Македонија
ЗНМ со писмо до Иванов, Беџети и Бесими бара слобода за Кежаровски
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со писмо до шефот на државата Ѓорге Иванов, министерот за правда, Блерим Беџети и вицепремиерот за европски прашања, Фатмир Бесими бара ослободување на новинарот од дневниот весник Нова Македонија, Томислав Кежаровски на кого во четвртокот му беше продолжен притворот по петти пат.
„Ние сме убедени дека мерката притвор во овој случај е непотребна. Делото за кое се товари обвинетиот е сторено пред пет години и истото не е можно да се повтори затоа што името на заштитениот сведок е веќе објавено. Продолжувањето на притворот не може да се оправда затоа што не постои никаква опасност обвинетиот да ја напушти земјата. Кежаровски е семеен човек со малолетно дете и во тешка финансиска состојба“, се вели во писмото.
Според ЗНМ, Кежаровски не сторил кривично дело туку откривал злоупотреба на службена должност што преставува највисок јавен интерес во едно демократско општество.
„Кога не би постоела ваквата можност новинарите да откриваат злоупотреба на јавните институции, тогаш новинарската професија не би имала смисла и не би служела за објективно информирање на јавноста. Нашиот етички кодекс на новинарите нé обврзува да ги почитуваме Уставот и законите на земјата но исто така не обврзува да не криеме информации со кои се штити јавниот интерес. Фактот дека заштитениот сведок пред судот признал дека неговата изјава со кои ги товарел двајцата сограѓани како извршители на убиство е дадена под присила на МВР, потврдува дека новинарот во случајот откривал злоупотреба на институтот заштитен сведок. Со тоа, исто така превенирал опасност невини луѓе да бидат осудени со казна затвор“, се вели во писмото.
Здружението потсетува дека случајот имаше силен одек и во меѓународната јавност, досега, слобода за Кежаровски побараа Меѓународната федерација на новинари, Репортери без граници, Фридом Хаус, како и Специјалниот известувач за првата на слобода на мислење и изразување на ОН, Френк Ла Ру, претставникот на ОБСЕ за слободата на медиумите Дуња Мијатовиќ и делегацијата на ЕУ во Скопје.
„Постои опасност случајот на Кежаровски во Годишниот извештај за напредокот на Македонија во 2013 година да биде црна дамка во делот за слободата на изразување. Ваквата негативна оценка нема да ни помогне во процесите на евроинтеграција на земјата во ЕУ и НАТО. Освен тоа постои реален ризик во извештајот на специјалниот известувач за првата на слобода на мислење и изразување на ОН, Френк Ла Ру, заради несоодветното постапување во случајот на Кежаровски, Македонија да биде претставена во негативен контекст како земја со ограничен демократски и институционален капацитет“ предупредуваат од ЗНМ.
Кежаровски беше притворен во мај под обвинение дека во 2008 година објавил текст во магазинот „Репортер 92“ со кој го открива идентитетот на заштитен сведок за убиството на старецот во Ореше. /крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николовски: Системот на злоупотреби што го создаде Владата ја уништи довербата – земјоделците повторно ќе ја плататат цената
„Колку пати алармирав и предупредував дека во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој се создава систем на клиентелизам, влијанија и злоупотреби?“, порача поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Николовски, реагирајќи по апсењето на директорот на Агенцијата при земање мито.
„Јавно укажував дека ИПАРД 3 ќе крахира, дека со вакви практики се загрозува кредибилитетот на државата пред Европската комисија и се става под ризик целата програма вредна околу 100 милиони евра – пари наменети за развој на македонското земјоделство“, изјави Николовски.
Според него, денешниот скандал е директна последица на политичко поставување на луѓе без интегритет и без компетенции.
„Ова не е изолиран инцидент, туку резултат на владеење кое ги заменува вредностите и професионалноста со партиска послушност“, нагласи тој.
Николовски потсети дека за време на неговиот мандат ИПАРД 2 програмата беше 100% искористена, со 2.369 договори и реализирани инвестиции.
„Срамно е целиот тој успех и довербата што ја изградивме со Европската унија да биде уништена за само една година поради корупција и лични интереси“, додаде тој.
Тој предупреди дека постои реална опасност Европската комисија да ја стопира ИПАРД 3 програмата за Македонија, што би значело блокада на сите исплати и нови повици.
„Ако се случи тоа, земјоделците повторно ќе бидат жртви на корупцијата и неспособноста на оваа власт“, порача Николовски.
Поранешниот министер побара итна одговорност и расчистување со злоупотребите:
„Време е за целосна одговорност. Македонија не смее да си дозволи да ја изгуби довербата во европските институции поради поединци кои го претворија земјоделството во извор на мито и политички влијанија.“
Македонија
Делови од Центар и Сарај в понеделник без вода
Од ЈП Водовод и Канализација, известуваат дека зафатот кој беше најавен за денеска поради одредени технички пречки се одложува за понеделник.
Поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Христо Смирненски 13, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, поточно потегот од Зур – Маркет до бул. Партизански Одреди, во општина Центар.
Исто така во понеделник ќе се изврши редовно чистење на резервоарот за питка вода во село Рашче. За време на активностите во периодот од 09:00 – 13:00 часот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Рашче Копаница и Бојане, општина Сарај.
Македонија
До понеделник променливо облачно време со локални врнежи од дожд
Променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса до понеделник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Од вторник се очекува стабилизирање на времето.

