заборавил.
Претпоставувам дека лесно ги препознававте методите на таквата работа и во владата на Љубчо Георгиевски. Како е денес? Што е заедничко или пак сосема различно со владата на Груевски?
– Енергијата и времето, па би рекол и големото количество емоции што Груевски ги вложува во намерата да направи економски резултати треба да се ценат, без разлика што повеќето се погрешни според тајмингот, арогантноста и агресивното маркетиншко претставување на неговата политичка намера. Проблемот е што Груевски не е свесен дека бришка со владин автомобил составен од Црвенковски. Децениското владеење на Црвенковски произведе организиран криминал кој ги контролира дури и кафе готвачите во владата, па затоа е многу опасно кога од тој организиран криминал во државниот апарат се бара самиот од себе да се уништи или самораспушти. Токму намерата по секоја цена да се направи економски резултат и реформа, го прави Груевски политички ранлив. Ако внимателно ги следите настаните излегува дека неговите проблеми не потекнуваат од килавиот и распаднат СДСМ, туку од огромното количество „комунисти“ со разни политички дресови што ја делат власта со него. Проблемите на Груевски произлегуваат од неговите „комунисти“ во владата кои, пак, сите до последен, пред да си легнат, даваат извештаи на Папата, прекар со кој му се обраќаат на Црвенковски. Како најилустративен пример за тоа ќе ја посочам чудната кривична обработка на криминалот во Тутунскиот комбинат во Прилеп во рамките на која не се истражува кипарската фирма која има линкови во кабинетот на претседателот на државата. Сето тоа, за жал, навестува нов, но овој пат фатален, политички договор по иднината на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Виткоф: Мировниот договор за Украина е 90 отсто готов, утре ќе одам кај Путин
Специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп за мировни мисии, неговиот пријател и магнат за недвижности Стив Виткоф, денес изјави дека мировниот договор што би ставил крај на војната меѓу Русија и Украина е „завршен 90 проценти“.
Виткоф го изјави ова во интервју за „Блумберг“ и „Си-ен-би-си“ на маргините на Светскиот економски форум во Давос. Тој изјави дека се согласува со проценките на украинската страна дека договорот е речиси склучен, додавајќи дека неодамна е постигнат дополнителен напредок.
„Мислам дека постигнавме уште позначаен напредок“, рече Виткоф.
Според него, во последните шест до осум недели е постигнато повеќе отколку во претходните три или четири години. Тој нагласи дека преговорите влегле во фаза на забрзан напредок.
Виткоф треба да отпатува за Москва утре, каде што ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, како дел од понатамошните разговори за евентуално завршување на војната во Украина.
Свет
Европските лидери го напуштаат Давос
Се поголем број европски лидери го напуштаат или го избегнуваат Светскиот економски форум во Давос, дури и пред очекуваното пристигнување на Доналд Трамп и дебатата за Гренланд. Францускиот претседател Емануел Макрон замина откако наводно не успеал да обезбеди средба со американскиот претседател, пишува „Телеграф“.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, истотака нема да се сретне со Доналд Трамп во Давос бидејќи веќе го напушти швајцарскиот град по вчерашниот говор. Оваа информација ја потврди Европската комисија, пишува „Гардијан“.
„Претседателката на Комисијата направи стратешка и политичка проценка дека најдобриот начин да ја искористи својата енергија е да се врати во Брисел за да се фокусира на подготовките за многу важниот состанок на Европскиот совет“, рече портпаролот.
На прашањето дали е планирана средба меѓу фон дер Лајен и Трамп во блиска иднина, одговорот беше: „Колку што знам, поканите не се испратени во ниту еден правец“.
Истовремено, средбата на Трамп со германскиот канцелар Фридрих Мерц исто така беше откажана, објави Ројтерс. Технички проблеми во претседателскиот авион беа наведени како причина.
Гардијан забележува дека ќе биде интересно да се види кого Трамп сега ќе го приоритизира за состаноците, со оглед на тоа што ќе помине помалку време во Давос од планираното.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги откажа плановите за присуство, велејќи дека морал да остане во Киев поради руските ракетни напади врз енергетската инфраструктура на Украина. Неговото отсуство ги намали надежите дека западните сили ќе го искористат Давос за да потпишат пакет за финансирање на воздушната одбрана и енергетскиот сектор на Украина.
Зеленски сепак изјави дека „сè може да се промени во секој момент“. Шпанскиот премиер Педро Санчез, исто така, ја откажа својата посета, по железничката несреќа во јужна Шпанија во која загинаа 42 лица.
Италијанските медиуми објавија дека е малку веројатно премиерката Џорџа Мелони да дојде во Давос. Ројтерс во средата објави дека Мелони ќе му се придружи на Макрон во одбивањето да го потпише планот на Трамп за Газа.
Фото: ЕПА
Свет
Стармер до Трамп: Велика Британија нема да попушти
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека нема да попушти пред Доналд Трамп во врска со иднината на Гренланд и најави дека ќе биде домаќин на данската премиерка Мете Фредериксен во четврток.
За време на сесијата за прашања на премиерот, лидерката на конзервативците Кеми Баденох изјави дека таа и Сер Кир се согласуваат дека „иднината на Гренланд треба да ја одлучат исклучиво луѓето од Гренланд“. Потоа таа го праша премиерот: „Кога премиерката го покрена ова прашање со претседателот Трамп во понеделник, дали претседателот се согласи или не?“
Сер Кир одговори дека „конструктивниот ангажман за меѓународни безбедносни прашања е исклучително важен, особено кога станува збор за безбедноста на Арктикот, и тоа е контекстот во кој се одвива оваа дебата во врска со Гренланд“.
„Додека конструктивно се ангажираме, јасно го искажав мојот став за нашите принципи и вредности. Првиот од нив е дека иднината на Гренланд им припаѓа исклучиво на луѓето од Гренланд и Кралството Данска“, рече Стармер.
Тој додаде дека верува оти „заканите со царини за притисок врз сојузниците се сосема погрешни“.
„Ќе продолжиме конструктивно да се ангажираме. Имав многу меѓународни разговори во последните денови, а данскиот премиер утре доаѓа во Обединетото Кралство на билатерални разговори“, рече тој.
„Но, сакам да бидам јасен. Нема да попуштам, Велика Британија нема да попушти, во однос на нашите принципи и вредности во врска со иднината на Гренланд и заканите со царини. И тоа е мојот јасен став“, заклучи премиерот.

