Македонија
Иванов во струмичко најави отворање нови работни места и нови инвестиции
„Жителите од Босилово се сплотени, единствени, се почитуваат меѓу себе, ја негуваат традицијата на толеранција меѓу религиите. Затоа имаат преубави цркви, и во Дрвош, во Секирник, Робово, Радово и Петралинци. Така се чува традицијата, така се негува споменот на нашите предци“, истакна кандидатот за претседател, Ѓорѓе Иванов.
Тој во понеделникот оствари средби со жителите од Босилово, Радово, Моноспитово, Секирник, Муртино и Иловица за време на посетата на струмичкиот регион во склоп на кампањата за промоција на својата кандидатура за претседател.
Обраќајќи им се на жителите Иванов рече дека регионот за пет години претрпел големи промени потенцирајќи дека за овој период било реконструирано училиштето „Гоце Делчев”, била изградена спортска сала во училиштето „Св.Кирил и Методиј” и фудбалско игралиште во Секирник.
„Во овие пет години каде и да одев го гледав напредокот, напредокот низ цела Македонија, и во земјоделието, и во индустријата, и во патната инфраструктура, и во обновените училишта, водоводи. Напредокот во се она што му е потребно на нашиот граѓанин. Се сеќавам како беше пред пет години, а гледам како е сега”, нагласи Иванов.
Кандидатот на ВМРО – ДПМНЕ истакна дека е свесен за проблемите со кои се соочуваат жителите, за проблемот со пристапот до аптеки, но сепак, како што рече, многу радува фактот што за с. Иловица и с. Моноспитово од општина Босилово веќе се дадени лиценци за отворање аптеки.
„Ете така се сака Македонија, така се гради Македонија. Го видов и отчетот на вашиот градоначалник Љупчо Колев, само за една година. Тоа е пример за успешен градоначалник. Така треба да се работи. Се бара програма, но се бара и отчет. Сè што се ветува, сè се остварува. Истото го правев и јас за време на мојот претходен мандат”, рече Иванов.
Тој посочи дека веќе е започнат со реализација проектот за отворање рудник за злато и бакар во Иловица. Вкупната инвестиција на канадската компанија „Еуромакс” според него ќе изнесува над 500 милиони долари кои ќе бидат реализирани во текот на следните пет години, а дополнително ќе бидат вложени 100 милиони долари годишно за развој на рудникот.
„За време на изградбата ќе бидат ангажирани од 300 до 400 лица, додека по изградбата на рудникот за бакар и злато, кој треба да биде готов за најмногу пет години, ќе се вработат од 500 до 600 лица. Индиректно или дополнително, ќе бидат ангажирани 200 до 300 работници преку компании подизведувачи, што значи дека збирно, само во фазата на изградба ќе бидат вклучени над 700 лица како нови вработувања”, истакна Иванов.
На крајот од своето обраќање Иванов ги поздрави присутните и ја побара нивната поддршка за заедно да слават уште една победа по изборите./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одбележување на Водици 2026 во општина Илинден
По повод претстојниот христијански празник Богојавление – Водици, ќе се одржи традиционалната манифестација за положување на светиот крст во водите на езерото во хотел „Белви“ во н.Илинден, во организација на црквата Св. „Константин и Елена“ и под покровителство на Општина Илинден.
„За таа цел се повикуваат сите граѓани на ден 19.01.2026 (понеделник), во 12:00 часот, заедно да го одбележиме овој голем христијански празник.
Сите заинтересирани учесници, кои сакаат да бидат дел од фаќањето на крстот можат да се пријават во црквата Св. „Константин и Елена“ во населба Илинден.
За најсреќниот учесник кој ќе го фати крстот, ќе се обезбедат пригодни награди и подароци“, се вели во соопштението на општина Илинден.
Македонија
РСБСП со апел за внимателно возење за Водици и продолжениот викенд
Со оглед на продолжениот викенд и претстојниот голем верски празник Богојавление – Водици, се очекува зголемување на интензитетот на сообраќајот, особено на патните правци кои водат кон туристичките места каде традиционално се одбележува празникот.
Поради зголемената фреквенција на возила, како и можните неповолни временски услови, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) упатува апел до сите учесници во сообраќајот да постапуваат одговорно и совесно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот на патиштата и заштита на човечките животи.
РСБСП потсетува на потребата од:
· почитување на сообраќајните правила и прописи,
· прилагодување на брзината на движење според состојбата на патиштата и временските услови,
· да не се управува со возило под дејство на алкохол или други психотропни супстанции,
· навремено информирање за состојбата на патиштата и временската прогноза пред и за време на патувањето,
· соодветна подготовка на возилата за патување на зимски услови и задолжително поседување на пропишана зимска опрема во возилата
· зголемена внимателност кон пешаците, велосипедистите и другите ранливи групи на учесници во сообраќајот.
Безбедноста во сообраќајот е заедничка одговорност на сите нас. Со одговорно однесување, почитување на правилата и прописите, меѓусебна толеранција, секој од нас може да придонесе за побезбедни патишта и зачувување на човечки животи.
РСБСП посакува среќни празници и безбедно учество во сообраќајот.
„Празнувај одговорно, пристигни безбедно – секој живот е важен.“
Македонија
Ѓорге Иванов се обрати на Меѓународен симпозиум во британскиот Парламент
Поранешниот претседател, Ѓорге Иванов, учествуваше на Меѓународниот симпозиум за културна дипломатија во организација на Институтот за културна дипломатија и Шкотскиот форум. Настанот се одржа во Парламентот на Обединетото Кралство во периодот од 12-15 јануари 2026 година.
За време на посетата, претседателот Иванов оствари средба со Нус Гани, заменик-претседател (Deputy Speaker) на Долниот дом на Обединетото Кралство.
Иванов се обрати на сесијата „Културна дипломатија во современите меѓународни односи“ (Cultural Diplomacy in Contemporary International Relations), при што се осврна на историското значење на 1776 година како година на раѓање на политичката и економската слобода преку Декларацијата за независност и делото „Богатството на народите“ на Адам Смит. Тој истакна дека слободата не е трајно освоена придобивка, туку одговорност која бара постојана грижа, институционална доверба и активна вклученост на граѓаните. Економската слобода, нагласи Иванов, мора да биде праведна и одржлива, насочена кон подобрување на животот на луѓето, а не кон продлабочување на нееднаквостите. Во таа насока, тој посочи дека моралната и културната димензија на слободата се неопходни за зачувување на човечкото достоинство, при што културната дипломатија има незаменлива улога во градењето дијалог, доверба и меѓусебно разбирање во време на глобални поделби. Според него, токму преку културата, малите и средни држави како Република Македонија можат да ја засилат својата меѓународна видливост, да ја раскажат сопствената приказна и да обезбедат почит во меѓународната заедница.
Во рамките на форумот, Иванов учествуваше и на сесијата „Финансии, отпорност и лидерство во управувањето со современите економии“ (Finance, Resilience and Leadership in Governing Modern Economies).
На настанот учествуваа бројни истакнати меѓународни претставници и членови на двата дома на парламенот на Обединетот Кралство меѓу кои: Мигел Анхел Моратинос, заменик-генерален секретар на Обединетите нации и висок претставник на Алијансата на цивилизациите на ОН (UNAOC); Баронесата Манзила Удин, членка на Домот на лордовите на Обединетото Кралство; Ирина Бокова, поранешен генерален директор на УНЕСКО; Сенаторката Шери Рехман, поранешна министерка за климатски промени на Пакистан; Нихал Саад, директор на UNAOC; Ив Летерм, поранешен премиер на Белгија; Томас Хендрик Илвес, поранешен претседател на Естонија; Алфред Гузенбауер, поранешен канцелар на Австрија; Хасан Диаб, поранешен премиер на Либан; Мохамад Штаје, поранешен премиер на Палестина; Наталија Гаврилица, поранешна премиерка на Молдавија и Младен Иваниќ, поранешен претседавач со Претседателството на Босна и Херцеговина.

