Македонија
Засилени контроли и санкции за заштита од пожарите

Засилени контроли на критичните точки, авионско и хеликоптерско следење за да се лоцираат причинителите на пожарите и критичните точки и активно вклучување на редовниот полициски состав на МВР, најави Владата за да се превенираат пожарите.
Моментално се активни пожарите во Јасен, Радуша и Чашка, а најчест предизвикувач на пожарите е човекот.
Според информациите на Владата, најчести причини се несовесното палење на пасишта и стрништа, се подметнуваат за да се прикрие нелегалната сеча на дрва и има случаи кога пожарите се подметнуваат со цел по нивното гаснење да се појави саморастечката печурка Смрчак, која е ретка и на пазарот постигнува високи цени.
Истовремено Владата ги задолжи Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Државен инспекторат за шумарство и ловство и Шумска полиција да ги зајакнат контролите во реонот околу Македонски Брод, Скопје и Тетово.
За да се спречи палењето за да никнат печурките Смрчак, владата воведе забрана за берење и откуп на печурки од родот Смрчак, која ќе важи до 5 септември.
„Владата покрај воведената забрана за палење на пасишта, донесе одлука, во случај на појава на пожар од палење на пасишта, ЈП за Пасишта да ги раскине договорите за закуп на пасиште на оние локации каде ќе се причинат пожари. Закупците на пасишта треба добро да ја почитуваат оваа мерка, во спротивно следи раскинување на договор за закуп на пасиште“ изјави владиниот портапрол, Александар Ѓорѓиев.
Останува да важи забраната за движење низ шумите./крај/со/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Усје добива нова улица поплочена со павер-елементи место асфалт

Привршува изградбата на нова улица во населбата Усје, која се очекува да го унапреди квалитетот на живот на жителите во овој дел од општина Кисела Вода. Се работи за сосема нова улица со должина од 180 метри и површина од 900 квадратни метри, која е целосно поплочена со бехатон, односно павер – елементи. Оваа улица се гради во делот каде што никнуваат нови домаќинства, како директен одговор на потребите и барањата на жителите од оваа населба.
Покрај новата улица, во завршна фаза е и реконструкцијата на сите улици во населбата Усје, што се реализира како дел од стратегијата за инфраструктурна обнова на општина Кисела Вода. Пред почетокот на овие градежни активности, беше изградена и фекална канализација, со што се создадени подобри услови за урбан развој на оваа населба.
„Оваа нова улица во Усје е доказ дека кога жителите имаат јасни барања, а локалната самоуправа има слух и визија – резултатите се видливи. Градиме таму каде што досега немало ништо, создаваме услови за достоинствен живот и ја спроведуваме нашата стратегија за целосна инфраструктурна трансформација на Кисела Вода. Усје добива нов лик. Во завршна фаза е и комплетната реконструкција на останатите улици во населбата, која претходно доби и фекална канализација. Со оваа и многу други завршени или започнати интервенции, Општина Кисела Вода ја потврдува својата заложба за модерна, инфраструктурно уредена и функционална локална самоуправа. Преку планска работа, реализација на ветените проекти и одговорност кон секое населено место, како локална власт градиме подеднакво подобри услови за живот за сите свои граѓани“, вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Петрушевски: Венко Филипче и СДС молчат за трет партиски активист фатен со дрога

Венко Филипче и СДС молчат за трет партиски активист фатен со дрога во последните неколку месеци, обвини Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во што се претвори СДС? Здружение на наркодилери и конзументи? Или нивен заштитник? Имено пред 3 дена, Слаѓан Марковски од Гостивар, активист на СДС, е фатен со 12 пакувања кокаин и кеш. Ова е трет партијаш по Јон Фрчкоски и Андон Стојков кој за само неколку месеци е фатен со дрога“, рече тој.
Петрушевски прашува дали СДС и Венко Филипче ќе се откажат од Слаѓан Марковски или ќе се кријат како што се криеја за Андон Стојков?
„СДС е партија која се претвори во заштитник на криминалци. Венко Филипче има шанса и денес да се откаже од наркодилерите во неговите редови. Ако тоа не го стори, повеќе од јасно е дека нема интерес од тоа, и дека интересот се крие во нешто друго“, изјави Петрушевски.
Македонија
Според груби пресметки, ни требаат околу 300 нови училници за едносменско работење во сите училишта, вели Јаневска

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска и градоначалникот на Штип, Иван Јорданов денеска го посетија подрачниот објект на основното училиште „Ванчо Прке“ во населеното место Ново Село.
„Инвестицијата ќе одговори на барањето на родителите на учениците од ова населено место, но и ќе ја реализира иницијативата на Владата за воведување на едносменска настава, од која придобивките многупати досега сум ги споменала. Првенствено ќе ги задржиме децата повеќе на училиште, со оглед на тоа што имаат 900 часови помалку во споредба со европските врсници, повеќе ќе се социјализираат и значително ќе го подобрат своето знаење. Со едносменско работење се решава и предизвикот со вишокот наставници, кои остануваат да работат со учениците преку додатни активности“, рече Јаневска.
Нагласи дека важна придобивка од едносменското работење е и намалувањето на тековните трошоци на училишните објекти, а заштедените средства можат да се алоцираат за други корисни цели. Во ова, како што рече Јаневска, треба да придонесуваат и училишните раководства, наместо да ги злоупотребуваат ресурсите, посочувајќи го случајот со училишниот директор во Струмица кој дозволувал организирање на партиски состаноци во училниците во доцните часови, мислејќи дека тоа ќе остане незабележано.
Информираше дека 150 училишта во земјата имаат настава во една смена, а интенцијата е тоа да го направат сите. Иако училиштата се под надлежност на општините, тие ќе ја имаат поддршката од Владата и од Министерството за образование и наука и во иднина.
„Во државата има уште 245 училишта со двосменска настава и во моментов правиме анализа на условите, за да видиме попрецизно со какви и колкави инвестиции можеме да создадеме услови за едносменска настава. Некаде треба да се доградуваат училници, некаде може само да се преадаптираат простории, а некаде треба да се градат и целосно нови објекти. Сумирано според груби пресметки, ни требаат околу 300 нови училници“, посочи Јаневска.
За да се оствари процесот, потенцираше дека се потребни средства и време, но изрази уверување дека во неколку календарски години целта ќе биде остварена.