Македонија
Во Скопје повеќе пријавени средношколци, во Тетово и Куманово послаб интерес
Според податоците од Министерството за образование и наука, првиот приемен ден на документи од првиот уписен рок во јавните средни училишта во Република Македонија минал со голем интерес кај учениците во Скопје, додека во Тетово и Куманово инетрес пројавиле помалку матуранти од предвидените места
До 14 часот во средата, во гимназијата „Орце Николов“ во Скопје се пријавиле 286 ученици за 285 слободни места. Во скопската гимназија „Раде Јовчевски – Корчагин“, каде има 256 слободни места, регистрирани се 230 пријави, а во гимназијата „Јосип Броз Тито“ за 305 слободни места се пријавиле 319 полуматуранти.Исто така, забележан е голем интерес за упис во Средното медицинско училиште во Скопје, каде што на првиот приемен ден аплицирале 308 ученици за 170 слободни места. Во скопската гимназија „Ѓорѓи Димитров“ примени се 258 пријави за 204 слободни места, додека во средното економско училиште во Скопје, „Васил Антевски Дрен“, 450 пријави за 476 слободни места.Во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола слободни места има за 204 ученици за коишто се пријавиле 220 полуматуранти, а во средното училиште “Јане Сандански“ во Струмица има 352 слободни места за кои што до 14 часот аплицирале 331 ученик. Во охридската гимназија „Св. Климент Охридски“ примени се 316 пријави за 442 слободни места. Во гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово се пријавиле 550 ученици за 806 слободни места на албански наставен јазик, додека 80 полуматурнати за 102 слободни места. Во гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово аплицирале 266 ученици за 360 слободни места и 304 ученици за 408 слободни места на албански наставен јазик. Во училиштата каде што има поголем број пријавени ученици отколку што има слободни места, ќе се врши квалификациско тестирање за предметите значајни за струката. Тестирањето ќе се одржи на 24 јуни, а резултатите ќе бидат објавени следниот ден.Второто пријавување во првиот уписен рок е на 29 и 30 јуни, а резултатите ќе бидат објавени на 1 јули.Вториот уписен рок во средните училишта е закажан за 19 август, а на 20 август училиштата треба да ги објават резултатите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Студено утро со измерени -5 степени во Берово
Најстудено изутринава е во Берово, каде се измерени – 5 степени, по што следуваат Битола и Струмица, -4, Скопје-Петровец и Штип, – 3, Демир Капија, Велес и Куманово, – 2. Во Тетово, Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, Гевгелија, Прилеп, Mаврови Анови и Претор температура од – 1, Крива Паланка, Попова Шапка, 0, Охрид, 1, Виница и Kрушево 2, информира Управата за хидрометоролошки работи (УХМР).
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.
УХМР најави дека до вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Ќе се менува проводник на далновод во Прилеп, градот неколку часа ќе биде без струја
Прилеп и приградските населби утре претпладне, од 6:30 до 11 часот, ќе останат без напојување со електрична енергија.
Како што информираат од АД МЕПСО, исклучувањето се врши поради планирани активности на електропреносната мрежа, кои опфаќаат демонтажа на старо проводно јаже од 110 киловлти за далноводот ТС Битола 1- ТС Прилеп 1 и монтажа на нов проводник. На замената ќе работат стручните екипи на АД МЕПСО.
Согласно со планираната динамика, работите ќе траат најмногу четири и пол часа, по што напојувањето со електрична енергија во Прилеп ќе биде повторно воспоставено.
Од АД „МЕПСО“ до корисниците апелираат за разбирање, имајќи предвид дека станува збор за планирани зафати од значење за сигурно и стабилно функционирање на електропреносниот систем.
Македонија
Дедо Мраз од Лапонија ќе дојде со волшебен воз на Железничка во Скопје
Специјална новогодишна театарска претстава за деца „Дедо Мраз дојде со воз“ ќе се одржува од денеска 30 декември на Железничката станица во Скопје, со почеток од 19 часот. Претставата ја организираат Училиштето за театар „Од игра до претстава“, Македонски железници Инфраструктура и Македонски железници АД Транспорт.
Публиката ќе може да го следи големото доаѓање на Дедо Мраз од Лапонија, со неговиот волшебен воз во центарот на Скопје, преку приказна која се раскажува на различни локации: музејската постановка на Македонски железници, театарска претстава во салон и посета не волшебниот воз и подарок од Дедо Мраз за секој посетител во вагонот.
– Како куриозитет годинава во соработка со МЖ Транспорт, го имаме и легендарниот воз „Шпанец“, неодамна реставриран, во кој се пренесува новогодишната волшебна магија и со која посетителите ќе може да патуваат низ Скопје и да другаруваат со ликови од претставата. Претставата ги следи патешествијата со кои се соочува Дедо Мраз пред да стигне на Железничката станица во Скопје и неговото доаѓање е неизвесно, па му треба помош од неговите Елени, Џуџиња, Снешко, но најмногу од неговите обожаватели, децата, се вели во соопштението од „Од игра до претстава“, ЈП Македонски Железници – Инфраструктура Македонски Железници АД Транспорт.
Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, а текстот и режијата на Игор Ивковиќ. Реставратор и автор на музејската изложба користена во проектот е дело на авторот Ванчо Милошевски.
Во претставата играат актерите: Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Симона Петрушева, Ведра Димова, Александар Спироски. Вклучени се и 40-тина учениците од училиштето за театар „Од игра до претстава“.
Визуелното обликување на проектот е доверено на Бранкица Јордановска, во соработка со Горан Сачкарски. Музиката е авторско дело на Драган Илиевски, а монтажата е на Андреј Златаноски.
За потребите на претставата, ќе бидат користени: локомотива создадена во 1942 година, серија 33 и вагон што е изработен во 50-те години на 20 век и бил во употреба до крајот на 70-те години, а сега реставриран по урнекот на „ОРИЕНТ ЕКСПРЕС“, како и од неодамна реставрираниот воз „шпанец“ серија 712/714.

Билети може да се купат на билетарницата на Железничка станица – Скопје, секој работен ден од 12 до 19 часот. Резервација на [email protected] и на телефонскиот број 075 295 905.

