Македонија
Груевски во Виена на средби со повеќе австриски бизнисмени
Премиерот Никола Груевски во средата заедно со министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции, Висар Фида и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриските развојни зони, Виктор Мизо, остварија средба со повеќе стопанственици во Виена.
Премиерот Никола Груевски во средата заедно со министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции, Висар Фида и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриските развојни зони, Виктор Мизо, остварија средба со повеќе стопанственици во Виена.
На средбата која се одржа во организација на Федерацијата на австриските индустрии присуствуваа претставници на компании од повеќе сектори, од областа на недвижностите, технолошката индустрија, телекомуникациската и информатичката индустрија, енергетиката и металната индустрија.
Груевски ги истакна одличните политички и економски односи со Австрија, која за Македонија е важен економски партнер, и истакна дека позитивна улога во развојот на односите имаат и големиот број на австриски компании кои се присутни на македонскиот пазар.
„Македонија има позитивна бизнис клима, а Светската банка ја рангира државата на 30-то место во годишниот извештај Дуинг бизнис, каде што сме подобро рангирани од 16 земји-членки на Европската унија, и подобро рангирани споредено со скоро сите држави од Централна и Источна Европа“, истакна Груевски.
Премиерот посочи дека Македонија е земја со најниски трошоци за водење бизнис во Европа, во смисла на ниските даноци, и сите други останати трошоци, што придонесе многу компании особено од автомобилската и електронско-технолошката индустрија да инвестираат во земјата.
Ги истакна притоа реформите за намалување на бирократијата, преку имплементирање на проектот Регулаторна гилотина, со кој илјадници процедури беа укинати, или беа направени побрзи или поевтини за компаниите. Беа акцентирани и договорите за слободна трговија со сите земји во Европа, со исклучок на Русија, вклучувајќи ја Турција, државите од ЦЕФТА и ЕФТА организациите.
Многу од компаниите инвестираа во Македонија искористувајќи ја оваа моќност, да произведуваат и продаваат за овие странски пазари без да плаќаат царински трошоци, истакна Груевски.
Директорот Виктор Мизо ги истакна предностите на 14 технолошко-индустриски развојни зони кои се или ќе бидат лоцирани на различни локации низ целата држава, како што се ослободување од плаќањето данок на добивка и персонален данок во периодот до 10 години и ослободувањето од плаќање царини и данок на додадена вредност за увезените машини и опрема во зоните.
Присутните австриски бизнисмени позитивно ги оценија поволностите за инвестиции кои ги овозможува Република Македонија. Сопственикот на Соравиа груп, Хано Соравиа, која веќе е присутна на македонскиот пазар со дел од своите бизниси, изјави дека е задоволен од поддршката која ја добива од македонската Влада.
Инвеститорите имаат добро искуство, инвестициската клима во Македонија е многу добра, луѓето се добро образовани и стопанствениците имаат поддршката од актуелната Влада. Проблемот е што политичкото работење на опозициската партија наштетува на уверувањата и напорите да се инвестира во Македонија. Му благодарам на премиерот Груевски што не поддржува во сите наши инвестициски активности, изјави Хано Соравиа.
Груевски претходно ја посети компанијата Капш, и нивните производствени погони во Виена, а потоа имаше и одвоена средба со сопственикот и главен извршен директор на компанијата, Георг Капш, кој воедно е и претседател на Федерацијата на австриски индустрии која обединува над 4200 австриски компании. Групацијата Капш е голема австриска компанија со над 5 000 вработени која остварува годишни приходи од над една милијарда долари, и која вложува околу 120 милиони долари годишно за истражувања и развој.
„Почестени сме што премиерот Груевски ја посети нашата компанија. Ние сме посветени на комуникациските системи, телекомуникациите и недвижнините. Македонија е многу интересен пазар за нас, во поглед на капацитетите на работната сила, но и побарувачката. Кога станува збор за бизнис климата во Македонија ние мислиме дека инвестициската клима е многу добра, нудите различни можности, ниски даноци, имате многу пријателска клима за инвеститорите. И ние како Асоцијација на австриската индустрија ве поддржуваме и ги мотивираме австриските компании да инвестираат во Македонија“, изјави Капш./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Без одржлива струја нема развој на вештачката интелигенција – градиме гасни интерконектори со две соседни држави
Македонија ги зајакнува преносните линии за електрична енергија и за гас, во однос на вештачката интелигенција. Се гради еден гасен интерконектор со Грција, а почнуваме да градиме гасен конектор што ќе ја поврзе нашата држава Србија, објасни премиерот Христијан Мицкоски на прашања поставени на панелот во Давос кои се однесуваа на вештачката интелигенција и потребните центри за гасови, како и тоа што прави Македонија да привлече странски директни инвестиции наспроти Хрватска и Словенија.
„Во однос на вештачката интелигенција ние ги зајакнуваме нашите преносни линии за електрична енергија но не само за електрична енергија, исто така ги зајакнуваме нашите преносни линии со преносните линии за гас. За центрите за податоци, ви е потребно одржливо би рекол, снабдување со електрична енергија. Значи некој мора да произведе одржливо и сигурно снабдување со електрична енергија за центрите за податоци, за да имаат добри, би рекол одлични перформанси на вештачката интелигенција. Во тој поглед градиме еден гасен интерконектор со Грција, а сега почнуваме да градиме гасен конектор што ќе ја поврзе мојата земја со Србија.
Што значи ова? Ќе го зголемуваме капацитетот на гас до осум милијарди кубни метри годишно. Досега трошиме половина милијарди кубни метри годишно, што значи дека илјадници и илјадници мегавати инсталиран капацитет електрани на гас да снабдуваат нови центри за податоци со електрична енергија. Ова е еден столб на еден пример и целиот институционален ризик го прифаќаме како Влада. Ова е нешто што можеме да им го обезбедиме на инвеститорите како поттик“, рече Мицкоски во Давос.
Во моментов се развиваат три важни проекти за производство на електрична енергија од хидроцентралите во вредност од 2 милијарди евра. Овие проекти, информираше премиерот, не се важни само за Македонија туку и за регионот.
„Сега развиваме три големи проект во однос на производство на електрична енергија од хидроцентрали. Зборуваме за проекти од 2 милијарди евра. Тие проекти се многу важни за нас, не само за производство на електрична енергија, туку тие три проекти се и стратешки важни за нас. Но не само за нас, туку и за регионот во целост.
Зборуваме за три големи брани кои ќе создадат три големи резервоари со многу чиста вода за пиење. Имајќи ги предвид климатските промени, мислам дека регионот ќе има потреба од тие резерви со вода за пиење, со чиста вода за пиење. И двата проекта се дел од каскада што се потпира на една голема река, наречена Црна Река. Низводно од таа каскада имаме најдоброто земјоделско земјиште во Европа, а тој регионот е познат како Тиквешки регион.
Практично сме фокусирани на енергијата, а во исто време имаме и други приоритети. Но веројатно сакате повеќе да зборувате за вештачката интелигенција. Исто сакате да се зборувате за електричната енергија и сите оние проекти кои се поврзани некако со тие две многу важни прашања, не само во мојата земја туку и овде во Давос. Многу пати слушаме од политичарите како зборуваат за вештачката интелигенција. Се прашувам дали сите тие можат да ја разберат суштината на вештачката интелигенција или ја користат вештачката интелигенција како популарен збор, како два популарни збора. Го завршив мојот докторат пред 16,17 години и користев алгоритам на фази логика за контрола на манипулативни роботи. Значи, практично тоа беше почетокот на вештачката интелигенција“, подвлече премиерот на панел дискусијата во Давос.
Економија
(Видео) Мицкоски од Давос: „Бошков Мост“, „Чебрен“ и „Галиште“ ги привлекоа инвеститорите
Премиерот Христијан Мицкоски од Давос соопшти дека имал уште еден успешен ден со бројни билатерални средби и настапи, во рамки на престојот на Светски економски форум.
„Уште еден успешен ден со многу билатерални средби“, изјави Мицкоски, посочувајќи дека денот започнал со средба со Борјана Кришто, по што следеле средби со мултинационални компании кои, како што рече, имаат значајна улога во глобалниот бизнис.
Мицкоски информираше дека имал и успешен панел на кој повторно се разговарало за клучните теми на овогодишниот самит во Давос – вештачката интелигенција, дата-центрите и потребата од зголемено производство на електрична енергија.
„Разговаравме со луѓе кои навистина значат во светот на вештачката интелигенција, фирми кои се водечки во управувањето со дата-центри, но и за предизвиците поврзани со потребата од зголемување на производството на електрична енергија“, изјави премиерот.
Тој додаде дека пред соговорниците ги презентирал и проектите кои за Владата се значајни, а кои опфаќаат производство на електрична енергија, подобрување на преносните капацитети и интерконекторите за електрична енергија и гас.
Мицкоски соопшти дека за прв пат на панелот ги презентирал и клучните проекти кои Владата планира да ги објави во периодот што следи – Бошков Мост, Чебрен и Галиште.
Според него, проектите привлекле големо внимание кај инвеститорите, кои по завршувањето на панелот му пристапиле за размена на контакти и биле поканети да ја посетат земјата. „Убеден сум дека овие проекти ќе бидат успешни, ќе додадат вредност во економијата на Македонија и во квалитетот на живот на македонските граѓани“, изјави Мицкоски.
Тој најави дека престојот во Давос продолжува со уште еден панел и презентација на инвестициските можности на Македонија пред нова група инвеститори, а враќањето во Скопје е планирано за утре.
Економија
НБРМ: Годишен раст од 10,1 отсто на вкупните депозити и од 13,0 проценти на вкупната кредитна поддршка
Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 10,1%, во поголем дел поради растот на депозитите на секторот „домаќинства“, при раст и на депозитите на корпоративниот сектор, соопшти НБРМ.
На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 13,0%, како резултат на растот на кредитите кај двата сектора, со малку поизразен придонес на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на: https://www.nbrm.mk/content/statistika/Soopstenija/%D0%9CD/2025/Soopstenie_za_pecat_monetarni_dvizenja_2025_dekemvri_mk.pdf

