Македонија
Партиски препукувања во Собранието за тутунот
Собраниската седница за состојбата со откупот на тутунот започна со жестоки партиски препукувања и обвинувања за тоа кој стои зад протестите и кој колку давал поддршка за земјоделието.Дебатата беше збогатена и со транспарентни, кои беа изнесени најнапред од страна на владеачкото мнозинство, а потоа и на опозицијата.Прв на говорницата излезе Горан Сугарески од СДСМ, кој ги повика пратениците да ги поддржат барањата на тутунарите. “Барањата на тутунарите се едноставни. Тие бараат да се постигне ланската цена од 192 денари за килограм. Тутунскиот комбинат Прилеп во државна сопственост да ги отвори вратите за поголем откуп на тутун и да го откупи целиот вишок на тутун по просечна цена од 192 денари по килограм и трето по итна постапка да бидат изгласани измени во Законот за тутун“, изјави Сугарески.Неговото излагање предизвика низа реплики од страна пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.Влатко Ѓорчев на говорницата излезе со табла на која беа изложени бројки за тоа колку СДСМ додека бил на власт им дал на тутунарите, а колку ВМРО ДПМНЕ.“Целта на протестите на активистите на СДСМ е враќање на Црвенковски на власт и на времето кога за земјоделството се одвојуваа 20 милиони евра поддршка, рече Влатко Ѓорчев, констатирајќи дека ВМРО ДПМНЕ откако е на власт за земјоделците издвоил 365 милиони евра.Покрај овие бројки, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ обвинија и дека денешните протести пред Собранието се организирани од активисти на СДСМ, додека вистинските тутунари излегле да го искажат својот став пред штабот на СДСМ.Претседателот на Собранието Трајко Вељановски најави можност дека седницата ќе биде продолжена до доцна навечер, со оглед на големиот број пријавени пратеници за збор. /крај/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Герасимовски: Во среда македонски евергрини на „Џез под ламба“ кај Италијанска амбасада
Општина Центар, информира дека и годинава, во среда, 25 декември со почеток во 19.00 часот ќе се одржи настанот „Џез под ламба“ на пјацетата кај Италијанска амбасада.
Градоначалникот Горан Герасимовски, информира дека на овој настан граѓаните ќе имаат можност да слушаат џез верзија на македонските евергрини од Искра Србиновска квартет, но и да пробаат греано вино и печени костени.
„Во среда ги слушаме омилените македонски евергрини во џез верзија. Ги повикувам сите граѓани кои сакаат да слушнат добра македонска музика да дојдат и заеднички да го прославиме нашиот културен идентитет и да уживаме во музиката во пресрет на новогодишните празници. Се гледаме на македонски џез“, порачува Герасимовски.
Настанот „Џез под ламба“ е во организација на Општина Центар, а во соработка со МГ Мјузик продукција.
Скопје
Делови од општините Аеродром, Кисела Вода и Сарај без струја
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа, без напојување со електрична енергија ќе останат делови од општините Аеродром, Кисела Вода и Сарај.
· од 07:00 до 16:00 часот, корисниците од улиците: Божин Николов, Хаџи Трајко и Горно Лисиче (во делот кон село Долно Лисичче) во општина Аеродром;
· од 08:30 до 16:00 часот, корисниците од објектите во околината на Езеро – Треска во општина Сарај;
· од 11:00 до 15:00 часот, корисниците од дел од улицата Милан Мијалковиќ во општина Кисела Вода.
Македонија
Студен бран со врнежи од дожд и снег
Под влијание на циклонска активност и студена воздушна маса од север времето денеска ќе биде облачно и студено со врнежи од дожд и снег во пониските места, а на планините и повисоките места од снег.
Врнежите ќе бидат пообилни во западните и крајните источни делови (над 25л/м2) каде на планините ќе се зголеми постојната снежната покривка, а помала снежна покривка ќе се формира и во некои од пониските места.
Ќе дува умерен до засилен јужен, а во текот на ноќта засилен северен ветер (над 60км/ч). Потоа до четврток ќе се задржи променливо облачно, студено и ветровито време со локални врнежи претежно од снег, особено во среда.
Во Скопје, облачно и студено со врнежи од дожд, а во повисоките делови од котлината врнежите ќе преминат во снег, особено попладне. Ќе дува умерен југоисточен, а во текот на ноќта повремено засилен северен ветер. Во следните три дена ќе има услови за провејување на снег, особено во среда.