Македонија
Иванов: Македонија сака да изнајде решение за прашањето околу името

Македонија сака да се изнајде решение за прашањето околу името. Тоа е можно доколку грчката страна го изоди својот пат, а ние да го изодиме нашиот и да најдеме заедничко решение за спорот што тие го имаат кон нас, истакна во Анкара претседателот Иванов
„Веќе двапати го канам мојот грчки колега, праќам пораки и нагласувам дека мораме преку дијалог да ги решаваме отворените прашања. Можеби ние како претседатели нема да успееме да го решиме проблемот, но тое ќе биде добар сигнал до населението да почувствува дека постои некоја блиска соработка, истакна Иванов. Нашите граѓани одат на летување во Грција, наши студенти учат во Грција, грчките бизнисмени се најголеми инвеститори во Македонија, граѓани на Грција доаѓаат да купуваат кај нас. Тоа значи дека останува исчекорот да го направат политичарите“, рече Иванов. На прашањето што македонската страна презема во насока на надминување на спорот, претседателот Иванов истакна дека македонскиот политички врв прави обиди за да се искористи, како што рече, „позитивната атмосфера во регионот“. „Ние сме постојано во комуникација, со нашиот преговарач, со министерот за надворешни работи, со премиерот, да видиме како можеме да придонесеме кон овој позитивен момент што се создава во регионот. Повторувам дека песимистите на Балканот се оптимисти со искуство. Да не негуваме преголем оптимизам, треба да бидеме реалисти, да очекуваме што е реално можно. Односот кој го покажа грчкиот премиер кон Турција, кој присуствуваше во Истанбул, очекуваме на ист начин да го покажат и кон нас“, истакна претседателот Иванов, забележувајќи дека поранешната министерка за надворешни работи на Грција како претседавач со ОБСЕ, не нашла за сходно да ја посети Македонија.Сепак, Иванов очекува преку интензивна комуникација, последните пораки од регионот, лобирања за Македонија и пријателските совети од одредени структури во Европа, ќе бидат добра можност да се искористи моментот за исчекор напред.„Ќе видиме времето што носи, се надеваме дека нешто ќе се случува во регионот, и можеби тоа ќе придонесе и од наша страна со некој гест на добра волја“, потенцира претседателот Ѓорѓе Иванов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја делови од Кисела Вода

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. 1523, објектите на фирмите Пастор, Орнамакс и други во нивна близина, корисниците од бул. Борис Трајковски од бр. 77 до бр. 85, како и корисниците лоцирани помеѓу објектите на фирмите Циле Инжињеринг и Интеграф. (општина Кисела Вода)
Македонија
Шукова: Време е за резултати, уреден Бутел, нови паркови, подобар превоз и вода за сите

Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, вчера одржа митинг во Бутел, каде пред жителите порача дека Скопје мора да се гради со дела, а не со празни зборови.
„Вечерва не сум тука само како кандидатка за градоначалничка на Скопје. Тука сум, пред сè, како човек што верува во овој град и во луѓето што го прават Бутел дом,“ изјави Шукова.
Таа се осврна на реалните проблеми со кои се соочува општината запуштеното корито на Серава, недоволната инфраструктура, недостигот на јавен превоз и дотраената водоводна мрежа и истакна дека решенијата веќе се подготвени.
„Серава ќе стане место на кое ќе се гордееме уредено корито, пешачки и велосипедски патеки, зелена зона за сите. Новите паркови и 10.000 засадени дрвја ќе го вратат сјајот што Скопје го имаше пред децении,“ нагласи таа.
Посебен акцент стави и на водоснабдувањето и инфраструктурата:
„Денес, 60 проценти од питката вода се губи во системот. Време е за модернизација и стабилно снабдување со вода за секој дом. Новите мостови, клучки и булевари ќе го поврзат Бутел со целиот град и ќе овозможат безбедно и побрзо движење,“ рече Шукова.
Таа потсети дека во изминатите години градот беше заложник на неработење и популизам:
„Четири години ВМРО-ДПМНЕ ги запоставуваше општините. Време е за резултати, а не за слики и празни зборови. Половина од нашите проекти може веднаш да се реализираат,“ додаде таа.
Во својот говор, Шукова повика на единство и одговорност:
„Бутел не смее да биде изолиран. Бутел е почетна точка на модерното Скопје место каде што се инвестира, се гради и се слуша секој граѓанин.“
Македонија
Претежно облачно со врнежи од дожд, повремено пообилни

Времето денеска ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат пообилни во западните делови, каде се очекува локално да наврнат и над 25 l/m²дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 11 до 15 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд, повремено пообилни. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд со послаб интензитет. Потоа следува претежно стабилно време со потпросечни температури за овој период од годината.