Македонија
Ѓорѓиев: Владата ќе реконструира над 130 училишта со 45 млн евра

Владата во наредните три години ќе реконструира и реновира 132 основни и средни училишта во 49 општини низ земјата, за што се обезбедени 45 милиони евра или по 15 милиони евра за секоја година, соопшти во неделата портпаролот на Владата на РМ, Александар Ѓорѓиев.
Како што нагласи на прес-конференција владиниот портпарол , станува збор за вкупно 192 реконструкции и реновирања на прозорци, покриви, подови, инсталации за греење и на санитарни јазли, коишто ќе започнат веќе од годианва.
Ѓорѓиев соопшти дека до крајот на јули ќе биде избран проектант за градежните зафати, а по подготовката на проектите ќе биде отворена и постапка за изведувач на градежните работи и надзор.
„По изборот на проектант треба да бидат изготвени проектите, и да се отвори постапка за изведувач на градежни работи и надзор и да се отпочне со градба, за што веќе се обезбедени финансии. Целта на проектот е создавање на современи услови за извршување на наставниот процес, енергетски ефикасни училишта“, рече Ѓорѓиев.
„Училиштата се определени преку јавен повик и преку нивна физичка проверка. Целта на проектот е да се создадат современи услови за настава во енергетски ефикасни училишта. Ќе бидат опфатени различни општини, независно од составот на населението или од политичката припадност на градоначалникот“, објасни владиниот портпарол.
Според програмата на Владата, во североисточниот, источниот и вардарскиот регион со реконструкции ќе бидат опфатени 36 училишта, во југозападниот и југоисточниот 21 училиште, во пелагонискиот и полошкиот регион 33, а во скопскиот регион 42 училишта.
Само во главнито град Скопје ќе бидат реконструирани и реновирани 34 училишта, од кои шест во Чаир, по пет во Карпош, Аеродром, Гази Баба и во Сарај, по три во Кисела Вода, Бутел и Центар и две училишта во општината Ѓорче Петров.
Меѓу 132-те училишта коишто ќе бидат реконструирани или реновирани, единаесет се наоѓаат во Куманово, седум во Битола, шест во Гостивар, по пет во Охрид, Струга и Тетово, четири во Струмица, по три во Прилеп и Крива Паланка.
Ѓорѓиев, меѓу другото, информираше и дека во завршна фаза се изградбите на новото основно училиште во Аеродром, новото средно училиште во Шуто Оризари, училиштето „Страшо Пинџур“ во Вевчани. Станува збор за училишта коишто комплетно се нови и градбата се очекува да заврши најдоцна во октомври, а инвестицијата изнесува околу 3,5 милиони евра. Училиштето во скопската општина Чаир ќе биде завршено на почетокот на следната година и за него се одвоени околу милиони евра или вкупно 4,5 милиони евра за четири комплетно нови училишта.
Владиниот проект предвидува дека во наредниот период ќе продолжи изградбата и на монтажните училишта во руралните средини, како и изградбата на училишните спортски сали низ цела држава.
Во октомври, како што најави Ѓорѓиев, ќе биде завршен и новиот комплекс на студентскиот дом „Стив Наумов“, на локацијата со површина од 15.100 квадратни метри, на местото од запуштените бараки, ќе се добијат нови 2000 квадратни метри за сместување на студенти. Партерното уредување е со површина од 13.205 квадратни метри, а објектите се организирани во осум блокови со два типа објекти, односно шест објекти во кои ќе се обезбедат услови за 28 студенти во 10 соби и два објекта во кои ќе се обезбедат услови за 18 студенти во шест трокреветни соби. Вкупниот сместувачки капацитет ќе биде за 204 студенти, а вкупната инвестиција изнесува милион евра./крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Министерството за одбрана реагира на соопштението на СДСМ: Лицемерно, со манипулација на факти и со целосно извртување на вистината

„Лицемерно, со манипулација на факти и со целосно извртување на вистината – така се карактеризира соопштението од политичката партија СДСМ која се обидува редовна и навремена набавка која се спроведува години наназад и се однесува на потребите на Армијата и СИТЕ угостителски објекти на Министерството и Армијата, вклучувајќи го и Домот на Армијата, авто камповите во Дојран и Охрид, како и Хотелот „Шар“ на Попова Шапка, да ја претстави во сосема поинакво светло. Првенствено, треба да се има предвид дека набавеното кафе и пијалоци во угостителските објекти кои се од отворен карактер за граѓаните, се во слободна продажба, а приходот од продажбата повторно влегува во македонскиот буџет“, реагира Министерството за одбрана на соопштението од политичката партија СДСМ.
„Впрочем, имајќи предвид дека последните седум години со Министерството раководеа кадри на оваа политичка партија, кои ги правеле ИСТИТЕ набавки, се поставува прашањето – дали тие не знаеле што прават, дали се „луксузирале“ со народните пари или сега се обидуваат да стават сомнеж на функционирањето и побарувањата од не било која, туку најценетата и најпочитуваната институција во државата – македонската Армија?
Фактите се следни:
Набавката на кафе и алкохолни пијалоци е спроведена во јавна и транспарентна постапка. Целата документација, вклучително и тендерската документација, договорите и одлуките се јавно достапни на Порталот за јавни набавки и секој граѓанин, новинар или институција може слободно да направи увид, анализа и споредба со набавките од претходните години.
Набавката се однесува на угостителски објекти од отворен тип, кои се користат во рамките на протоколарни, воени и меѓународни активности, а не за „удобност“ на министри, како што лажно се тврди.
Години наназад е спроведена ИСТА ТАКВА НАБАВКА, која оваа година (во споредба со 2023 година) е со многу помали количини, на пример: ставката за алкохолни пијалоци е намалена од 50 до 88 проценти, а жестоките алкохолни пијалоци кои претходно биле набавувани се целосно отстранети.
Сумата на договорот во 2025 година е намалена за 15 проценти во споредба со 2024 година и за речиси 40 проценти во споредба со 2023 година.
Прашањата кои се поставуваат се логични: Или раководството од СДСМ кое го предводело Министерството не знаело што работи и што набавува или политичката партија влегува во едно црно сценарио во кое се обидува да ја вметне и македонската Армија.
Ги повикуваме сите медиуми да не ги земаат предвид ваквите дезинформации кои се пласираат во јавноста особено од страна на политички партии. Борбата со дезинформациите и манипулацијата со фактите е нешто против кое треба сите заедно да се бориме вклучувајќи ги и политичките партии, а не тие да потекнуваат токму од овие кујни.
Се работи за македонските граѓани и за Македонија и токму затоа не смееме да дозволиме граѓаните да бидат излажани“, се наведува во реакцијата од Министерството за одбрана на соопштението од политичката партија СДСМ.
Македонија
Од утре се нормализира сообраќајот на регионалниот пат Нова Брезница – Македонски Брод преку националниот парк Јасен

Утре од 05.00 часот регионалниот пат Р 1106 Нова Брезница – Македонски Брод преку националниот парк Јасен ќе биде пуштен за сообраќај во термините од Министерство за внатрешни работи, извести АМСМ.
Македонија
(Видео) СДСМ Прилеп: Заради протест на вработените, прилепчани останаа без градски превоз

„Систематски, како по книга, ВМРО-ДПМНЕ го уништува Прилеп! Неисплатената плата на вработените во Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови, е причина за тридневниот прекин на градскиот превоз во Прилеп. Како главни виновници за настанатата ситуација, вработените и директорот на јавното претпријатие ги посочија Општината, односно училиштата, кои на претпријатието му должат фантастични 7 милиони денари“, вели Саша Лепиткова, претседателка на Форум на жени на ОО СДСМ-Прилеп.
„Така, неспособноста на градоначалникот Борче Јовчески и аматерското водење на институциите од страна на директорите на ДПМНЕ, ги принуди прилепчани сами да се снаоѓаат и да го решаваат проблемот кој им го сервираше локалната власт.
Со тоа, после само два дена на виделина излегоа лагите за „успешното“ функционирање на локалните институции, кои преку таканаречениот „Отчет“ Јовчески и ДПМНЕ ги презентираа на партискиот „Саем на срамот“ во Скопје.
Лага е дека Општината набавила 5 нови минибуси за градскиот превоз, а уште поголема лага тезата за „огромните“ инвестиции во основните и средните општински училишта.
Да биде трагикомедијата поголема, токму лошото менаџирање на овие институции и нивната меѓусебна спрега, ги доведе во ќорсокак вработените во јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови.
Граѓаните на Прилеп немаат никаква дилема дека актуелната владејачка гарнитура на ДПМНЕ, е најлошата од постоењето на градот.
После обврските од 6 милиони евра кои Јовчески и ДПМНЕ му ги оставаат на новиот градоначалник, после испустените јавни претпријатија, прашањето кое се наметнува е – ќе имаат ли време до крајот на мандатот да уништат уште нешто?“, изјави Саша Лепиткова, претседателка на Форум на жени на ОО СДСМ-Прилеп.