Контакт

Македонија

Груевски: Во првите 100 дена Владата ги исполни зацртаните краткорочни цели

Објавено пред

Владата ги исполни зацртаните краткорочни цели во првите 100 дена од својата работа, рече премиерот Никола Груевски во видео-обраќањето преку веб-страната на Владата и Фејсбук-страницата на Владата.

dobivaj vesti na viber

Владата ги исполни зацртаните краткорочни цели во првите 100 дена од својата работа, рече премиерот Никола Груевски во видео-обраќањето преку веб-страната на Владата и Фејсбук-страницата на Владата.

Груевски реферираше за сите превземени мерки за создавање поволна бизнис-клима, инвестициите во инфраструктурата и градежништвото, енергетиката, здравството, образованието, а се осврна и на инвестициите во земјата.

„Република Македонија, трет пат по ред од страна на европската комисија доби позитивен извештај за спроведените реформи, и трет пат по ред доби препорака за почнување на преговори за членство во Европската Унија, како резултат на посветената работа. Ние и во иднина ќе продолжиме со посветена работа за унапредување на сите сфери од општеството, за реформи и континуирана модернизација, за обезбедување на услови за развој и можности за комплетен напредок“, рече Груевски во обраќањето.

Во тој контекст, Груевски се осврна на реформите во јавната администрација, реформата на судството, како и започнатиот дијалог со новинарската фела.

„Довербата мора да се оправда, а образот да остане чист. Во идниот период продолжуваме со реализација на останатите мерки од програмата се со цел да се унапредат состојбите уште повеќе, да се подобри економијата и да порасне животниот стандард, да се гради, да се модернизира образованието и здравството, да се подржи земјоделството, да се продолжи со градбата на силна, модерна и успешна Република Македонија. Слоганот и нашата порака на крајот од овие 100 дена е БЕЗ ЗБОРОВИ, ДЕЛА! Дела кои ги оставаме зад нас, за идните генерации, дела кои се неспорни и со кои сите можеме да се гордееме и заради кои сите можеме да чекориме со високо крената глава“, рече Груевски на крајот од своето обраќање. /крај/со/ач

ВО ПРИЛОГ ТЕКСТОТ ОД ОБРАЌАЊЕТО НА ПРЕМИЕРОТ НИКОЛА ГРУЕВСКИ:

Почитувани,

Изминуваат 100 дена од изборот на новата Влада на Република Македонија која беше формирана на 28 јули 2011 година.

Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на граѓаните за довербата која ни ја дадоа, и да потенцирам дека таа доверба е нашата најголема обврска и нашата движечка сила за да управуваме со процесите и да излегуваме во пресрет на потребите на граѓаните секогаш и секаде каде тоа е можно. Нашиот партнерски однос со народот продолжува со силна динамика и темпо, со почит, и со многу многу работа. Како и досега, работевме посветено на исполнување на ветувањата, тргнувајќи од премисата дека ветувањата мора да бидат исполнети, односно од вредноста на дадениот збор и одговорноста, која тој со себе ја носи.

Како претседател на Владата сметам дека во изминатиот период Владата ги постигна зацртаните краткорочни цели кои се утврдени во Програмата за работа, и кои се резултат на нашите ветувања на изборите за кои народот ни ја даде довербата.

На почетокот сакам да истакнам,

Прво, нашите дела и остварувања се базирани на програмата која е јавна и транспарентна,мерлива и видлива,

Второ, се што имаме ветено во програмата за овој период го имаме остварено

Трето, имаме остварувања и дела кои не се содржани во програмата, но се резултат на детектирани предизвици, и одговор на истите со цел нивно надминување

Четврто, остварените дела се резултат на посветениот однос, одговорниот пристап, на макотрпна работа, и дијалог и соработка со целните групи од целиот спектар на општеството,

Петто, во рамките на нашето дејствување се раководиме од стратешките определби и темелните принципи на владината политика, и од националниот и државен интерес, и од поддршката на граѓаните на определени ставови во насока на реализирање на нивните потреби и интереси.

Создавањето на поволна бизнис клима и унапредувањето на позицијата на компаниите се наши стратешки определби. Затоа Владата уште веднаш донесе серија на мерки кои се од извонредно значење за фирмите, за компаниите, без разлика дали се мали, средни или големи, и кои ја подобруваат нивната конкурентност, ослободуваат дел од трошоците и влијаат на подобрувањето на нивната продуктивност.

Целосно е укинат данокот на добивка за фирмите кои остваруваат приход до 3 милиони денари на годишно ниво, што е огромно олеснување за семејните фирми.

Воведена е можност фирмите кои остваруваат приход помеѓу 3 и 6 милиони денари на годишно ниво, да можат да го изберат даночниот модел, односно да изберат дали ќе бидат оданочени со 10% од нивната добивка, или ќе одберат да бидат оданочени со 1% на нивниот вкупен приход, што значи право на избор и намалување на трошоците за компаниите.

Намалена е стапката на ДДВ за туристичките услуги од 18 на 5%. Тоа, во пакет со останатите мерки за поддршка на туризмот, како што се во прв ред субвенциите за тур-операторите, придонесе бројот на странски туристи да се зголеми за 25%, а вработувањата во туризмот да бидат зголемени за 40%.

Намалена е стапката на ДДВ за сурово масло кое се користи како суровина во производството од 18 на 5%, со што се оствари влијание во држење на цената на маслото во балансиран однос, без понатамошно зголемување.

Донесена е одлука за намалување на царините, и тоа на шеќерот од 30 на 5%, на пулпата за производство на сок од 5 на 0% , исто како и царината за спортски и реквизити за физичка култура.

По првата кредитна линија од 100 милиони евра, Владата обезбеди уште една поволна кредитна линија во висина од 50 милиони евра која ќе биде наменета за компаниите, при што Владата ќе ја субвенционира каматната стапка do 5.5%, a начелно е договорено овие 50 милиони евра да бидат 150 откако првите 50 ќе бидат искористени.

Донесена е мерка за поевтинување на зелениот картон, при што покрај домаќинствата, особена корист ќе имаат и транспортерите и транспортните компании. Во идниот период со преземањето на ингеренцијата на поконкретно утврдување на цената на зелениот картон од страна на Владата, очекуваме цената на зелениот картон да поевтини дополнително.

Продолжува модернизацијата на земјата, преку инвестиции во инфраструктурата и во градежништвото. Македонија се гради, тоа е тренд кој продолжува и кој има само добри ефекти и резултати. Имаме и многу нови моменти во однос на туристичката понуда за странските туристи.

Во рамките на проектот за модернизација на аеродромите, по аеродромот во Охрид, пуштен во употреба новоизградениот аеродром Александар Велики во Скопје. Тој е најмодерен аеродром во овој дел на Европа и е вистински репрезент на нашата држава. Во идниот период, во соработка со концесионерот ТАВ очекуваме со заеднички напори да обезбедиме евтини авионски летови до многу европски дестинации, со што ќе се заокружи концептот за поврзаност на Македонија во авио просторот

По обезбедените 84 едноподни, стигна првата пратка од 69 двокатни автобуси кои се наменети за јавниот градски превоз во Скопје. Тоа е голема модернизација за нашиот главен град, а со доставата на 83 нови автобуси следната година, и уште нови 68 автобуси во годината по неа, комплетно ќе се обезбедат потребите на јавниот превоз.

Пуштена во употреба новата изградена делница од автопатот Александар Велики, во делот на Табановце, во должина од 8 километри. Започна и реконструкцијата и модернизацијата на делницата Скопје-Велес. Обезбедена е и е потврдена финансиска конструкција за изградба на автопатската делница Демир Капија-Смоквица со чија што изградба ќе биде комплетиран автопатот Александар Велики, односно Коридорот 10. Ги направивме потребните чекори за стартување со изградба и модернизација на железничкиот Коридор 8, и очекувам од втората половина на следната година да се пристапи кон изградба на железницата кон Бугарија.

Завршена е изградбата на регионалниот патен правец Џепиште – границата со Албанија, како и изградбата на 20 локални патишта во 14 општини: Општина Дебарца: с. Ново Село-Белчиште, с. Мешеишта-с.Волино; Општина Струга: Шум-Тефериќ-с.Вишна, патот до село Добовјани, Татеши-с.Делогожди и патот до село Октиси. Општина Долнени: Лажани-Дебериште. Општина Гази Баба: Дрма-Идризово, Синѓелиќ-Раштак. Општина Илинден: Илинден-Пуста Кула, Илинден – Хиподром. Општина Петровец: Петровец-Огњанци. Општина Пробиштип: Пробиштип – Плешенци. Општина Вевчани: С. Горна Белица – Вевчани. Општина Прилеп: с.Лопатица-с.Подмол. Општина Другово: Р-406-с.Брждани. Општина Битола: патот за с.Поешево. Општина Кичево: Кичево (M-4) – мотел Крушино. Општина Зајас: М-4 – с. Строгомиште и Општина Јегуновце: с. Сиричино – с. Туденце

Почна изградбата на две катни гаражи, едната кај влезот на централната Пошта ,a другата кај Работничкиот универзитет. Со нивната, но и со довршувањето на изградбата на веќе започнатите 3 катни гаражи, како и со други две кои наскоро ќе започнат да се градат, ќе се реши проблемот со паркирање во централното градско подрачје.

На полето на енергетиката е заокружена финансиската конструкција за изградба на Хидроелектраната Бошков Мост во вкупен износ од 107 милиони евра, со чија изградба се предвидува изградба на брана и формирање на акумулација, зафати на притоките од сливот на Мала Река, деривациони канали, тунел, цевковод и машинска зграда.

Успешно заврши процесот на поднесување на барања за легализација на бесправно изградените објекти на домаќинствата, при што се собрани и почната е обработка на над 350 000 поднесоци, а веќе триесетина илјади граѓани добија тапија за досега нелегалниот имот. Решени се и нови 580 предмети за денационализација, и овој процес е во самиот негов финиш. Започна процесот на пренесување на државното градежно неизградено земјиште во ингеренциите на општините, при што 8 општини веќе се стекнаа со ова право.

Започнаа проектите за изградба на филтерска станица на системот за водоснабдување во Гостивар, на фекална канализација во населено место Сингелиќ, и на пречистителна станица за отпадни води за селата Глумово и Шишево, во Гевгелија и за отпадни води во Волково.

Продолжува поддршката и модернизацијата на образованието и здравството, во насока на зголемување на можностите за развој, и на создавање на услови за достоинствен третман и ефикасност во справувањето со потешкотиите на пациентите.

Обезбедени се нови најсовремени лаборатории за научно-истражувачка дејност за потребите не Градежниот, Медицинскиот и Шумарскиот факултет. Испорачани се 37 лабораториски единици, а потпишан е договор за уште нови 16 единици. Со овие нови капацитети ќе се остварат значајни исчекори како во образовната, така и во медицинската област, така и во поддршката на бизнисот со помош на технологиите и науката.

Изградени се 4 нови сали од проектот за изградба на 145 училишни спортски сали. Изградбата на 7 нови основни училишта е во тек, 3 училишта се во завршна фаза, а едно е комплетно изградено. 5 основни училишта се во фаза на реконструкција, а 1 е целосно реконструирано. 2 средни училишта се во фаза на изградба, а 1 е целосно реконструирано. Обезбеди се средства за санација на кровови во 49 училишта, санација на санитарни јазли во 53, на прозорци во 41, на системите за греење во 30, и на подовите во 19 училишта.

Почнаа да се даваат субвенции за научни трудови, и беше трансформиран работниот однос во траен на 2040 наставници и професори.

Клиниката за офталмологија во Клиничкиот центар, доби најмодерна и најсовремена опрема. Познавачите на состојбите во оваа област истакнуваат дека ваков тип на квалитетна опрема нема во овој дел на Европа.

Воведено е двосменско работење во јавните здравствени установи, со што ќе се растоварат гужвите по болниците а осигурениците ќе довиваат третман во текот на целиот ден. Почна акцијата за и со стандардизација на болниците заради зголемување на квалитетот на услугата. Изготвен е план за обука за стручно оспособување и усовршување на околу 500 здравствените работници, кои ќе се одвиваат во државата и во референтни медицински центри во странски земји.

Воведени се мерки за обезбедување на комплетна хигиена во болниците и јавните здравствени установи, при што ригорозно ќе бидат санкционирани сите оние кои не ја почитуваат оваа политика. Пациентите мора да се третираат во хигиенски безопасни услови. Оние менаџери и лекари во здравствениот сектор кои нема да ги постигнат поставените цели и кои ќе погрешат во работата, а таа грешка ќе биде на сметка на пациентот, ќе бидат строго санкционирани, процес кој веќе започна. Мора да изградиме ефикасно јавно здравство со голем степен на доверба во него.

Поставен е, и во најбрзо време ќе биде имплементиран концептот за дентален туризам, при што во соработка со здравствената и бизнис фелата ќе се создадат услови за остварување на дополнителен девизен прилив.

Започнува со реализација мерката за поевтинување на лековите, преку овозможување на паралелен увоз на лекови и преку новата методологија за единствена цена на лековите, при што доаѓа до намалување на цената на околу 500 лекови, во согласност со светските здравствени стандарди. Ова е процес кој мора да биде остварен. Очекувам да наидеме на значајни опструкции, влијанија и подметнувања од страна на определени структури кои досега биле во прилично комотна позиција остварувајќи големи профити во оваа сфера и врз грбот на пациентите, но сакам да нагласам дека сите предизвици ќе ги совладаме и дека нема да попуштиме во оваа акција за подобрување на условите за лекување на пациентите.

Продолжува поддршката за културата.

Пуштен е во употреба Музејот на македонската борба за самостојност и државност, како обележје на жртвата на многу генерации и вреднување на нивните идеали и идеи за слобода, правда и еднаквост, како и за едукација на младите генерации за сопствената историја и за сопствените постигнувања.

Поставени се споменични обележја, како наш влог во светската културна и цивилизациска ризница, како одбележување на херојството и лидерството на нашите дејци.

За прв пат во историјата на Република Македонија, реализиран е мега проектот за превод на 130 тома македонска книжевност на англиски јазик. Комплетната збирка ќе биде дистрибуирана во светските библиотеки во насока на промоција на нашето творештво, на македонската култура и на нашиот идентитет.

Во насока на поддршка на туризмот:

Поставен е камен темелник за изградба на туристичкиот комплекс Македонско село, при што до крајот на годината ќе бидат завршени 20% од предвидените содржини.

Определени се нови локации кои се наменети за изградба на туристички капацитети, кои во соработка со општините треба во најбрз можен период да бидат дадени на лицитација по пат на транспарентна процедура.

Интензивно се гради хотел од светска категорија во Скопје, a се подготвува почеток на градба на таков и во Охрид.

Субвенциите за привлекување странски туристи остануваат и во наредната година. Покрај субвенционирањето на тур операторите ќе се фокусираме и на субвенционирање на нови авио превозници.

Еден од најголемите предизвици со кои се соочуваме во изминатите 20 години е обезбедувањето живеалиште, стан или куќа за населението.

Водени од ова, за прв пат во историјата на Република Македонија, започнаа да се реализираат проекти за давање државна помош на семејствата кои сакаат да купат стан или куќа.

Се донесе законот за проектот Купи куќа- купи стан, при кој проект Владата ќе плаќа половина од учеството за потребен кредит за секое домаќинство кое сака да купи стан или куќа. Дадената помош ќе се враќа после 20 години, без камата.

Се донесе законот за проектот Пола- пола рата, при кој проект Владата ќе плаќа половина од ратата за кредит за купен стан или куќа, во рок од 5 години кога е и најпотребно за домаќинствата. Оваа Владина помош ќе биде неповратна.

Реализацијата на двата проектa почнува на почетокот на 2012 година.

Надминат е уште еден 20 годишен предизвик. Конечно, помеѓу социјалните партнери Синдикатите, Работодавачите и Владата е постигнат договор за утврдување на минимална плата, која ќе 8 050 денари во НЕТО и 12 246 денари во БРУТО износ, односно ќе изнесува 39,6% од просечната месечна плата. Со оваа мерка директно им се помага на околу 65 000 работници кои работат во засегнатите сектори, и во оваа прилика би сакал да упатам честитки до претставниците на синдикатите и работодавците за високо изразената свест, за големата општествена одговорност и придонесот кон општествените процеси.

Започнат е проектот условени парични трансфери за учебната 2011/2012, со кој им се дава финансиска поддршка на социјално загрозените семејства од 12.000 денари годишно, под услов нивните деца редовно да одат во училиште

Спроведени се теренски активности за намалување на појавата на деца на улица и преземање на дополнителни мерки за нивно социјално вклучување и социјална интеграција

Со измена на закон решено е прашањето на пензиите на 1000 земјоделци пензионери, кои имаа проблем со осигурувањето уште од времето на социјализмот. Наскоро очекувам овој закон да биде прифатен во Парламентот.

Во област на земјоделството, за прв пат е отворен откупно-дистрибутивен центар, и тоа на меѓународно познатата компанија Агрокор. По давањето на субвенциите за земјоделство кои за следната година ќе изнесуваат 130 милиони евра, со овој центар значително ќе се помогне во реализацијата и на вториот сегмент од земјоделието, а тоа е пласманот, но и во едукацијата на земјоделците за остварување на повисок принос, и повеќе производство и повеќе приход од работата.

Исто така, определени се 73 парцели наменети за изградба на винарии кои ќе бидат дадени на продажба, а дел од нив веќе се на оглас за продажба, склучени се 317 договори со кои што е извршена распределба на 1464 хектари земјиште за граѓаните и компаниите, и дополнително се издвоени 2 милиони евра за поддршка на производителите на пипер и патлиџан.

Спроведени се повеќе акции за борба против корупцијата и криминалот, како што се акциите Нишан и Ариел, при акции за сузбивање на криминалот со опијати запленети се 20 килограми марихуана, 3 килограми хероин, и 170 килограми кокаин и расчистени се криминални случаи во кои е нанесена финансиска штета на буџетот и други субјекти од 398.967.821 денари

Владата ја усвои Национална Стратегија за борба против тероризам.

Република Македонија, трет пат по ред од страна на европската комисија доби позитивен извештај за спроведените реформи, и трет пат по ред доби препорака за почнување на преговори за членство на РМ во ЕУ, како резултат на посветената работа.

Ние и во иднина ќе продолжиме со посветена работа за унапредување на сите сфери од општеството, за реформи и континуирана модернизација, за обезбедување на услови за развој и можности за комплетен напредок.

Специјален осврт ќе посветиме на реформата на јавната администрација, која за прв пат како сфера се реформира во рамките на оваа Влада, и за којашто во изминатите неколку денови предвидовме дополнителни реформи, во насока на воспоставување на деполитизирана и професионална администрација, преку модалитети за оценување по вертикално и хоризонтално двострано ниво на релација повисок- понизок службеник, оценување од страна на граѓаните, на критериуми за влез и за напредок во службата, и на воспоставување на систем за електронска размена на податоци, и обезбедување на документацијата и податоците кои ги издаваат државните органи по службена должност.

Реформите во судството кои се започнати преку усвојување на законите во минатите две години, очекуваме да ги дадат своите резултати во следниот рок, со почетокот на имплементацијата на законите, а пред се, преку зголемувањето на судскиот буџет и преку обезбедувањето на поголема финансиска независност на судството очекуваме да се подобри и работата на судската власт во насока на што поголема ефикасност и ефективност.

Започнат е дијалог со претставниците на новинарската професија, за унапредување на условите за работа, за заштита на правата од работен однос, за почитување на професионалните стандарди и за почитување на етиката и новинарските принципи. Со помош на нашата иницијативност како општество, како чинители, но и со поддршка на ОБСЕ, ќе се трудиме и на ова поле да достигнеме нови подобри стандарди во заеднички интерес, иако треба да се истакне дека и постоечката ситуација во оваа сфера, иако не е идеален, е подобра од многу земји кандидатки, но и од многу земји членки на ЕУ.

Владата останува максимално посветена кон реализацијата на врвниот приоритет, кон нашата стратешка цел, а тоа е обезбедување на економски раст и развој, подобрување на стандардот на граѓаните, и привлекување на нови инвестиции. За тоа се потребни, многу труд и мерки, многу реформи, многу акција на сите чинители, и ние сме свесни за тоа, но исто така свесни за предизвиците, ние ги поздравуваме и им пристапуваме со елан за нивно надминување, и со силна верба и работа ќе успееме и понатаму да ги подобруваме процесите во оваа најзначајна сфера за сите нас, за граѓаните и за Република Македонија.

Радува што во последните неколку месеци , по заминувањето на светската економска криза, сме сведоци на еден мини инвестициски бум во Република Македонија, при што се реализирани следните инвестиции

Кемет електроникс – САД, 25 милиони евра, 500 нови работни места

Алајанс Уан – САД, 10 милиони евра, 150 нови работни места

Протек груп – Русија, 5 милиони евра, 150 нови работни места

Мадерсон груп – Индија, 12 милиони евра, 160 нови работни места

Стил кон – Холандија, 3,5 милиони евра, 100 нови работни места

Текнохозе – Италија, 10 милиони евра, 150 нови работни места

Еуроиталија – Италија, 10 милиони евра, 200 нови работни места

Еинфлоу – Швајцарија, 5 милиони евра, 100 нови работни места

Кромберг и Шуберт – Германија, 25 милиони евра, 2500 нови работни места

Џонсон контролс – САД, отвора втора фабрика во Македонија, 20 милиони евра, 1427 нови работни места

Радува и фактот што Џонсон Мети најави дека сериозно размислува за нова инвестиција.

Ние продолжуваме со нашите напори за привлекување на странски инвестиции. Одржани се два нови бизнис форуми, во Њујорк и во Лондон, а во идниот период ќе бидат остварени и нови турнеи за привлекување на странски капитал, во Сингапур и Јапонија, Австрија и Германија, и во Белгија и Холандија, како и во неколку града во Турција. Цениме дека има сериозни шанси и индиции и за нов влез на капитал во Македонија од странство, иако сме внимателни и ги следиме и новите предизвици во зародиш околу кризата во Еврозоната и должничката криза на Грција, и евентуалните ефекти од нив.

Овој инвестициски циклус покрај тоа што е значаен за привлекување на нов капитал и отворање на нови работни места е потврда и на нашиот концепт за постојана промоција на Македонија како поволна бизнис дестинација, и за нашите реформи и посветен однос кон постојано следење на движењата и постојана работа за унапредување на економијата и економските политики.

Најдобра потврда за нашите економски политики и нашата реализација во сферите во општеството кои имаат влијание на економијата и нејзините текови е признанието од најрелевантната светска институција на ова поле, а тоа е Светската Банка.

На листата на Светската банка Македонија е прогласена за 3 најдобар реформатор во светот за 2011/2012 година.

Дополнително Македонија на глобалната листа, според Светска банка има постигнато напредок од 12 места на глобално ниво, и од 34 напредна на 22 место. Ова ја прави Република Македонија најдобро рангирана земја од Југоисточна Европа, пред Словенија, Бугарија, Турција…и подобро рангирани од 20 земји членки на Европската Унија.

Тоа е силно признание за нашата земја, за нашата работа, за напорот на бизнис заедницата и на целото општество преку партнерски однос да ги унапредуваме состојбите во позитивна насока.

Како печат на добрите економски политики, пред некој ден, во време кога на многу земји, на многу помоќни економски земји им се намалува кредитниот рејтинг, реномираната светска агенција Фич, го потврди постоечкиот кредитен рејтинг на Република Македонија, што е доказ за добрата економска политика.

Ова се конкретни резултати, конкретни мерки, конкретни проекти, конкретна реализација во првите 100 дена на новата влада. Ова е остварување на она што сме го ветиле. Брзо и ефикасно исполнување на она за што сте ни ја дале довербата. Така ќе продолжиме и во иднина, со силно темпо, со постојаната работа, со партнерски однос со народот, со отвореност, со соработка. Довербата мора да се оправда, а образот да остане чист. Во идниот период продолжуваме со реализација на останатите мерки од програмата се со цел да се унапредат состојбите уште повеќе, да се подобри економијата и да порасне животниот стандард, да се гради, да се модернизира образованието и здравството, да се подржи земјоделството, да се продолжи со градбата на силна, модерна и успешна Република Македонија. Слоганот и нашата порака на крајот од овие 100 дена е БЕЗ ЗБОРОВИ, ДЕЛА! Дела кои ги оставаме зад нас, за идните генерации, дела кои се неспорни и со кои сите можеме да се гордееме и заради кои сите можеме да чекориме со високо крената глава!

И на крај дозволете ми да испратам порака до сите наши поддржувачи, но и до сите оние критизери, па некогаш и иронични и зајадливи коментатори: Продолжуваме понатаму! Со дела! Со конкретни мерки, чекори, и резултати! Со срце за Македонија! Со почит и душа за сите граѓани на Македонија! Да сте здрави и живи!



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија

(Видео) Шукова: План и решенија за Гази Баба да стане мотор на развој на Скопје

Објавено пред

„Оваа општина има огромен потенцијал. Но наместо да биде мотор на развојот, стана илустрација за стагнација“ – порача Каја Шукова од митингот во Гази Баба, каде што ја претстави својата програма за обнова на општината и за трансформација на Скопје.

dobivaj vesti na viber

Шукова најави дека ќе стави крајот на урбанистичкото дивеење и ќе воспостави систем што ги става луѓето во центарот на секоја одлука.

„Знаеме што ви недостасува. Не ни требаат анкети доволно е да прошетаме, да погледнеме околу себе, да ве слушнеме“, рече таа.

Првата голема мерка е поврзана со зелената инфраструктура, нови паркови и зелени зони, не само на цртеж, туку реално, во секоја населба. Централниот проект е обновата на Парк-шумата, која, според Шукова, треба да стане „бели дробови на градот“ со трим патеки, спортски терени, рекреативни зони, детски игралишта и простори за миленици.

Во делот на сообраќајот, ќе се воспостави поврзан, достапен и точен јавен превоз, а во Автокоманда е планирана изградба на катни гаражи со паметни системи, за како што рече „да не се губи време, пари и нерви во барање паркинг“.

Чисти улици, транспарентен систем за управување со отпад, нови контејнери и редовно одржување се дел од „реформите што не се за сликање, туку за вистински функционален град“.

„Гази Баба не смее да се гуши во отпад додека граѓаните плаќаат поскапи сметки и живеат во срамни услови“, предупреди Шукова.

Најчестото прашање што го добива, вели, е: „Што ќе правите со Вардариште?“

Одговорот: целосна трансформација на депонијата во модерен, контролиран и безбеден центар за селекција и рециклажа, без загадување, со ред и одговорност.

Шукова најави и крупни проекти од економски и урбан развој: прв Конгресен центар во Скопје со сали и бизнис капацитети, и нов Саем со 70.000 квадрати, простор за култура, спорт, изложби и настани.

„Тоа значи нови работни места и економија што се движи, не стагнира“, изјави таа.

Во програмата е вклучен и проект за велосипедска магистрала што ќе го поврзува градот од Студеничани до Сарај како дел од концептот „улици за луѓе“, а не за партиски тендери. Предвидени се и субвенции за велосипеди, со цел да се создадат здрави навики што не загадуваат.

Шукова упати и остра критика кон актуелната локална власт:
„Четири години нема градинки. Нема индустриска зона. Нема културни центри. Нема дрвја. Ветија 500.000, нема ни 5.000. Сè што има е сликање. Најава. Потоа молк.“

Наместо тоа, како што посочи, граѓаните добиле поскапа вода, поскап смет, поскапа канализација и најскапо од сè, разочарување.

„Не може скапи зборови да ја покријат евтината реалност“, изјави Шукова.

Таа се обврза на нов почеток со работа, отчетност и визија.

„Јас не сум тука да ви ветувам бајки. Сум работела со план. Ќе го водам градот со план. Имам визија, имам тим и имам јасна цел: да ја изградиме Гази Баба каков што заслужувате зелена, поврзана, функционална“ истакна таа.

Прикажи повеќе...

Македонија

(Видео) Филипче: Мицкоски од уста не ме вади

Објавено пред

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина во Ѓорче Петров, рече дека ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски немаат никакви резултати зад себе, па затоа се служат со лаги, спинови и напади врз опозицијата.

dobivaj vesti na viber

„Го гледам Мицкоски, од уста не ме вади во оваа кампања. Човекот изгледа не може да сфати дека е на власт и дека треба да промовира што направил, а не да се занимава со опозицијата. Секој ден нова измислена афера по стариот терк, но сега веќе никој не му верува. Кога немаш ниту едно дело, останува само да плукаш. На Мицкоски треба да му биде едно јасно: граѓаните не живеат од неговата пропаганда“, порача д-р Филипче.

Претседателот на СДСМ истакна дека граѓаните веќе ја препознаваат неспособноста на актуелната власт и дека секојдневно се чувствуваат последиците од погрешните политики на ВМРО-ДПМНЕ.

Прикажи повеќе...

Македонија

Мицкоски до Филипче: Професионално ли е што судот на Марковски за стомилионски криминал му дава куќен притвор?

Објавено пред

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати од народниот митинг одржан во општина Богданци, во рамки на изборната кампања 2025 која е под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, за претстојните локални избори закажани на 19 октомври. Мицкоски зборуваше на темата за судството и обвинителството во земјава. Според него, луѓето кои ги направија предавствата на државата, кои менуваа име и Устав, и кои изнесуваа милиони надовр од неа, повторно се обидуваат да го лажат народот, а нивната лагодност е во тоа што знаат дека имаат чувари во судството и обвинителството, и притоа лидерот на СДСМ се изјаснува во јавноста дека 2% доверба на граѓаните во судството за него е професионално. Тој додаде дека после локалните избори, потребен е ресет на системот.

dobivaj vesti na viber

„И кога ќе ме запрашаат од каде почнавте да работите овие 15 месеци како Влада, одговорот е тежок, затоа што велиме дека започнавме од самите темели. Толку тие беа разрушени, разјадени и ослабени што, по три децении независност и седум години катастрофално владеење, моравме повторно да почнеме од темелите на Македонија“, рече Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека кај истите луѓе кои ја распродаваа историјата на државата, менуваа Устав и изнесуваа милиони надвор од неа, има отсуство на срам и според него, покажува дека го потценуваат народот, а и повторно се обидуваат да го излажат.

„Навистина гледам дека тие исти луѓе кои седум години уриваа, кои менуваа име, Устав, распродаваа историја, крадеа, купуваа трговски центри, изнесуваа милиони, правеа дилови на грбот на народот, истите тие ги има фатено една колективна амнезија и без мува да ги лази излегуваат и коментираат, обвинуваат и лажат. Кај сите до еден кај нив има огромно отсуство на срам, и тоа отсуство на срам, говори дека не само што не научиле ниту една лекција, туку ја потценуваат интелигенцијата на народот и повторно сакаат да го излажат со истите фрази, со истите зборови“, кажа Мицкоски и додаде:

„Заев ветуваше живот, а овој сега неговиов наследник, Филипче, ветува среќа. Првиот ветуваше дека ќе ја заштити македонската жица од гитарата, вториот имал црвени линии со Бугарија. Првиот му ја води кампањата, а пак овој вториов слепо го следи. И нивната комоција се должи, освен на отсуството на срам, и на нивната желба за моќ, пари и богатење на грбот на народот. Просто е прашањетом, како со државна, докторска или градоначалничка, па и премиерска плата се стигнува до згради и златна виза во Дубаи? Милионски имот кој вртоглаво расте во годините кога тие се влада. Одговорот е преку криминал и неказнета корупција“.

Според него, нивната лагодност се должи на тоа што тие знаат дека имаат чувари во правосудството, и за кое лидерот на опозициска СДСМ изјавува дека ова судство кое ужива само 2% доверба било професионално.

„Нивната лагодност се должи и на фактот што имаат чувар во обвинителството и судството, кои се пак последниот бастион на оваа наша длабока држава. Го слушав внимателно, вчера Венко Филипче како говори дека тоа судство и обвинителство е професионално. Замислете, ова судство и обвинителство со два процента рејтинг било професионално. Тоа што повеќе од 100 пријави ги држат во фиока, тоа што ќутат и тоа молчат за плацовите, вилите, за бизнисите со државни тендери, за вакцините од Кина, не ги прави професионални, туку напротив, ги прави криминални“, вели Мицкоски.

Мицкоски додаде дека, сопственикот на омилената фирма на СДСМ и ДУИ, Марковски, на кој за сомнеж за криминал од сто милиони му е доделен куќен притвор, според него ова не е професионално туку криминално.

„И додека ова Филипче го говори, во истиот момент, во исто време судот на сопственикот на омилената фирма на СДСМ и ДУИ, Марковски, кој парче по парче направи во РЕК, за сомнеж за криминал од сто милиони, му доделија куќен притвор. Да го прашам Венко, професионално ли е што за сто милиони неговиот суд му дава само куќен притвор, а за некој што украл 10 ќебапи има притвор со месеци? Во ништо од ова нема професионално, туку само криминално“, посочи Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека после локалните избори годинава, на државата и е потребен целосен ресет, и само на тој начин ќе обезбеди иднина.

„И од тоа бегате упорно затоа што знаете дека после овие избори, лично ќе се позанимавам со правдата која за сите оние што се огрешиле е недостижна. И тоа мора да се смени, затоа што на Македонија повеќе од сè досега ѝ треба ресет на системот и не само во судството и обвинителството, туку ресет и во секоја пора од општеството. Ресет на вредностите кои ги газат и на сфаќањата кои мораат да ги променат. И само така сите ние, заедно, ќе обезбедиме иднина каква заслужуваме, целосно свесни дека ова е најважната битка на нашата генерација, која мораме да ја победиме“, заклучи Мицкоски.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија2 часа

(Видео) Филипче: Мицкоски од уста не ме вади

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина во Ѓорче Петров, рече дека ВМРО-ДПМНЕ и Христијан...

Македонија2 часа

Мицкоски до Филипче: Професионално ли е што судот на Марковски за стомилионски криминал му дава куќен притвор?

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати од народниот митинг одржан во општина Богданци, во рамки на изборната кампања 2025...

Македонија4 часа

Разрешен директорот на Клиниката за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски

Министерството за здравство информира дека министерот Азир Алиу денес донесе решение за разрешување на директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за...

Македонија8 часа

Застреланиот лекар Шаини ја брани сопругата: Ги отфрлам тврдењата дека зад ова стои госпоѓата Арјета Ајдини

Застреланиот лекар Зекирија Шаини ги отфрли како неосновани и невистинити тврдењата дека неговата сопруга Арјета Ајдини е вмешана во вооружениот...

Македонија10 часа

Српски државјани добија забрана за влез во земјата и парична казна од 4.000 евра за шверц на цигари, биле уапсени во Скопје

Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда врз основа на спогодба од Основното јавно обвинителство Скопје против двајца државјани на Република...

Македонија11 часа

Поликлиника во Расадник со пари од унгарскиот кредит најавија Ѓорѓиевски и Стаменкоска-Трајкоска

По триесет години празни ветувања, поликлиниката во Расадник станува реалност, кажаа денес актуелниот градоначалник на Кисела Вода и кандидат за...

Свет12 часа

Нобеловата награда за мир ѝ е доделена на Марија Корина Мачадо од Венецуела

Нобеловата награда за мир ѝ е доделена на Марија Корина Мачадо од Венецуела. Норвешкиот Нобелов комитет соопшти дека таа ја...

Македонија13 часа

(Фото) Општина Центар испрати протестна нота до австриската амбасада поради паркирано возило во пешачка зона

Општина Центар – Скопје испрати протестна нота до Амбасадата на Република Австрија поради непрописно паркирање и загрозување на безбедноста на...

Регион13 часа

Русија ѝ се заблагодарува на Србија за донацијата од речиси 6 милиони долари: „Посебна симболика“

Според соопштението на руското Министерство за надворешни работи, Србија обезбедила „финансиска хуманитарна помош во вредност од 472 милиони рубли (околу...

Македонија14 часа

Филипче вика судството било професионално, а Марковски за криминал од 100 милиони добива само куќен притвор, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Криминалот на СДС и договорените тендери со компанијата Марковски излегоа дека се вистинити. Фирмата Марковски која во период од 2...

Свет14 часа

(Видео) Силен земјотрес со јачина од 7,6 степени ги погоди Филипините, цунами се заканува и на Индонезија

Земјотрес со јачина од 7,6 степени ги погоди јужните Филипини, соопшти Филипинската сеизмолошка агенција, издавајќи предупредување за цунами кое беше...

Свет15 часа

(Видео) Руски ракети и беспилотни летала го погодија Киев, гореше облакодер во центарот на градот

Масивни руски напади запалија облакодер во центарот на Киев и ги таргетираа енергетските објекти, соопштија официјални лица. Украинската министерка за...

Македонија1 ден

Судиите мора да судат според законот а не според партиски влијанија, време е за ресет на системот, порача Мицкоски

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, имаше свое обраќање на денешниот народен митинг одржан во општина Илинден, во рамки на изборната...

Свет1 ден

(Видео) Трамп: Ја завршивме војната во Газа

Претседателот на САД, Доналд Трамп, на состанок на кабинетот во Белата куќа изјави дека синоќа на Блискиот Исток е постигнат...

Економија1 ден

Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања...

Македонија1 ден

(Фото) Реализирано првото гаѓање со новата артилериска опрема ,,Боран’’ на АП Криволак

Денеска министерот за одбрана, Владо Мисајловски присуствуваше на армискиот полигон „Криволак“ каде беше извршено првото артилериското гаѓање со новите системи...

Македонија1 ден

Нова истрага за злоупотреби во РЕК Битола против осум физички и едно правно лице

Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осум физички и едно правно лице за продолжени кривични...

Македонија1 ден

(Видео) „Избери време и место, избери и новинари, донеси и публика, излези да се соочиме, јас ќе дојдам сам“, му порача Максим Димитриевски на Филипче

Лидерот на Движењето ЗНАМ – за наша Македонија Максим Димитриевски денеска возврати на синоќешната изјава на лидерот на опозицијата Венко...

Македонија1 ден

(Фото) Кривична пријава против две лица за криумчарење мобилни телефони „Ајфон“, случајот откриен на Ново Село

Поднесена кривична пријава против две лица за сторено кривично дело „криумчарење“ мобилни телефони „Ајфон“ во вредност од 355 илјади денари....

Македонија1 ден

Ѓорѓиевски ја вети подземната кај „Лимак“ што ја ветуваа и Арсовска, Шилегов и Трајановски: Ќе ја смени сообраќајната иднина на градот

Проектот за подземната сообраќајница кај„Лимак“ не е само дел од мојата програма туку е вистински пресврт за централното градско подрачје,...