Македонија
МВР: Поголемиот дел на барањата на демонстрантите се веќе исполнети
Најголемиот дел од барањата доставени со поднесокот од демонстрантите кои се во ингеренција на министерството се веќе исполнети, односно по истите е постапено, додека за останатите политички барања постојат соодветни процедури во демократски избраните институции, соопштуваат од МВР
„Одговорноста во однос на убиството кое се случи на Плоштадот „Македонија“ е веќе лоцирана и до надлежното Јавно Обвинителство, беше процесуирана целокупната документација од преземените мерки и активности во форма на кривична пријава, а подоцна и во форма на посебни извештаи. Пријавата беше прифатена и проследена до Основниот суд Скопје 1 – Скопје како барање за отварање на истрага. Осомничениот за убиство ден по настанот беше идентификуван, обезбеден и со него беше извршен разговор во службените простории на СВР Скопје. Изрекувањето санкција за осомничениот е во исклучителна надлежност на судот кој треба да одлучи во фер и непристрасна постапка. Утврдувањето на кривична одговорност и санкции за сите одговорни лица е исто така постапка во која одлучува судот врз база на добиените докази и сознанија од истрагата“, се вели во соопштението на МВР. Демонстрантите кои веќе осум дена протестираат поради убиството на Мартин Нешкоски од страна на припадникот на „Тигрите“, Игор Спасов, во вторникот поднесоа претставка со барања за промени до неколку институции. Едно од главните барања кои ги поднесоа е барањето за оставки од Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, како и нејзиниот портпарол, Иво Котевски. Освен оставки бараат целосно расчистување на случајот, формирање на независно цивилно тело со вклучени независни експерти за целосна контрола на единиците на МВР, целосно реформирање на специјалните единици „Тигри“ и „Алфи“, како и одговорност на сите инволвирани полицајци во случајот кои според изјавите на сведоците биле присутни на местото на самиот инцидент.Од министерството велат дека во моментов во соработка со своите меѓународни партнери, МВР спроведува реформи со кои ќе се зголеми персоналниот и техничкиот капацитет на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди. „МВР продолжува блиску да соработува со Народниот Правобранител и Собранието како надворешни институции овластени да вршат надзор врз работењето на министерството. СВКПС исто така е отворен за соработка и со невладините организации, а согласно хиерархиската поставеност Јавниот Обвинител во секој момент може да иницира постапка за кој било случај или кој било полициски службеник. Барањето на замена на СВКПС со „Независен систем на контрола“ е легитимно и впрочем беше дел од програмата на СДСМ. Не може да исклучиме дека опозицијата истото ќе го покрене во Собранието и мнозинството пратеници ќе се произнесат по него согласно мандатот кој им го имаат доверено граѓаните“, велат оттаму.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски на НАТО-состанок за Коридор 8: Потребнa e зајакнaта регионална поврзаност
На маргините на министерскиот состанок на НАТО, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на покана на италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани попладнево учествуваше на тематски состанок посветен на проектот „Коридор 8“, кој ја поврзува Република Северна Македонија со регионалната инфраструктура и пристаништата во Албанија, Бугарија, Грција и Романија и е препознаен како клучна точка за интеграција на Западен Балкан со пошироката европска мрежа.
На состанокот беше нагласена потребата од зајакната регионална поврзаност, особено имајќи ги предвид актуелните безбедносни ризици и динамичните геополитички промени. Притоа беше потенцирана заедничката определба за интензивирање на координацијата и комуникацијата меѓу сојузниците во контекст на натамошната модернизација на Коридор 8 – стратешка инфраструктура со растечко геополитичко значење.
Учесниците се согласија дека целосната реализација на Коридор 8 ќе донесе значајни стратешки, економски и безбедносни придобивки. Во светло на најновите геополитички случувања во Европа и пошироко, сојузниците ја потврдија неопходноста од забрзано вложување во Коридор 8 како дел од пошироката европска и евроатлантска безбедносна архитектура.
Македонија
Куновска по оставките во СДСМ:„Сите дома, тој останува“
Поранешната пратеничка и функционерка во СДСМ, Софија Куновска, на „Фејсбук“ објави критички статус откако вчера, на барање на партискиот лидер Венко Филипче, оставка поднесоа сите членови на раководството на СДСМ – освен самиот Филипче.
Во статусот, Куновска поставува низа прашања за тоа дали партијата „драматично тоне“ под негово водство и дали, како што пишува, самостојно ја водел кадровската политика во партијата, вклучувајќи ги кандидатурите за градоначалници и советници, „во консултација со Муртино“.
Таа понатаму прашува дали Филипче ги обликувал сите политики, изборот на тим и фирма за кампања, како и дали, без согласност на партиските органи и без координација со пратеничката група, пишувал резолуции и се нудел за широка коалиција „што јавно, што скриено“, при што, како што наведува, „постојано се туркал во прегратките на Мицкоски“.
„Исход, сите дома, тој останува“, пишува Куновска.
Таа додава дека, доколку тоа „уште еднаш помине кај интелектуалците и членството во СДСМ“, партијата ќе продолжи да се задолжува „додека не се потроши и зградата“, а сите ќе станат средство „во функција на личните интереси на неколку криминални ликови“, чии дела, според статусот, треба да застарат.
Куновска напиша и дека, според неа, Филипче „никогаш немал на памет идеја дека е дојден да победува СДСМ“, додавајќи дека „цената за овие туѓи бели дворови ќе ја плати не само СДСМ, туку и ВМРО–ДПМНЕ и сите граѓани на Македонија“.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ние како мнозинство немаме од што да бегаме, ќе се расчистат сите прашања поврзани со трагедијата во Кочани
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, изјави дека во периодот кога државата ја воделе СДСМ и ДУИ се закажувале анкетни комисии, но не се обезбедувал кворум. Стојаноски рече дека поради тоа била упатена покана до претседателот на Левица, како и до сите други пратенички групи, да се најде нов датум за седницата закажана за 9 декември.
Тој посочи дека целта е да се договори термин до крајот на годината во кој седницата би се одржала и на кој би можеле да присуствуваат сите поканети, меѓу кои и премиерот.
„Уште еднаш кажувам, ние како мнозинство и како политичка партија апсолутно немаме од што да бегаме“, изјави Стојаноски.
Тој додаде дека се подготвени да ги расчистат сите прашања што ги имаат родителите на загинатите во трагедијата во Кочани, како и прашањата поврзани со претходни трагедии. Според Стојаноски, преку една сеопфатна анкетна комисија може да се дојде до одговори на сите прашања што се поставуваат во општеството.
Додаде дека денеска на собраниска седница, со 84 гласа „за“, беше донесена одлука за формирање на анкетна комисија која ќе ги опфати сите немили случаи и трагедии во кои изгубија живот 138 лица. Комисијата ќе ги опфати случаите со модуларната клиника во Тетово, автобуските несреќи кај Ласкарци и во Бугарија, како и пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Од парламентарното мнозинство посочуваат дека со ваквата одлука покажуваат дека се први кои сакаат овие случаи да се расчистат и одговорноста — законска или политичка — да ја понесе секој што бил виновен за случувањето на трагедиите.
„Она кое што е важно и би сакал да го истакнам, е дека со ова, успеавме да ја прекинеме политичката игра на некрофилство во која што беа западнати СДСМ и Левица сакајќи да добијат политички поени од едни вакви трагедии“, се наведува во изјавата.

