Македонија
Судење Фаланга, обвинетите тврдат дека чувале евтини сувенири

На продолжението на судскиот процес за продавање антички предмети, беа сослушани обвинети кои во целост го негираат обвинителниот акт и тврдат дека се наместени.Им се суди на 29 -мина за нелегална трговија со артефакти и антички предмети.Обвинетиот Никола Димовски пред судот во детали раскажуваше од каде му биле пронајдените и запленетите артефакти.Tврди дека биле евтини сувенири кои тој ги префарбувал и ги продавал како скапи реплики.Поради сиромашен живот се одлучил на таков бизнис.Тврдеше дека коњот пегаз кој му бил запленет бил реплика која тој лично ја офарбал, а за менадата дека ја купил за 250 денари.Го оспори вештачењето на Обвинителството според кое Менадата била од непроценлива вредност. Кажа дека лично ја фарбал и додека уште се сушела бојата ја фатил и така оставил отисок на десната нога. Кажа дека монетите кои му биле најдени дома ги купил од маркетот „Веро“.Судијата кажа дека во интерес на предметот и самиот отишол да побара такви монети во маркетот, но не нашол, на што обвинетиот му одговори дека монетите се продавале во маркетот во Тафталиџе.Димовски кажа и дека купувал монети од улични продавачи на книги и тоа две за сто денари. Потврди дека имал контакти со заштитениот сведок кој го носел во источниот дел од државата за да му покажува локалитети.Вели дека тоа го правел за да му продаде реплики и да го убеди дека му продава вредни предмети. Обвинетиот пред судот се пожали дека имал тешка здравствена состојба.Иако млад човек имал хематом во мозокот и епилепсија. Неколкупати му се слошило во притвор и добил епилептичен напад. Благодарение на притворениците преживеал. Судењето продолжува со сослушување на обвинетите, а судот најави откако ќе заврши нивниот распит ќе одлучува дали некого ќе пушти од притвор./крај/км
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.