Свет
Седум милитанти убиени во Дагестан
Седум исламистички милитанти, според првичните податоци, се убиени за време на судирите во Кајкентскиот регион во руската кавкаска република Дагестан, во перација во која загинал војник, пренесува РИА Новости повикувајќи се на претставник на оперативниот штаб на републиката.
„Пронајдени се и извлечени од местото на судирите пет тела на милитанти а имаме докази за уште двајца убиени, еден војник на внатрешните сили загина, а друг е ранет“, изјавил соговорникот на агенцијата.
Според него, групата милитанти била блокирана ноќта кон саботата во близина на селото Утамиш. Притоа додал дека Кајкантската област е зголемена будноста на безбедносните сили.
Русија се обидува да ги уништи милитантните групи во Северен Кавказ, додека истовремено спроведува програми за заживување на локалната економија. Кремљ ја заврши својата еднодецениска кампања против сепаратистите во Чеченија во 2009 година каде од 1994 година се регистрирани на сите страни вкупно 250 илјади жртви, но сé уште се бори против преостанатите милитантни групи кои не прифаќаат примирје во Чеченија и околните републики, во прв ред Дагестан и Ингушетија.
Од 2010 година на територијата на Северен Кавказ, забележано е значително зголемување на активностите на милитантите. Руските севернокавкаски републики, а особено Дагестан, Чеченија и Ингушетија, се соочени со драматичен пораст на активностите на милитантите, при што напади на полициските и федералните службеници се пријавуваат речиси секојдневно.
Во 2011 година за разлика од 2009 година стопроцентно беше зголемен бројот на терористички напади. Руските федерални полициски сили одговорија на тоа со елиминација на повеќе од 300 милитанти. Притоа запленети се преку 1.665 огнени оружја, 1.200 килограми експлозив, како и 110 експлозивни направи. Меѓу убиените бунтовници, 16 се повидни лидери на милитантите, а спречени се 58 терористички дејствија./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Европската комисија повторно бара истрага за можната употреба на звучен топ на протестите во Белград
Европската комисија уште еднаш ги повика српските власти да спроведат брза, транспарентна и веродостојна истрага за наводната употреба на звучен топ за време на антивладиниот протест во Белград на 15 март 2025 година, јави Радио Слободна Европа (РСЕ).
Повикот доаѓа откако европските медиуми повторно го покренаа прашањето, а Политико објави дека српските разузнавачки служби, во соработка со руската ФСБ, тестирале звучни уреди на кучиња во обид да утврдат дали е користено звучно оружје врз демонстрантите.
Во извештајот што српскиот претседател Александар Вучиќ го презентирал, се тврди дека уредите не предизвикале реакции кај животните, па оттука било заклучено дека звучен топ не бил користен на протестот. Руската страна не коментираше за извештајот, пренесе РСЕ.
Во изјавата на Европската комисија се нагласува дека „односите со Русија не можат да продолжат како и досега, особено кога се работи за безбедносни прашања“, и се потсетува дека властите имаат обврска да ги заштитат демонстрантите од повреди и насилство.
Српските власти подоцна признаа дека полицијата поседува звучни уреди, но тврдат дека „никогаш не биле употребени“.
Демонстрантите сведочеле за силни и необични звуци, вибрации и здравствени тегоби по протестот – како вртоглавици, несвестица, покачен притисок и нарушувања на слухот.
Настанот го истражува и Европскиот суд за човекови права.
Фото: ЕПА
Свет
„Нема да дозволиме уцени“ – се нижат реакции по најавата на Трамп за воведување царини за некои европски земји
Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта изјави дека ќе излезат со заеднички одговор како реакција на новата закана на Доналд Трамп за воведување царини кон некои европски земји поради Гренланд.
Говорејќи на прес-конференција одржана непосредно по објавата на Трамп, Кошта порача: „Европската унија секогаш ќе биде многу цврста во одбраната на меѓународното право… кое, секако, започнува внатре во територијата на земјите членки на Европската унија“.
Нема да дозволиме уцени
Во меѓувреме, шведскиот премиер Улф Кристерсон реагираше на новите закани со царини што ги изнесе Доналд Трамп, а со кои е засегната и Шведска, пренесе „Дагенс Нихетер“.
„Нема да дозволиме уцени. Само Данска и Гренланд одлучуваат за прашањата што се однесуваат на Данска и Гренланд“, порача Кристерсон. „Секогаш ќе се залагам за мојата земја и за нашите сојузнички соседи“, додаде тој.
Премиерот наведе и дека по ова прашање започнал дијалог со другите земји членки на Европската унија.
Норвешка: Царините не се поврзани со безбедноста на Арктикот
Норвешкиот министер за надворешни работи Еспен Барт Еиде, пак, изјави дека не разбира зошто американскиот претседател Доналд Трамп ги поврзува зголемените царини со безбедносната состојба на Арктикот.
„Постои широк консензус во НАТО за потребата од зајакнување на безбедноста на Арктикот, вклучително и на Гренланд. Не сметаме дека прашањето за царините припаѓа во овој контекст“, напиша Еиде во коментар за НТБ.
Британија: Царините целосно погрешни, Гренланд е дел од Данска
Британскиот премиер Кир Стармер рече дека царините се „целосно погрешни“. Тој нагласи дека Гренланд е дел од Данска и дека „неговата иднина е прашање на Гренланѓаните и Данците“.
Во изјавата го појасни ставот на Обединетото Кралство: „Нашиот став за Гренланд е многу јасен – тој е дел од Кралството Данска и неговата иднина е прашање на Гренланѓаните и Данците. Исто така, јасно ставивме до знаење дека арктичката безбедност е важна за целиот НАТО и дека сојузниците треба да направат повеќе заедно за да се соочат со заканата од Русија во различни делови на Арктикот. Примената на царини врз сојузниците поради стремежот кон колективната безбедност на сојузниците на НАТО е целосно погрешна. Секако, директно ќе се позанимаваме со ова прашање со американската администрација.“
Макрон: Неприфатливо
Францускиот премиер, Емануел Макрон најавата за царините ја нарече неприфатлива. Порача дека европските лидери нема да бидат под влијание на заплашување или закани.
Данска: Изненадени сме
Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, ја нарече изненадување најавата на Доналд Трамп за воведување царини и нагласи дека Данска е во тесна комуникација со Европската унија по ова прашање.
Во објава онлајн на „Тру соушал“, Трамп рече дека царините од 10 отсто ќе стапат во сила на 1 февруари за Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Велика Британија, Холандија и Финска. Овие царини ќе се зголемат на 25 проценти на 1 јуни и ќе продолжат да важат додека не се постигне договор за купување на Гренланд од страна на САД, рече Трамп.
Трамп обвини неколку европски земји дека играат „многу опасна игра“ во Гренланд, велејќи дека „светскиот мир е во прашање“.
Свет
Макрон: Царинските закани се неприфатливи, Европа ќе одговори обединето
Францускиот претседател Емануел Макрон реагираше на царинските закани на Доналд Трамп, порачувајќи дека тие се неприфатливи. Макрон нагласи дека европските лидери ќе одговорат „обединето и координирано“ доколку тие се потврдат, објави тој на социјалните мрежи.
„Франција е посветена на суверенитетот и независноста на нациите, во Европа, како и на други места. Тоа ги води нашите избори. Тоа ја поддржува нашата приврзаност кон Обединетите нации и кон нивната Повелба“, наведе Макрон. Тој додаде дека „врз таа основа ја поддржуваме и ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина“.
Во истиот контекст го спомена и учеството во вежба на Гренланд. „Исто така, врз таа основа одлучивме да се приклучиме на вежбата што Данска одлучи да ја спроведе на Гренланд. Стоиме зад таа одлука. Особено затоа што се однесува на безбедноста на Арктикот и на границите на нашата Европа“, напиша тој.
Макрон порача дека европските лидери нема да бидат под влијание на заплашување или закани.
„Царинските закани се неприфатливи и немаат место во овој контекст“, додаде тој.
„Ќе знаеме како да го одбраниме европскиот суверенитет. Во тој дух ќе разговарам со нашите европски партнери.“

