Македонија
АмЧам организираше дебата на тема „Соработка помеѓу деловната заедница и универзитетите‘‘
Дебата на тема „Соработка меѓу деловната заедница и универзитетите‘‘ организираше Американската стопанска комора во Македонија (АмЧам) со цел да поттикне програмите за високо образование да бидат релевантни за бизнис секторот и да се зголеми бројот на практикантства.
Дебата на тема „Соработка меѓу деловната заедница и универзитетите‘‘ организираше Американската стопанска комора во Македонија (АмЧам) со цел да поттикне програмите за високо образование да бидат релевантни за бизнис секторот и да се зголеми бројот на практикантства.
На почетокот од настанот пред присутните се обратија Џес Бејли, Амбасадор на САД во Република Македонија и Мирослав Марчев, Претседател на Одборот на директори на АмЧам Македонија.
„Знаеме дека дел од нашите членки имаат востановени програми за соработка со одредени факултети и ваквите програми веќе добро напредуваат. Сепак, би сакале да се надоврземе на ваквите индивидуални односи кои веќе постојат и да создадеме јавна платформа, каде што би ги пренеле напорите за подобрување на општата состојба која ќе му помогне на секој бизнис кој функционира во Македонија,“ изјави Марчев.
Потоа следуваше интерактивна дискусија во која се вклучија претставници од компаниите членки на АмЧам Македонија, државните и приватните универзитети и студентските организации.
Во текот на дискусијата, учесниците дебатираа колку сегашната законска обврска за задолжително практиканство за сите студенти овозможува квалитетни практикантски ангажмани, дали е потребно стандардизација на практикантските програми, но не само од страна на компаниите туку и од страна на факултетите и кои се всушност очекувањата од практикантството на сите инволвирани страни (студентите, универзитетите и деловната заедница).
Меѓу другото, беше заклучено и дека оспособувањето на студентите за практична работа уште во текот на студиите е значаен фактор за зголемување на нивната конкурентност (преку стекнување на вештини) и способност за побрзо наоѓање на работа. Компаниите во современата економија очекуваат дека дипломираните студенти веќе имаат познавање од практична работа со што се намалуваат нивните трошоци за нивно понатамошно усовршување.
Учесниците отворија повеќе прашања околу вклучувањето на деловната заедница при подготовката и осовременувањето на академските програми и наставата, вклучувањето на претставници од деловната заедница како гости говорници и развивањето на практични проекти во соработка со нејзини претставници. Недостатокот на фондови за истражувања и развој и недоволниот број на специјализирани програми дополнително ја отежнуваат квалитетната соработка и взаемна поддршка помеѓу деловната заедница и универзитетите.
На крајот присутните заклучија дека успешниот развој на понатамошната соработка ќе се постигне преку заедничка работа и отворен дијалог со сите инволвирани страни. /крај/мф/ап
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Се намалува цената на дизелот, на бензинот останува иста
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,10 отсто во однос на одлуката од 27 ноември.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,220 отсто, кај дизелот за 3,302 проценти, кај екстра лесното масло за 2,323 и кај мазутот намалувањето за 4,403 отсто.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,0096%
Од 2.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 75,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 77,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 66,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,963 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,902 ден/кг и сега ќе изнесува 33,963 ден/кг.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 2.12.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Економија
Од 1 декември поскапува парното: сметките повисоки за околу 130 денари
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со комунален отпад (РКЕ) ја информира јавноста дека од 1 декември цената на топлинската енергија ќе се зголеми за дел од потрошувачите.
Според одлуката, за домаќинствата што се снабдуваат од најголемиот систем – ЕСМ Дистрибуција, ЕСМ Снабдување и ЕСМ Производство – цената се зголемува во просек за 5,9%. За потрошувачите на ЕСМ Енергетика зголемувањето е во просек 7,6%, а за корисниците на Скопје Север – Енерџи Еко Линк во просек 7,7%.
„Од 1 декември просечната сметка ќе биде зголемена за 130 денари – од 2.200 денари на 2.330 денари“, изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
Тој нагласи дека во следниот период е потребно долгорочно стратешко планирање и сериозна санација и модернизација на топловодната мрежа. Според него, овие инвестиции ќе ги намалат дефектите, ќе го подобрат квалитетот на снабдување и ќе овозможат проширување на мрежата, што би довело до зголемување на конзумот.
Бислимоски повтори дека греењето на парно и понатаму е најекономично, додавајќи дека анализите покажуваат дека доколку сите исклучени потрошувачи се вратат на системот, сметките би се намалиле за околу 10%.
Вкупно 65.000 потрошувачи се снабдуваат со топлинска енергија.
Економија
Завршниот настан „ЕУ за економски раст“ ги претстави успесите и долгорочната одржливост на програмата
ЕУ-финансираната програма ЕУ за Економски Раст (EU4EG) вчера го одбележа своето официјално затворање со саем на претпријатија кој обедини повеќе од педесет микро, мали и средни претпријатија, стартапи, акцелератори, креатори на политики и партнери.
Од своето започнување, EU4EG поддржа над сто мали и средни претпријатија, стартапи од Полошкиот, Североисточниот, Југозападниот регион како и Ресен, овозможувајќи им поддршка да ги подобрат своите процеси, да освојат нови пазари и да усвојат позелени и подигитализирани практики.
Клучните резултати вклучуваат: 37 новоформирани компании. 265 нови работни места, многу од нив во економски ранливи региони. Просечно зголемување на перформансите од 30% кај поддржаните компании – значително над целната вредност од 10%. 129 нови производи и услуги, кои ја покажуваат силната иновативна енергија на домашниот приватен сектор. 51 нов развиен сервис од бизнис-поддржувачките организации, од кои 18 напредни услуги. 5 акцелератори што успешно спроведоа програми за развој на бизниси. Намалување на времето за развој на бизнис од 8 на 5 месеци преку структуирана поддршка. Над 5,5 милиони евра грантови доделени на МСП, стартапи и услуги за претпријатијата.
„Резултатите што денес ги видовме покажуваат што се случува кога амбицијата ќе добие вистинска поддршка: нови компании, нови одржливи работни места и силен локален развој. Веруваме во потенцијалот на Северна Македонија. Европската унија останува сигурен партнер во градењето модерна, конкурентна и зелена економија што создава еднакви можности за сите. Како што државата чекори напред, ќе продолжиме да инвестираме таму каде што е најпотребно: во луѓето, во идеите и во регионите што го движат овој напредок.“ – амбасадорот на ЕУ, Михаелис Рокас.
Овие резултати ја потврдуваат посветеноста кон практични, мерливи и долгорочни ефекти за приватниот сектор, поддржувајќи компании во производството, земјоделството, рециклирањето, ИКТ-секторот, прехранбената индустрија, синиот и циркуларниот економски модел.
„И во иднина, како Министерство за економија и труд, продолжуваме со поддршката за развој на акцелератори, поддршката за младите иноватори, вклучувањето на локалните заедници и создавањето економски силни региони, а не само силни центри. Европската унија и Сојузна Република Германија со овој проект дадоа јасен пример како една стратегија може да создаде реални и одржливи резултати. Наша задача е да обезбедиме институционален континуитет за оваа инфраструктура да продолжи да живее и по завршувањето на проектот,“ изјави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.
Изложбата беше доказ за влијанието на EU4EG, претставувајќи компании што ја подобриле ефикасноста, навлегле на нови пазари, го намалиле еколошкиот отпечаток и ги прошириле можностите за вработување.
„Гледајќи ја економската состојба и можностите во Северна Македонија во 2021 година, германската влада му довери на Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) и АРЕА научниот парк од Трст, Италија да го имплементираат овој проект за економски
раст, со поддршка и од ЕУ и од Германија. Денес ги сведочиме резултатите, но германската поддршка не завршува тука. Најново, Германија даде мандат за изработка на студија за макроекономската состојба во Северна Македонија и побара експертски препораки за тоа како дополнително да се подобри климата за странски инвестиции. Германија останува ангажирана во регионот, и во Северна Македонија, со желба да види силни демократии и економска благосостојба.“ – Јан-Аксел Вос, заменик амбасадор, Германска амбасада.
Програмата зад себе остава зајакнати институции, поагилен претприемачки екосистем и мрежа на акцелератори и поддржувачки организации што веќе обезбедуваат одржливи услуги и по завршувањето на проектот.
„Како партнер за имплементација на активностите, нашата улога беше да ги преточиме европските приоритети во практични решенија за бизнисите преку техничка и финансиска поддршка — од дигитализација и циркуларна економија, до зајакнување на вредносните синџири и пристапот до пазари. Горди сме на многуте мали и средни претпријатија како и стартапи кои преку оваа поддршка успеаја да иновираат, инвестираат и растат. Тие резултати покажуваат што е возможно кога меѓународната соработка се спојува со силна локална посветеност. GIZ останува целосно посветен на продолжување на ова партнерство и на креирање поконкурентна економија која создава можности за луѓето низ целата земја.“ – Марк Барет, програмски координатор, Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ).
Настанот ги истакна резултатите од повеќегодишната соработка меѓу Европската Унија, Владата на Германија и Северна Македонија, имплементирана од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) и АРЕА научниот парк од Трст, Италија, со цел зајакнување на конкурентноста, отпорноста и иновативниот капацитет на приватниот сектор.

