Македонија
ТМРО го повикува Бошкоски да даде изјава во Хаг
ТМРО бара од Љубе Бошкоски итно да даде изјава во прилог на жалбата на Јохан Тарчуловски пред Хашкиот трибунал дека на видеоснимката на YouTube читал воен извештај и дека тоа не е негов извештај
„Како долгогодишен адвокат можам само да кажам дека алибито од типот ’читам воен извештај’ не држи. Ако имаш барем малку човечност, мој, не адвокатски, туку човечки совет ти е итно да дадеш изјава во прилог на жалбата на Тарчуловски дека си читал воен извештај и дека тоа не е твоја изјава, се’ друго ќе те направи македонски Јуда“, рече претседателот на вели ТМРО, Ванчо Шехтански на денешната прес-конференција, директно обраќајќи му се на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски. Шехтански потсети дека неговата партија го поддржала Љубе Бошкоски како претседателски кандидат на последните претседателски избори, нагласувајќи дека тој никогаш не се заблагодарил за поддршката.Во неделата засега непознати лица на популарната интернет-страница YouTube поставија видеоснимки на кои се гледа како Љубе Бошкоски пред истрагата во Пула чита изјава во врска со обвинението на Хашкиот трибунал за воени злосторства на територијата на СФРЈ, дека тој и Јохан Тарчуловски се виновни за настаните од 2001 г. во скопското село Љуботен, за што Бошкоски беше ослободен, а Тарчуловски осуден на 12 години затвор. Бошкоски во вторникот на прес-конференција изјави дека текстот што го чита на видео снимката е всушност армиски извештај од периодот во 2001 г. од која произлегува дека наредбата за акцијата на македонските безбедносни сили во Љуботен на Тарчуловски му ја издал покојниот претседател Борис Трајковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица ќе иницира разрешување на Ристовска, имаат информации за понижување, викање и навреди во ДКСК
Наместо да ја насочи својата енергија кон расчистување на корупцијата, членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, очигледно одлучила сопствените нервози да ги истура врз вработените во институцијата која треба да биде бастион на интегритетот, велат од партијата Левица.
„До Левица пристигнуваат сериозни информации дека вработени во ДКСК се изложени на континуирано вербално понижување, навреди, викање и омаловажување, што создало атмосфера на страв и притисок. Според истите сознанија, ваквото однесување резултирало со иницирање и потпишување петиција од страна на вработените, со која се бара разрешување на Ристовска.
Јасно е дека антикорупционер кој врши притисок врз сопствените колеги не може да биде кредибилен борец против корупцијата. Институција задолжена да ја штити законитоста не смее да функционира како работна средина во која владеат навреди, психолошки притисок и злоупотреба на хиерархиската позиција.
Затоа, јавно ја повикуваме Цвета Ристовска да престане да ги истура своите фрустрации врз вработените, а надлежните институции, пред сè Државниот инспекторат за труд, итно да постапат и да извршат контрола за евентуално постоење мобинг и повреда на работничките права во Антикорупциската комисија.
Антикорупциската комисија не смее да биде место каде се кршат основните права на вработените, додека истовремено се глумат морални арбитри за целото општество. Ако ваквото однесување се толерира, тогаш станува јасно зошто оваа институција веќе служи за заташкување на корупцијата, а не за нејзино санкционирање“, соопштија од Левица.
Партијата, имајќи ги предвид сите досегашни информации, ќе иницира постапка за разрешување на антикорупционеркста Ристовска.
Македонија
Костадиновски во Египет: потпишан протокол за соработка меѓу судовите
Претседателот на Уставиот суд, д-р Дарко Костадиновски, и претседателот на Врховниот уставен суд на Арапската Република Египет, Булос Фатимп Искандар, потпишаа Протокол за соработка помеѓу двата суда.
„Обајцата изразија задоволство и уверување дека со овој документ се воспоставуваат нови перспективи за натамошно унапредување на соработката, размена на искуства и техники за унапредување и поефикасно работење. Разговорите се одвиваа во насока на билатерална размена на знаења и практики, се дискутираше и од аспект на проширување на соработката на меѓународен план, со цел информирање и градење на ставови во рамки на Светската конференција на уставни судови“, соопшти Уставниот суд.
Посетата на Египет е по повод учесто на претседателот Костадиновски на состанокот на највисоко ниво на африканските уставни судови, на кој присуствуваат и претседателот на Уставниот суд на Шпанија,Кандидо Конде-Пумпидо, кој ја претставува Светската конференција на уставни судови, Елена-Симина, Танасеску како претседавач на Асоцијацијата на уставни судови на Франкофонијата.
Костадиновски покрај тоа што го претставува Уставниот суд на Република Северна Македонија, е во својство и на претседавач и претставник на Балканскиот форум на уставни судови.
Претседателот Костадиновски денеска ќе одржи говор за „уставното судство во Република Северна Македонија, патот од строг формализам до жив конституционализам”.
На маргините на настанот, претседателот Костадиновски се сретна со претседателот на турскиот Уставен суд, Кадир Озкаја, претседателката на Уставниот суд на Алжир Лејла Аслои.
Костадиновски се сретна и со Јунг Јунгми, судијка на Уставниот суд на Кореја, на која беше истакнато задоволство од развивање на соработката и најавено присуство на претставници од Судот во Кореја на 4. Конгрес на Балканскиот форум на уставни судови кој ќе се одржи од 12-14 ноември во Охрид.
Македонија
Алиу во Тирана на основање на Пан-албански колеџ на хирурзи: се нанадевам дека ќе прерасне во механизам за прекугранична соработка
Министерот за здравство, Азир Алиу, вчера учествуваше на основањето на Пан-албанскиот колеџ на хирурзи (ПAKX), што се одржа во Тирана, соседна Албанија.
Во обраќањето пред присутните хирурзи од Албанија, Северна Македонија, Косово, Австрија, Германија, Швајцарија, САД и други, држави министерот Алиу нагласи дека со оваа професионална организација се поставуваат нови мостови на поврзување меѓу институциите и различните генерации на хирурзи, притоа поврзувајќи ја оваа хумана професија со нејзината благородна цел за безбедност и достоинство на пациентот.
„Хирургијата е област која бара високи стандарди затоа што може да биде прашање на живот или смрт за човекот. Затоа, основањето на ПAKX е важно не само за хируршката заедница, туку и за министерствата за здравство и јавните здравствени системи во целиот регион. Секоја иницијатива што ги подигнува стандардите, го зајакнува континуираното образование, овозможува размена на добри практики и гради професионални мрежи, значи намалување на ризиците, подигнување на квалитетот и зголемување на довербата во здравството“, рече министерот Алиу.
Тој оцени дека основањето на колеџот е резултат на сериозна и долгорочна работа и продолжение на успешните регионални искуства, што води кон создавање на реална можност за менторство, размена на искуство, заеднички програми за обука и создавање култура на заеднички квалитет во хирургијата.
„Кога професионалците преку вакви организации се обединуваат околу стандардите, тогаш може да се очекува здравствените политики да бидат пореални и применливи. Верувам дека овој колеџ ќе прерасне во платформа за заеднички обуки, размена на специјализанти, структурирано менторство, симулациски тренинг и академска соработка меѓу универзитетите и клиниките. Притоа, очекувам оваа соработка да прерасне и во силен постојан механизам за прекугранична соработка, консултации и координација“, рече министерот Алиу и додаде дека здравството е простор каде политиката мора да биде најодговорна, затоа што секоја одлука допира до човечки живот.

