Економија
ЕИБ стави нарасполагање 100 млн евра за македонските компании

Кредитната линија од 100 милиони евра на Европската инвестициска банка (ЕИБ), обезбедена со посредство на македонската влада, ставена им е на располагање на македонските компании.
За таа цел во вторникот во Скопје вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и директорот на Македонска банка за поддршка на развојот Драган Мартиновски потпишаа договор со директорот во ЕИБ Доминик Курбин.Наведувајќи дека овој проект претставува продолжение на успешната реализација на првите две кредитни линии, Ставрески истакна дека целта на оваа трета фаза од проектот е продолжување на поддршката на приватниот сектор од страна на Владата преку нови средства да се зголеми ликвидноста на стопанството и извозот. Ставрески информираше дека со претходните две кредитни линии од 150 милиони евра биле поддржани 712 проекти на мали и средни претпријатија преку кои се отвориле 3.150 нови работни места претежно во производни и извозни компании.„Со новите 100 милиони евра вкупната поддршка што владата во текот на овој кризен период ја обезбеди за македонското стопанство е 250 милиони евра, средства што никогаш не биле обезбедени во толкав износ како поддршка на владата за стопанството, изјави Ставрески.Тој изрази уверување дека овие средства, под услов да се стабилизираат состојбите во Европа и се зголемат нарачките, компаниите ќе ги искористат не само за дневна ликвидност, туку и за инвестиции и отворање нови работни места. Директорот на ЕИБ Курбин потсети дека претходната кредитна линија е искористена за четири месеци, изразувајќи надеж дека и овие средства ќе бидат распределени во кус временски период Директорот на МБПР Мартиновски информираше дека 70 отсто од парите од оваа кредитната линија ќе бидат наменети за малото стопанството, а 30 отсто за големите компании. Кредитите од 10.000 до 3,5 милиони евра ќе се одобруваат со рок на отплата осум години грејс период од 2 години, а кредитите со износ од 5.000 до 667.000 евра со рок на отплата до 3 години и грејс период од 6 месеци. Каматната стапка е 5,5 отстоОвие средства до крајните корисници ќе се пласираат преку девет деловни банки – Стопанска банка Скопје, НЛБ Тутунска банка, Комерцијална банка, Охридска банка, Шпаркасе банка, Стопанска банка Битола, Прокредит банка, ТТК банка и Халк банк. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Македонската „Green Machines“ ја зацврстува дистрибутивната мрежа во САД

Green Machines на БРАКО, познат по своите иновативни еколошки возила за чистење на јавни површини, бележи сериозен раст на американскиот пазар со мрежа на реномирани дистрибутери низ повеќе од 30 американски сојузни држави.
Најнов партнер е компанијата Mar-co Equipment од регионот на Лос Анџелес, која стана ексклузивен дистрибутер за Јужна Калифорнија.
Моментално, Green Machines има дистрибутери во следниве американски држави:
Owen Equipment – Вашингтон, Орегон, Северна Калифорнија, Невада, Ајдахо, Монтана, Јута, Колорадо, Ново Мексико
Industrial Disposal Supply – Тексас
Mar-co Equipment – Јужна Калифорнија
United Rentals – достапен низ сите држави и територии на САД
Grainger – достапен низ целата територија на САД
Equipment Depot – Луизијана, Мисисипи, Кентаки, Индијана, Охајо, Пенсилванија, Масачусетс, Конектикат, Њу Џерси, Мејн, Вирџинија, Милвоки, Висконсин, Флорида, Орегон, Вашингтон
Van Keppel – Канзас, Арканзас, Илиноис, Висконсин, Ајова
Овој успех претставува уште еден доказ за конкурентноста на македонскиот индустриски производ и неговата технолошка супериорност. Со новите дистрибутерски партнери, Green Machines продолжува да ја шири својата глобална визија за почисти, поеколошки и поефикасни урбани средини.
ПР текст
Економија
Муцунски: Владините политики за извоз даваат резултати – раст од 23,44 отсто во мај

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово на социјалните мрежи сподели податоци за кои рече дека го потврдуваат ефектот од економските политики на Владата, при чија реализација значајна улога има и Министерството што го предводи. Статистиката покажува стабилни и позитивни трендови во извозот, дури и во услови на стагнација на европскиот пазар.
Според објавените податоци, македонскиот извоз во мај 2025 бележи раст од 23,44 проценти, додека за првите пет месеци од годината порастот изнесува 3,15 отсто. Во истиот период, увозот е зголемен за само 1 отсто, што упатува на стабилен трговски биланс и позитивно салдо.
„Податоците укажуваат на значително поголем извоз од увоз – што значи повеќе свеж капитал во државата, зајакната девизна позиција и дополнителен поттик за економски раст. Зголемениот извоз отвора нови работни места, го зајакнува домашното производство и ја зголемува конкурентноста на македонските производи“, напиша министерот Муцунски.
Економија
Дурмиши од Струга: Инвестираме 40 милиони евра за граѓаните да останат и напредуваат дома

Денеска во Струга, Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување ја одржаа јавната презентација на Оперативниот план за вработување 2025. Настанот привлече голем интерес кај граѓаните, бизнисите и локалните институции, а главниот фокус беше ставен на мерките што директно ја засилуваат вработеноста и ја стимулираат економијата.
На презентацијата присуствуваше и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, кој порача дека Владата вложува во граѓаните – нивните идеи, капацитети и амбиции.
„Не нудиме празни ветувања, туку конкретни мерки, средства и поддршка. Оперативниот план е алатка за секој кој сака да започне, да се дообучи или да се вработи. Целта е јасна – да создадеме можности тука, дома“, истакна министерот Дурмиши.
Планот за 2025 година предвидува инвестиција од 40 милиони евра, насочена кон повеќе од 10.000 граѓани, а oд Министерството велат дек досегашниот одѕив покажува дека мерките веќе го даваат посакуваниот ефект.
Мерката за практикантство обезбедува вклучување на 1.352 млади лица до 29 години, од кои 40 преку онлајн практикантство. Секој учесник ќе добива месечен надомест од 12.000 денари во период од три месеци.
„Субвенционираното вработување за микро, мали и средни претпријатија веќе има над 2.000 апликации – доказ за високиот интерес на приватниот сектор да учествува во креирање нови работни места“, велат од Министерството.
Се додава и дека финансиската поддршка за започнување сопствен бизнис е успешно затворена со над 6.000 апликации, а во тек е селекцијата на корисниците, додека мерката 3.1 – Обука кај познат работодавач и понатаму останува една од најефикасните алатки за вработување.
„Овие бројки не се само статистика – зад секоја апликација стои приказна, надеж и одлука да се направи чекор напред. Нашата задача е да ја поддржиме таа одлука со реални алатки“, додаде министерот Дурмиши.
Настанот во Струга е дел од поширока теренска кампања, со која Министерството и Агенцијата за вработување ги претставуваат мерките директно пред граѓаните. Следуваат презентации во Гостивар, Кичево, Сарај, Липково и други општини со висока стапка на невработеност.