Свет
Шумски пожар во Колорадо, евакуирани 11.000 луѓе
Шумски пожар, што се шири во американската држава Колорадо, е причината за евакуација на 11.000 луѓе од Колорадо Спрингс и други градови, а се заканува и на еден популарен камп под врвот Пајкс Пик, јави Reuters.
Овој е само еден од 20-те пожари што дивеат во неколку сојузни американски држави, воглавно во западниот дел на САД, потпомогнати со силни ветрови и високи температури.
Во сојузната држава Јута евакуирани се 2.500 луѓе.
Според зборовите на командирот на пожарникарската бригада, Дејвид Хантинг, околу 6.200 евакуирани се од Маниту Спринг, место што служи како база за патниците кон врвот Пајкс Пик.
Наредбата за итна евакуација е укината ноќта кон понеделникот, затоа што ветровите го смениле правецот и не претставуваат закана за населеното место.
Американските власти му наредиле на населението да го напушти Грин Маунтајн Фолс, паркот „Чипита“ и Каскада.
Засега нема уништен ниеден објект, но ако ветрот го смени правецот огнот ќе биде закана за повеќе објекти за живеење.
Пожарот гори на 3,2 киломтери од подножјето на планината Пајкс Пик, која е најпосетена планина во САД, а пламен е забележан и јужно од паркот „Божја градина“ во Колорадо Спрингс, многу популарна дестинација за планинарите.
Пожарникарите и други служби се обидуваат да го локализираат големиот пожар во „Хај“ паркот, западно од местото Форт Колинс, за кој властите претпоставуваат дека од избивањето пред две недели досега уништил 248 куќи. Уништил и околу 84.000 хектари шума.
Во друг пожар што изби викендов уништени се 21 куќа.
Пожарот бил предизвикан од удар на гром и засега е познато дека една 62-годишна старица настрадала во планинска колиба./крај/ро/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Поранешниот шеф на НАТО: Освојувањето на Гренланд би значело крај на светскиот поредок
Насилното преземање на Гренланд од страна на САД би значело „крај на светскиот поредок каков што го познаваме“, изјави поранешниот генерален секретар на НАТО и поранешен дански премиер Андерс Фог Расмусен, пренесува „Фајненшел тајмс“.
Расмусен го спореди јазикот што го користи Доналд Трамп за Гренланд со јазикот на „гангстери“ во Русија и Кина, кои САД, според него, би требало да се обидат да ги контролираат.
„За мене тоа беше болен процес. Од детството ги сметав САД за природен водач на слободниот свет. Дури зборував за САД како за светски полицаец“, изјави Расмусен, кој испратил дански трупи да се борат заедно со САД во Авганистан.
„Сега гледаме дека САД користат јазик што е прилично сличен на гангстерите што треба да ги контролираат – во Москва, Пекинг итн.“, додаде тој.
Расмусен исто така предупреди дека ваквите поделби на Запад му одат во прилог на Кремљ.
„Убеден сум дека Москва се надева Гренланд да стане санта мраз што ќе го потопи НАТО“, рече тој, заклучувајќи: „Значи, ова е прашање што оди подалеку од Данска и Гренланд… Освојувањето на Гренланд би било крај на светскиот поредок каков што го познаваме.“
Свет
(Видео) Подот попуштил за време на забава: се урна цел кат од зграда во Париз, има повредени
Петтиот кат на станбена зграда во 11. арондисман во Париз се урнал во текот на изминатата ноќ врз четвртиот кат од истата зграда, во момент кога околу педесет лица биле собрани на забава во станот чиј под се урнал, при што 20 лица биле повредени, соопшти противпожарната бригада во француската престолнина.
При уривањето на катот од зградата, кое се случило кога подот на приватен стан на петтиот кат се урнал за време на прослава, едно лице било тешко повредено и доживеало срцев застој, а 19 лица се здобиле со полесни повреди, пренесе телевизијата „БФМ“.
Un appartement du 5e étage d’un immeuble situé rue Amelot, dans le 11e arrondissement, s’est effondré sur un autre du 4e étage cette nuit. Une vingtaine de personnes sont blessées Sur place, des constatations sont faites dans le logement. @actufrparis #Paris #pompiers #logement pic.twitter.com/tHsnWLpRM4
— Antoine Grotteria (@AntoineGROTTER1) January 18, 2026
Пожарникарите од урнатините ги извлекле сите повредени, од кои итните служби пренеле 16 лица во болница.
Противпожарната бригада била известена во 00:20 часот дека петтиот кат од зградата со шест ката, на адреса улица Амело број 34, се урнал врз четвртиот кат.
По инцидентот, зградата, заедно со уште две соседни згради, била евакуирана, но станарите од двете соседни згради во текот на ноќта се вратиле во своите станови. Во интервенцијата учествувале 125 пожарникари и околу 40 возила.
Фото: илустрација
Свет
Педро Санчес: Американска инвазија на Гренланд би го направила Путин најсреќниот човек на светот
Шпанскиот премиер, Педро Санчес, изјави дека евентуална американска инвазија на Гренланд би го направила рускиот претседател Владимир Путин најсреќниот човек на светот.
„Ако се фокусираме на Гренланд, морам да кажам дека американска инвазија на таа територија би го направила Владимир Путин најсреќниот човек на светот. Зошто? Затоа што би го легитимизирала неговиот обид за инвазија на Украина“, рече Санчес во интервју за весникот „Вангардија“, пренесе „Ројтерс“.
Санчес оцени дека секоја воена акција на Соединетите Американски Држави против островот, кој е данска автономна територија, би му наштетила на НАТО и би ја легитимизирала руската инвазија на Украина.
„Ако Соединетите Држави употребат сила, тоа би била смртна пресуда за НАТО. Путин би бил двојно среќен“, заклучи Санчес.
Американскиот претседател Доналд Трамп повеќепати изјави дека нема да се задоволи со ништо помалку од сопственост над Гренланд, додека лидерите и на Данска и на Гренланд одговорија дека островот не е на продажба и дека не сака да биде дел од САД.

