Економија
„Боинг“ ќе вложи во Русија 27 млрд долари

Американска корпорација „Боинг“ (Boeing) во следните 30 години, планира да инвестира во проекти во Русија околу 27 милијарди долари изјави за телевизијата Русија Тудеј, потпретседателот за маркетинг за цивилниот сектор на компанијата, Ренди Тинсет.
Американска корпорација „Боинг“ (Boeing) во следните 30 години, планира да инвестира во проекти во Русија околу 27 милијарди долари изјави за телевизијата Русија Тудеј, потпретседателот за маркетинг за цивилниот сектор на компанијата, Ренди Тинсет. „Во текот на следните 30 години, ние очекуваме да инвестираме во Русија за 27 милијарди долари, 18 од нив во производство на титаниум, и уште пет во областа на инженерската поддршка, додека другите четири милијарди во проекти коишто ќе се изведуваат со трети лица“, изјави Ренди Тинсет. Во прогнозата на компанијата се вели дека за авиокомпаниите во Русија и во Заедницата на независни држави (ЗНД) во наредните 20 години би можеле да бидат доставени 1.080 авиони во вкупна вредност од 110 милијарди долари. Една година претходно, сличната прогноза за овој период,направена од експертите на „Боинг“ зборуваше за сума од околу 90 милијарди долари. Набавката на нови авиони во регионот, се истакнува во предвидувањата на компанијата, ќе биде диктирана од потребата да се замени застарениот авиопарк и регионалните авиони со ниска ефикасност во потрошувачката на горивото со моделите од новата генерација авиони со повисока ефикасноста. Како што изјави порано Тинсет, обемот на патничкиот сообраќај во регионот ќе се зголемува во просек за 4,3 проценти годишно. Според предвидувањата на корпорацијата, повеќе од 60 отсто од леталата во следните 20 години ќе ги сочинуваат авиони со тесен труп. Во „Боинг“ веруваат дека авиопаркот на земјите од ЗНД до 2030 година, ќе се зголеми од 55 до 66 отсто со авиони на компанијата. Стапката на раст на авионите со широк труп во регионот ќе биде определена од проширувањето на редовните меѓународни дестинации, зголемената фреквенција на патници и други фактори. Во „Боинг“ сметаат дека побарувачката на авиони со широк труп и со поголема ефикасност во потрошувачката на горивото, како што е моделот „боинг 787“ на пазарите во ЗНД пазар ќе изнесува околу 200 парчиња,при што за најголемите авиони од типот „боинг 7474“ нема да има значајна побарувачка на овој пазар. Побарувачката за авионите со кус долет за регионални линии на пазарот во ЗНД во следните 20 години ќе изнесува 1.600 парчиња, прогнозираат во американската авио компанија. Имајќи го предвид темпото на повлекување на застарените воздухоплови, вкупниот авиопарк на компаниите во ЗНД во 2030 година ќе се зголеми на 1.400 од сегашните 1.140 авиони. Зголеменото внимание кон влијанието на воздушниот сообраќај поради глобалните климатски прилики, е еден од факторите кои ќе бидат одлучувачки при изборот на воздухоплови со помала емисија на штетни гасови, се претпоставува во проектот на „Боинг“/крај/рт/сн.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска: Стабилната грејна сезона е приоритет, институциите во редовна координација

На координациски состанок со претставници на сите надлежни институции од енергетскиот сектор беа разгледани тековните активности и подготвителните мерки за непречено снабдување со топлинска и електрична енергија во претстојната грејна сезона, информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Редовниот ресорски состанок се одржа во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, каде покрај претставниците на Министерството од соодветните сектори, присуствуваа и претставници на компании и институции од енергетскиот сектор.
Во дискусијата активно учествуваа раководствата на ЕСМ, МЕПСО, НОМАГАС, како и претставници на НЕМО, кои ги изнесоа своите ставови, предизвици и предлози за натамошно унапредување на енергетскиот систем и зголемување на координацијата помеѓу институциите.
Разгледани беа: напредокот на проектите за енергетска инфраструктура; состојбата со обезбедувањето на потребните енергенси; плановите за работењето на берзата за електрична енергија и day-ahead пазарот; координацијата помеѓу институциите за одржување на стабилноста на системот.
Министерката Сања Божиновска беше информирана за досегашните подготовки и нагласи дека клучен приоритет останува сигурното и стабилно снабдување на граѓаните и индустријата во текот на целата грејна сезона.
За првпат по формирањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Божиновска воведе пракса на редовни координациски состаноци со сите надлежни институции од секторот. Целта е навремено информирање и координирање на активностите – практика што досега не постоела, посочуваат од министерството.
Економија
Гувернерот Славески на средба со претставници на Амбасадата на Швајцарија и на Институтот од Женева: Поддршка за јакнење на институционалните капацитети на Народната банка

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари средба со Михал Харари, вршителка на должноста амбасадорка во Амбасадата на Швајцарија и со претставници на Институтот за меѓународни и развојни студии во Женева, на која се разговараше за давање поддршка за натамошно јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон Европската Унија.
Во рамките на разговорите беше истакната поддршката што Институтот ја дава преку Програмата за билатерална помош и јакнење на капацитетите за централните банки (BCC), финансирана од Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија (SECO), во која ќе биде вклучена и Народната банка. Програмата има за цел да им помогне на централните банки во земјите во развој во градењето аналитичка и техничка експертиза за водење ефикасна монетарна политика, како и за одржување стабилен и сеопфатен финансиски систем.
Гувернерот Славески нагласи дека соработката со швајцарската амбасада и вклучувањето во овој проект претставуваат значаен поттик за натамошно зајакнување на институционалните капацитети на Народната банка во повеќе важни области на работењето. Соработката со Институтот ќе опфати техничка помош и пренос на знаење за унапредување на истражувачката активност, модернизација на алатките за анализа, унапредување на системот за управување со ризиците, како и за поголема финансиска вклученост.
Во моментов, проектот вклучува централни банки од десет земји од различни делови на светот, а наскоро и Народната банка ќе биде дел од оваа мрежа на институции коишто преку оваа програма инвестираат во знаење и напредок.
Економија
Славески – Сецуко: во фокусот унапредување на соработката во областа на дигитализацијата, јакнење на финансиската вклученост

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари средба со амбасадорката на Јапонија во Република Северна Македонија, Кавахара Сецуко.
На средбата беа разменети мислења за актуелните економски движења во светот, предизвиците со кои се соочуваат централните банки при зголемена неизвесност, како и искуствата од спроведувањето на монетарната политика и одржувањето на финансиската стабилност.
Посебен акцент беше ставен на можностите за унапредување на соработката меѓу Народната банка и институциите од Јапонија, особено во областа на дигитализацијата во финансискиот сектор, јакнењето на финансиската вклученост и унапредувањето на вештините и капацитетот на човечките ресурси. Во таа смисла, беше истакната подготвеноста за размена на знаења и добри практики, имајќи го предвид јапонското искуство и експертиза во овие области.
Гувернерот Славески и амбасадорката Кавахара Сецуко се согласија дека постои простор за натамошно зближување и институционална соработка, којашто ќе придонесе за унапредување на економските односи меѓу двете земји.