Македонија
Обврзниците најтргувани на берзата

Вкупен промет од 25.042.229,00 денари остварен е денеска на домашниот пазар на капитал, каде обврзниците учествуваа со над 15 милиони денари
Вкупен промет од 25.042.229,00 денари остварен е денеска на домашниот пазар на капитал, каде обврзниците учествуваа со над 15 милиони денари и на дневно ниво беа најтргувани хартии од вредност на македонскиот пазар на капитал.
На Редовниот Пазар се реализира остатокот од 5.441.512,00 деанри кој се оствари од 71 трансакција, а најтргувана беше акцијата на Македонски Телеком за која вчерашниот беше последен ден на тргување со право на дивиденда.
После минатонеделниот пад на Македонскиот берзански индекс на десетте најликвидни компании слично како и во понеделникот, повторно забележа благ раст од 0,05 проценти. Индексот на јавно поседуваните друштва порасна за 0,20 %, а индексот на обврзниците забележа мал пад од 0,10 проценти.
При денешното тргување на Официјалниот Пазар, првото место им припадна на обврзниците од осмата емисија од денационализацијата на Р. Македонија. При тргувањето со нив се истргуваа 224.762 обврзници по цена од 75,00 проценти од својата номинална вредност, што претставуваше пад од 0,01% во однос на последните тргувања. Со овие хартии од вредност се оствари промет од 10.351.045,29 денари на промет.
Втори по обем беа обврзниците од шестате емисија од денационализација. Се истргуваа 67.514 обврзници по цена од 81,11 проценти од номиналната вредност, што значеше пад од 2,28 проценти и при тоа оставрија вредност на тргување од 3.362.510,56 денари.
На трето место по висина на промет на Официјалниот Пазар беа обврзниците од четвртата емисија од денационализација со кои се истргуваа 25.000 обврнзици по просечна цена од 85,50 денари по акција. Вредноста на тргување со овие хартии од вредност беше 1.312.489,13 денари.
Нагорна промена на овој Пазар забележа акцијата на Комерцијална банка Скопје. Се истргуваа вкупно 92 акции по просечна цена од 1.936,52 денари по акција, односно забележа скок од 1,41%, а со нив беше направен промет од 178.160,00 денари.
На Редовниот Пазар како најтргувани акции беа акциите на Македонски Телеком , кои се тргуваа по цена од 404,31 денари, што претставуваше пораст од 1,81% на овие акции во однос на последното тргувањето со нив во понеделникот. Се истргуваа 7.673 акции или остварија вредност од тргување од 3.102.302,00 денари на промет.
Втори по обем на тргување на овој пазар беа акциите Топола Скопје кои се тргуваа по цена од 308,00 денари по акција, односно забележаа пораст од 15,36 проценти, се истргуваа 4.677 акции, а вкупниот промет со нив изнесуваше 1.440.516,00 денари.
Пет најтргувани хартии од вредност
1. Р.Македонија-денационализација 08
2. Р.Македонија-денационализација 06
3. Р.Македонија-денационализација 04
4. Македонски Телеком
5. Топола Скопје
Хартии од вредност со најголем пораст
1. Топола Скопје 15,36 %
2. Ф-ка за цевки 11 Октомври Куманово 8,97%
3. Македонски Телеком 1,81%
4. Комерцијална банка Скопје 1,41%
5. Р.Македонија-денационализација 05 1,20%
Хартии од вредност со најголем пад
1. Отекс Охрид 46,67%
2.Стопанска банка Скопје-приоритетни 25,93%
3.Цементарница Усје Скопје 22,27 %
4.Славеј Скопје 16,67%
5. Идевелоп Скопје 8,57%
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Грција ќе екстрадира македонски државјанин, кој се сомничи за убиство на пензионер во Германија

Апелациониот суд во Солун даде „зелено светло“ за екстрадиција во Германија на македонски државјанин обвинет за грабеж, а потоа и за убиство.
Со тоа, прифатено е барањето на германските власти за екстрадиција на 34-годишен државјанин на Северна Македонија, кој наводно учествувал во грабеж проследен со убиство, со 81-годишна жртва, јавува грчкиот сервис на „Си-ен-ен“.
Обвинетиот побара да не биде екстрадиран во Германија и да ја издржува казната во Грција, од хуманитарни причини бидејќи како што рече, неговото семејство живее во градот Велес, кој е блиску до границата на двете земји, а роднините ќе можат полесно да го посетуваат во затвор.
Како што пишуваат грчките медиуми, злосторството било извршено минатиот февруари во мал град во сојузната покраина Хесен, Германија, а жртвата е 81-годишен маж. Осомничениот бил уапсен вечерта на 27 мај на граничниот премин Евзони, и се покажало дека против него е распишана европска потерница.
Според документите на германското обвинителство, 34-годишникот наводно патувал во Германија со сограѓани од деловни причини. Се чини дека постарата жртва изнајмувала соби, а 34-годишникот и неговите сонародници престојувале во една од нив. Сторителите според обвинението го врзале и му ја затвориле устата на 81-годшниот маж, земајќи пари од неговиот дом, по што тој починал од задушување.
Македонија
Поради дефект на водоводна цевка, се суши тутунот во Прилепско Поле, алармира СДСМ

Пукната цевка во хидросистемот кој го наводнува плодното Прилепско поле, е причина што повеќе од месец и пол огромни површини засадени со тутун се наоѓаат пред сушење, велат од СДСМ Прилеп.
Сашо Јорданоски, од партиската Комисија за земјоделство во овој град рече дека прекинот со водоснабдување на земјоделските површини настанал уште во периодот на расадување на тутунот. Оттогаш па до денес, десетици хектари засадени со тутун, но и со градинарски производи, немаат видено капка вода.
„Срамота е во 21 век, во ерата на секојдневен напредок на технологијата, дефект на водоводна цевка да го сотре тутунот во најтутунарскиот регион во државата. Надлежните од „Прилепско поле“ и „Водостопанство“ креваат рамена и немаат одговор дали и кога дефектот ќе биде отстранет. Нема ништо од ветената грижа за тутунопроизводителите од страна на министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, а од пратениците од власта и градоначалникот Борче Јовчески – ни трага ни глас“, изјаваи Јордановски.
Се додава дека прилепските тутунопроизводители се заборавени и препуштени сами на себе.
Македонија
Општина Центар почнува со проект за рано откривање сколиоза кај ученици од 8 до 14 години во основните училишта

Општина Центар и „Синергија Скопје“ во септември започнуваат пилот проект за рано откривање на сколиоза кај ученици од 8 до 14 години во основни училишта на подрачјето на локалната самоуправа . Проектот е договорен во рамки на месецот за подигнување на свеста за сколиоза и ќе се реализира во училиштата: „ Свети Кирил и Методиj“ и „11 Октомври“.
Прегледите ќе ги спроведуваат лиценцирани физиотерапевти и ортопеди во училишни простории, со цел навремена детекција и стручна поддршка.
„Здравјето на децата е наш приоритет. Во пубертетот, кога телото брзо се менува, важно е да се реагира навреме. Неправилното седење, мобилните телефони и тешките ранци го оптоваруваат ’рбетот , затоа секое дете треба да има можност за превентивен преглед,“ порача градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.
Сколиозата често се развива незабележано, а навременото откривање е клучно за детскиот развој.
„Превенцијата не е привилегија , туку потреба на секое дете. Раната дијагноза и редовно следење се клучни за да се спречат компликации.
Ако се третира навреме, децата можат да имаат целосно нормален живот “, велат од Здружението.
Општина Центар е поддржувач на кампањата за подигање на свеста за сколиозата и на настанот одржан по тој повод во Паркот на Франкофонија.