Македонија
Пресудата за потонувањето на бродот „Илинден“
Пресудата во судскиот процес зa потонувањето на бродот „Илинден“, треба да биде објавена денеска во Основниот суд во Охрид, јави Охридњуз.
Пресудата во судскиот процес зa потонувањето на бродот „Илинден“, треба да биде објавена денеска во Основниот суд во Охрид, јави Охридњуз.
За најголемата несреќа во водниот сообраќај што некогаш се случила во Македонија, обвинети се капетанот на бродот Сотир Филески и Бранко Баиќ, овластен претставник на германски „Лојд“, кому му се суди во отсуство.
Двајцата се товарат за предизвикување тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
На завршното рочиште, во четвртокот, одбраната на капетанот Сотир Филески побара судот при донесувањето на пресудата да не се води од сентименталниот момент, односно бројот на жртвите во несреќата, туку акцентот да се стави на законските одредби предвидени за вакви случаи, според кои капетанот на бродот нема одговорност за настанатата несреќа, бидејќи согласно издадените сертификати, техничките прегледи и документацијата за пловидба, бродот „Илинден“ бил исправен и немало никакви ограничувања на бројот и распоредот на патниците во пловниот објект.
Во завршниот збор пред судот, првообвинетиот Сотир Филески уште еднаш искажа длабоко жалење за трагедијата. Тој изрази сочувство кон семејствата на загинатите бугарски туристи и рече дека не се чувствува виновен.
Според одбраната на второобвинетиот, Бранко Баиќ, судскиот процес за потонувањето на бродот „Илинден“ наликува на недовршена приказна, бидејќи и покрај изведените 90-на докази, сеуште не се потврдени наводите во обвинението. Според адвокатите. Баиќ не е виновен за катастрофалната несреќа и треба да биде ослободен од обвинението.
Јавниот обвинител смета оти од доказната постапка е утврдено дека обвинетите се одговорни за делото за кое се товарат и побара да им се изрече казна согласно законот.
Претставниците на оштетените сметаат дека е потребно да се утврди одговорноста на државните институции во случајот и побараа судот при носење на пресудата да го има предвид хуманото однесување на капетанот Филески и да му изрече алтернативна, а не ефективна законска мерка.
Бродот Илинден потона на 5 септември 2009 година во близина на авто-кампот Елешец, при што загинаа 15 туристи од Бугарија./крај/охњус/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

