Македонија
Милошоски на 20-годишнината од Венецијанската комисија
Македонија особено ја цени соработката со Венецијанската комисија, чии правни експертизи и совети, значително придонесоа во подготовката на квалитетни законски прописи и нивното усогласување со меѓународните и европските стандарди
Ова го истакна македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски во улога на претседавач со Комитетот на министри на Советот на Европа во денешното обраќање во Венеција на одбележувањето на 20-годишнината на Венецијанската комисија, јави известувачот на МИА. Тој во оваа прилика напомена неколку примери во кои Македонија искористи експертиза на Венецијанската комисија, како што беше случајот со подготвувањето на изборниот кодекс во 2008 година, а во рамките на локалните и претседателските избори во март 2009 година Комисијата пак овозможи поддршка и обучи 80 тренери кои потоа го пренесоа своето знаење на сите членови на избирачките комисии во државата.Венецијанската комисија во изминатите 20-години, како што истакна, придонесе во промовирањето и заштитата на основните принципи и стандарди на Советот на Европа во областа на демократијата, човековите права и владеењето на правото, пренесе МИА.Во своето излагање, Милошоски ја изрази цврстата определба на Советот на Европа и Република Македонија како претседавач со ова тело, за продолжување на соработката и поддршката за работата на Венецијанската комисија која, како што рече, е од витално значење за обезбедувањето на униформноста и конзистентноста на правните системи на европските држави во поглед на виталните европски стандарди и принципи.- На 11 мај годинава го преземавме претседавањето со Комитетот на министрите на Советот на Европа. Во месеците пред нас ќе се обидеме да ги пренесеме потребата, надежите и аспирациите на 800 милиони граѓани од 47-те земји членки. Ќе се обидеме да одговориме на потребите на земјите од регионот каде Венецијанската комисија има важна задача во изборниот процес, нагласи Милошоски.Европската комисија за демократија преку правото на Советот на Европа (Венецијанската комисија) е формирана со парцијален договор од страна на земјите-членки на Советот на Европа на 20 мај 1990 година, како независно експертско тело, специјализирано за подготовка на експертизи, стручни мислења, препораки и насоки за усогласеноста на уставните норми и законските проекти во земјите-членки со стандардите и принципите содржани во Конвенциите на Советот на Европа.Мексико е последната држава која годинава се приклучи на 57-те земји полноправни членки на Венецијанската комисија.Во македонската делегација која учествува на одбележувањето се и претседателот на Уставниот суд на Република Македонија Трендафил Ивановски, уставниот судија Наташа Габер – Дамјановска и професорката од Правниот факултет во Скопје Гордана Силјановска-Давкова, која е дел од експертскиот тим на Венецијанската комисија.На церемонијата учествуваат повеќе високи претставници од Советот на Европа и други меѓународни организации (ЕУ, ОБСЕ), меѓу кои: ГенСек на СЕ, Торбјорн Јагланд, претседателот на ПС на СЕ, Мевлут Чавушоглу, претседавачот со ОБСЕ, министерот за надворешни работи на Азербејџан Елмар Мамадајров, како и државни претставници од повеќе земји-членки на Советот на Европа. На маргините на настанот министерот Антонио Милошоски оствари билатерална средба со претседателот на Венецијанската комисија Џиани Букичио, на која се дискутираа досегашните успеси на Комисијата и можностите за продлабочување на соработката со Комитетот на министри на Советот на Европа.Милошоски и Букичио констатираа дека Венецијанската комисија игра важна улога во промовирањето и заштитата на основните принципи и стандарди на Советот на Европа во областа на демократијата, човековите права и владеењето на правото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Преку фирми и даночни измами биле извлечени 4,8 милиони евра од државата – Обвинителството гони 20 лица, вмешани службеници од УЈП
Под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, истражителите од Истражниот центар при обвинителството, со асистенција на МВР, вчера до доцните вечерни часови вршеа претреси на 16 локации низ државата. При претресите се пронајдени и времено одземени фиктивна документација, парични средства, оружје и лажни печати од правни лица, а осомничените лица се обезбедени.
Акцијата е резултат на постапувања на Истражниот центар на ОЈО ГОКК и Управата за финансиско разузнавање, по известување на АНБ, при што беа обезбедени докази за основано сомнение за кривични дела од финансиска природа. Врз основа на ова ОЈО ГОКК отвори предмет и донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 20 лица кои го оштетиле буџетот на државата за 297.733.844 денари или 4,8 милиони евра.
Првоосомничениот, српски државјанин и сопственик и управител на две правни лица, заедно со двајца службеници од УЈП – Регионална дирекција Скопје, во текот на 2023 година формирале група со цел вршење на кривични дела даночно затајување, даночна измама, перење пари и злоупотреба на службена положба. Во периодот 2023–2025 година, во групата биле вклучени и други сопственици, управители и вработени во правни лица во Скопје и Гевгелија.
Со прикажување неточни податоци во даночните пријави и со помош од даночни службеници од УЈП, во периодот 2023–2024 година првоосомничениот избегнал плаќање данок во износ од 11.593.403 денари. Останатите осомничени сопственици и управители на правни лица со лажни пријави побарале, а осомничените вработени им одобриле неосновано враќање данок за нерезидентни правни лица со што е нанесена штета на буџетот во износ од 31.175.168 денари. Дополнително, дел од осомничените во истиот период вршеле трансфер и подигање парични средства со цел прикривање на потеклото на парите прибавени со кривични дела, во вкупен износ од 91.985.197 денари.
Досегашните прибрани докази упатуваат дека осомничените вработени во УЈП – Регионална дирекција Скопје, од кои дел на високи раководни позиции, со повеќекратни злоупотреби на службената положба, нанеле вкупна штета на Буџетот од најмалку 162.980.076 денари.
Јавниот обвинител ценејќи ги околностите утврди дека се исполнети условите за определување на мерката притвор за десет осомничени и на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му предложи на осум лица да им определи мерка притвор, додека за две лица истата е веќе определена во предметот поврзан со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој на РСМ. За останатите 10 лица јавниот обвинител предложи мерки за обезбедување присуство меѓу кои и забрана за вршење на работни активности поврзани со кривичното дело и работни активности како службени лица во УЈП на РСМ.
Македонија
СДСМ: Анти-ЕУ и анти-САД кампања со полна пареа
„Од вчера со полна пареа започна кампања против западот – против европската интеграција и против стратешкиот партнер САД. Откако САД воведоа блокада на визите, ВМРО преку своите сателити, така наречени портали, мали коалициски тендер-партнери, „независни“ експерти, сателит-партии и контролираниот дел од опозиција – тргна со сите сили да ги напаѓа САД, а со тоа и ЕУ“, велат од СДСМ.
„САД не воведоа санкции без причина, туку поради политиките што се водат, проруска ориентација на вицепремеир во Владата, антиамериканските активности, „Ноќните волци“, партизацијата на институциите.
Во домашната јавност се испраќаат пораки дека се работи на приближување, но сите други чекори се насочени кон запирање на интеграциите, прикажувајќи ги како конфликти бидејќи наводно удираат по националните прашања на Македонија.
Сè е фарса, како и овие напади преку дел од медиумите против ЕУ и САД, само за да се создаде слика во јавноста дека постојано нè уценуваат и постојано поставуваат нови барања. Во суштина, Владата покажува дека не сака интеграции.
Тоа јасно се гледа преку односите со соседите, постојаното креирање проблеми со Грција и Бугарија како и преку неисполнувањето на условите на ЕУ, како што се реформите и реформските закони усогласени со европските стандарди.
Сето ова е резултат на политиките што ги води ВМРО: изолација на Македонија. Целта е да станеме „црна точка“ на Европа. Сценрио во три чекори: изолација, избори, па мигранти за пари.
ВМРО е под контрола на Вучиќ кој одби да прими делегација на ЕУ во Србија. Пред тоа не отиде ни на состанокот во Брисел, иако само ден претходно предложи целиот Балкан заедно да влезе во ЕУ.
Исто, copy-paste сценарио. Ние немаме проблем со соседите, ниту со ЕУ, ниту со САД. Единствениот проблем е политиката на ВМРО. Тие создаваат проблеми таму каде што ги нема.
Проблемот е што и ние имаме свој Мадуро, не се проблем САД и ЕУ. Затоа сме во група со Сомалија, затоа нè третираат како „земја од трет свет“. Ете затоа, поради тендер-коалицијата ВМРО-ЗНАМ и нивните сателити во т.н. опозиција“, соопшти СДСМ.
Македонија
(Фото) Наставниците од Кисела Вода на подготвителни обуки за европски проекти
Во организација на Секторот за локален економски развој и Секторот за образование при општина Кисела Вода, денес се одржа обука за наставници од основните училишта на територија на општината, наменета за зајакнување на капацитетите за подготовка за европски проекти.

Обуката е дел од континуираните активности на општината, насочени кон унапредување на квалитетот на образованието и создавање современи услови за работа во училиштата, извести Општината.

Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, истакна дека вложувањето во обуки за подготовка за европски проекти претставува значајна инвестиција во иднината на образованието.

– Со јакнење на знаењата и компетенциите на наставниците, создаваме основа за поквалитетна, иновативна и современа настава. Овие обуки им овозможуваат на училиштата да се развиваат, да разменуваат искуства и да бидат дел од пошироките европски образовни процеси, што на долг рок носи придобивки и за наставниците и за учениците, нагласи градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.



