Македонија
Сексуалните и здравствените права на лицата заразени со ХИВ/СИДА во Република Македонија

Во хотелот „Холидеј Ин“ денеска со почеток во 11 часот, се одржа панел дискусија на тема „Сексуалните и здравствените права на лицата заразени со ХИВ/СИДА во Република Македонија“ каде беше изнесена состојбата на овие лица и третманот на институциите на државата кон нив
Дискусијата беше во организација на „Коалицијата за заштита и промоција на сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници“ и „ Х.Е.Р.А. Асоцијација за здравствена едукација и истражување“. Дел од учесниците во дискусијата беа Славчо Димитров, претставник на „Коалицијата за заштита и промоција на сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници“, Жарко Трајановски, истражувач и колумнист, Стефан Стојановиќ и др. Дискусијата настана како резултат на „Годишниот извештај за здравствените права на маргинализираните заедници„ и потребата од борбата со стигматизацијата и дискриминацијата на лицата заразени со ХИВ/ СИДА. Се разговараше за огромниот број на повреди на правата кај лицата со ХИВ, особено правото на пристап до здравствени услуги, правото на приватност и доверливост на податоците кои најчесто се идентификувани во рамки на здравствените институции. Делумно ова се должи на фактот што најголем број од овие лица го обелоденуваат својот статус само пред здравствените работници. Авто стигмата и чувството на изолираност и отфрленост е во голема мера изразена кај лицата кои живеат со ХИВ/СИДА и се манифестира преку губење на желба да се живее нормален живот, од избегнување на секојдневните социјални активности до откажување од сексуалниот живот и планирање на родителството.Постои огромен недостаток на легални процедури за спречување на дискриминацијата и кршењето на човековите права на маргинализираните заедници. Во Македонија исто така нема социјални бенефиции за лицата со намалена работоспособност меѓу кои спаѓаат и лицата заразени со ХИВ. „Законите немаат само функција да не казнуваат туку и да не заштитат и да бидат ставени во функција на одредени проблеми“ изјави Жарко Трајановски. Во законот за анти-дискриминација чија потреба од што поскоро донесување е очигледна, мора да бидат експлицитно споменати лицата со ХИВ/СИДА и другите маргинализирани заедници како сексуалните работници, хомосексуалците, зависниците од дрога итн. „Приоритетот во однос на правата е правото на живот и правото на лекување“, подвлече Стефан Стојановиќ. Заедницата на лицата кои живеат со ХИВ има потреба да се организира, да ги гради своите капацитети и да започне да делува и во делот на планирање и во делот на имплементирање на програмите за ХИВ/СИДА во Македонија. Концептите дека „ова не може да ми се случи на мене“ се глупави. Хомосексуалци отсекогаш имало и ќе има, ХИВ СИДА имало и ќе има, зависности постоеле и ќе постојат, сега останува на сите нас да се погрижиме како за себе, така и за следните генерации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Милевски: Виница 4 години назадува, катастрофално владеење на Петков и ВМРО-ДПМНЕ

Така наречениот отчет на градоначалникот Миле Петков и ДПМНЕ е најдобар доказ за четири години катастрофално и досега невидено лошо владеење на една локална власт во Виница, изјави кандидатот на СДСМ за градоначалник на Виница, Гоце Милевски.
Наместо вистински отчет, додаде тој, видовме обид за замачкување на очите на јавноста и бегање од одговорност за неисполнетите ветувања.
„Затоа таканаречениот отчет беше во скап хотел а не на улиците, во градот и селата во Виница. Затоа што реалноста е разочарувачка. Ниту еден од капиталните проекти од програмата на Петков и ДПМНЕ за Виница не се реализирани“, рече Милевски.
Според Милевски, Петков се фалел со наследени проекти од претходната власт на СДСМ и неколку асфалтирани улици.
„Но фактите говорат: сегашната власт нема реализирано ниту 20 километри улици, наспроти 45 километри изградени во времето на СДСМ. Виница денес изгледа како мала депонија од не собереното ѓубре и смет, собирен центар за кучиња скитници, со небезбедни кратери од вода и хаос од неправилно паркираните возила, со запуштени зелени површини и ниту едно ново засадено дрво. Тоа сликата за Виница после 4 години неспособна локална власт на ВМРО-ДПМНЕ. Да не дозволиме оваа казна да продолжи уште четири години! Локалните избори се шанса за промени во Виница“, рече Милевски.
Македонија
Голема акција на Финансиската полиција: уапсени седум лица за даночни измами и перење пари, го оштетиле буџетот за 430 милиони денари

По двегодишна опсежна предистражна постапка, во текот на денешниот ден Управата за финансиска полиција спроведе акција во која беа извршени претреси на повеќе локации на подрачјето на општина Липково, Куманово и Желино.
Се работи за сложена предистрага, која опфаќа повеќе правни и физички лица, а целта е целосно разоткривање на криминална група, која дејстувала подолг временски период и имала цел вршење на кривичните дела злосторничко здружување, даночно затајување, даночна измама и перење пари и други приноси од казниво дело, со намера организаторите и припадниците на групата да стекнат противправна имотна корист во висина од над четиристотини триесет милиони денари, со што е предизвикана огромна штета на буџетот на Република Македонија.
По налог на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, во акцијата со асистенција на САЕ „Тигар“ од слобода се лишени седум лица и тие се изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд, а едно лице не е достапно на органите на прогонот.
Македонија
Утре сончево време, со температура до 34 степени

Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне во источните делови ќе има услови за локален краткотраен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 18, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 32 степена.
До петок времето ќе се задржи претежно сончево и топло со постепен пораст на дневните температури. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.
За време на викендот времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. В сабота ќе дува умерен до засилен југозападен, а в недела ветерот ќе го смени правецот во северен.