Македонија
Македонија да го фати првиот воз за ЕУ
Европратениците Зоран Талер и Јорго Цатзимаркакис ја повикаа Македонија да го фати првиот воз на патот за Европската унија, за што е потребно решавање на спорот за името со Грција
Европратениците Зоран Талер и Јорго Цатзимаркакис ја повикаа Македонија да го фати првиот воз на патот за Европската унија, за што е потребно решавање на спорот за името со Грција
„Има уште две недели до тргнувањето на првиот воз и Скопје би морало да ја искористи можноста што се нуди со новата влада во Атина, инаку му се заканува долго чекање на следниот воз“, предупредија Талер и Чатзимаркакис, пренесе словенечката агенција СТА.
Шефовите на дипломатиите на ЕУ на почетокот на декември се очекува да донесат одлуки за натамошно ширење на ЕУ. Се очекува да најават почеток на преговори за членство со Исланд, кој ќе и се придружи на Хрватска на првиот воз за ЕУ.
Се појавуваат знаци дека на Македонија можеби нема да и успее да го фати овој прв воз, бидејќи Грција инсистира на взаемно прифатливо решение за прашањето за името, како услов за членство на Македонија во ЕУ, а на вториот воз, кој ги чека Албанија, Србија и другите држави во регионот, би морало да се чека со години, предупредија европратениците.
Талер повика на непосредни преговори меѓу претседателите на владите на Македонија и на Грција Никола Груевски и Јоргос Папандреу.
„Сега е време Скопје и Атина да го искористат поттикот“, рече Талер, додавајќи дека Грција и Македонија, јасно истакнаа дека се отворени за решавање на прашањето за името.
ЕУ, според извори во Брисел, е разочарана, бидејќи во Скопје, позитивниот извештај на Европската комисија не беше искористен за исчекор во преговорите за името. Македонската страна, според истите извори, не се одзивала и фаталистички се подготвува за повторување на сценариото од Букурешт кога заради Грција не беше поканета во членство во НАТО.
Германскиот европратеник со грчко потекло Јорго Цатзимаркакис додава дека доколу Македонија не добие јасен временски план за преговори, тоа може да предизвика нови проблеми во регионот.
Во рамките на настојувањата за избегнување на ново сценарио од Букурешт, е и најавената средба на премиерот Груевски, со претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо на втори декември во Брисел. /крај/ста/мп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Роџер – терапевтскиот лабрадор кој им носи смиреност и поддршка на пациентите на Клиниката за психијатрија
ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија – Скопје доби нов член во својот тим – Роџер, 2,5-годишен „чоколаден“ лабрадор, вдомен неодамна и вклучен во активности со асистенција на животни (Animal Assisted Activities).
Како што соопшти Клиниката, Роџер за кратко време се прилагодил на персоналот и пациентите и веќе е прифатен како четириножен „колега“. Според директорката, Славица Арсова, вдомувањето е дел од имплементацијата на Animal Assisted Activities – структурирани, но неформализирани активности во кои учествуваат одбрани животни со цел да обезбедат емоционална поддршка, чувство на смиреност, социјална интеракција и подобрување на психосоцијалната благосостојба на пациентите.
„Присуството на куче во терапевтскиот процес создава чувство на сигурност, прифаќање и доверба, што овозможува полесно воспоставување контакт, подобра емоционална регулација и поголема мотивација за вклучување во терапијата“, вели Арсова. Активностите на Роџер вклучуваат средби со пациенти – индивидуално или во групи – секогаш под надзор на стручен тим и со согласност на пациентите.
За Роџер е обезбеден бокс и куќичка пред влезот на Клиниката, тој е под редовна ветеринарна контрола со уреден здравствен и вакцинален статус, а за него се грижат членовите на персоналот. Под надзор и мониторинг, постепено во грижата се вклучуваат и пациенти – со нивна согласност.
Активностите започнуваат во 8 часот наутро во дневната болница. Роџер нема контакт во просториите каде што има храна или лекови, а неколку пати дневно има подолги прошетки со вработените или со пациенти-доброволци од дневната болница.
Од Клиниката посочуваат дека лабрадорите се меѓу најчесто користените раси во активности со асистенција на животни поради смиреноста, трпеливоста, предвидливото однесување, високата емпатија и социјална интелигенција.
„Тие интуитивно реагираат на човечки емоции и природно нудат утеха преку присуство, без наметнување“, додава Арсова.
Клиниката наведува дека сите овие карактеристики ги поседува и Роџер, кој веќе донел многу позитивна енергија во установата.
Македонија
Поддршка за новиот закон, пасивното пушење е докажана причина за сериозни болести, велат од Институтот за медицина на трудот
Институтот за медицина на трудот на РСМ, СЗО Колаборативен центар, како водечка јавно-здравствена установа во оваа област, изразува целосна и недвосмислена поддршка за Предлог-законот за заштита од пушење.
Според Институтот, предложениот закон, кој предвидува целосна забрана за пушење во сите затворени јавни и работни простории, не е рестриктивна мерка, туку основен здравствен стандард и човеково право. Од таму велат дека секој работник има неприкосновено право на чист воздух и работно место кое не го загрозува неговото долгорочно здравје.
„Нагласуваме дека работниците во угостителскиот сектор, се меѓу најранливите групи. Овие вработени често се изложени на високи концентрации на тутунски чад во текот на целото работно време, кое често надминува 8 часа дневно. За овие работници, „пасивното пушење“ не е избор, туку претставува сериозен здравствен ризик кој потекнува од нивното работно место. Научните докази се јасни: не постои „безбедно“ ниво на изложеност на чад или аеросоли од тутунски и никотински производи. Пасивното пушење е докажана причина за сериозни респираторни и кардиоваскуларни заболувања, вклучувајќи го и ракот на белите дробови, дури и кај непушачите. Наша должност како јавно-здравствена установа е да обезбедиме ниту едно лице да не биде „колатерална штета“ на туѓа навика додека ги извршува своите професионални обврски“, се наведува во соопштението.
Затоа, Институтот ги повикува работодавачите, особено во угостителството, да ја поддржат примената на законот како мерка за безбедност при работа, а не како „казна“; работниците да го препознаат правото на чист воздух како дел од правото на безбедно работно место; инспекциските и надлежните органи да обезбедат доследна примена, затоа што само така законот ќе ја исполни својата цел.
„Со спроведувањето на овие мерки, не само што ги штитиме поединците, туку и ја зајакнуваме нашата економија преку намалување на боледувањата и продолжување на животниот век на нашата работна сила. Институтот за медицина на трудот на РСМ цврсто стои зад овој закон. Јавното здравје и безбедноста на нашите работници мора секогаш да имаат предност пред комерцијалните интереси. Повикуваме на поддршка од сите чинители за оваа транзиција кон почиста, поздрава и попродуктивна работна средина за сите работници во нашата земја“, се наведува во соопштението.
фото/Depositphotos
Македонија
Срушена дивоградба во Јурумлери, инспекции во Општина Гази Баба
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, информира дека во Јурумлери на ул. 9 е отстранета дивоградба по постапување на општинската инспекција и донесено решение за рушење.
Сопственикот постапил по решението и сам ја отстранил дивоградбата.
Градоначалникот најави дека инспекциите се на терен и вели дека нема да дозволи диво градење и непочитување на прописите.
„Ставаме ред и почитување на Законот за градење. Инспекциските служби континуирано се на терен и постапуваат таму каде што има неправилности. Нема да дозволиме диво градење и непочитување на прописите“, вели Стефковски.
Тој упати апел до сите граѓани да го почитуваат Законот за градење.

