Македонија
Пратениците во Собранието расправаат за јавниот долг
Надлежните институции не ги објавуваат податоците за јавниот долг, а Владата, вештачки го намалува точниот износ на јавниот долг и ги надминува таргетите за управување со долгот водејќи политика која се темели на земање кредити во функција на задржување на своите позиции, а не во интерес на граѓаните сметаат пратениците од опозицијата.
На ваквите тврдења се спротивстави владејачкото мнозинство потенцирајќи дека овие ставови се неиздржани. Според нив Владата работи транспарентно, а за резултатите од работењето има потврда од меѓународните финансиски институции.
Марјанчо Николов од СДСМ смета дека Владата ги крие податоците за јавниот долг, истакнувајќи дека на веб страницата на Министерството за финансии последниот годишен извештај за долгот е од 2009 година.
„Се објавува само долгот на централната Влада, што е дел од јавниот долг. И овие податоци треба да нè загрижат. Покажуваат дека од 2008 година долгот е практично дуплиран и изнесува 2 милијарди и 727 милиони евра, или 34 проценти од БДП“, истакна Николов.
Според него, со износ од 34,1 процент долгот на централната Влада во 2012 година e надминат таргетот поставен со Стратегијата за управување со јавниот долг. Во 2013 година, обвини Николов, Владата се обидува преку префрлање на дел од долговите од државата на јавните претпријатија во државна сопственост да го намали и сокрие долгот на централната Влада.
За Николов Владата живее на кредит бидејќи секој граѓанин го задолжила со уште по 650 евра, а со тоа ја придвижува државата со задолжување кон состојби како кај јужниот сосед.
Ромео Тренев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека Македонија е далеку од презадолжување бидејќи, според него, Николов истакнал само дека државата зема кредити, но не и оти враќа пари од кредити кои доспеале од претходните влади.
Тренев истакна дека оценките од меѓународните финансиски институции и фактите покажуваат оти Владата добро се снаоѓа со јавните финансии, потенцирајќи дека долгот од 38 проценти е намален на 34, притоа повикувајќи се на извештајот на Светска банка според која Македонија е четврта најниско задолжена земја во Европа.
Пратеникот Влатко Ѓорчев пак, смета дека Македонија е ниско задолжена земја, со позитивни резултати во работењето и во услови на економска криза додавајќи дека БДП и извозот од 2005 година до сега се удвоени./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

