Македонија
Иванов:Оваа реа во етерот ќе ја развеат некои нови поморални ветришта
Новинарот Зоран Иванов денеска упати писмена реакција до медиумите, кои објавуваа детали за аферата „Надеж 2“, а во кои се посочуваше на коруптивни дејства околу организацијата на Претседателскиот Самит во Охрид 2008.
„Веќе четири, пет дена во монтиран медиумски „процес“, во простачки манири и со нагласени негативни конотации, со многу инсинуации, конструкции и надвор од сите контексти, а во врска со организацијата на досега најзначајниот и според учесниците најуспешниот меѓународен политички настан кога и да е одржан во Македонија – го талкате моето и името и угледот на членот на моето најблиско семејство“, вели Иванов.Тој додава дека на самитот учествувале околу 1.200 луѓе од 18 држави, вклучувајќи ги и новинарите од редакциите кои сега, според Иванов, ги пласираат лагите во етерот.Иванов потенцира дека за организацијата на еден ваков настан се потребни многу пари.„За нивото, за успешноста, за цената на чинењето, ако веќе не ги слушате домашните аргументи, прашајте во странските агенции кои за своите држави ги организирале нивните претходни претседателски самити. Прашајте, проверете, споредете, објавете. Земете изјави од актерите, од надлежните, проверете во институциите. Тоа му го должите на новинарството и на Вашите тв гледачи, радио слушатели и читатели“, додава Иванов.Понатаму во реакцијата Иванов истакнува дека „беспримерна и патолошка е лигавоста спрема партискиот активизам што ги креира вестите“.„Со таквите партиски продукти кои немаат ништо заедничко со елементарната новинарска етика, ги поганите Вашите медиуми и ја манипулирате Вашата медиумска публика. Па, зарза тоа ли сте Главни уредници на национални медиуми и на јавни сервиси? Не ли Ви е срам од Вашите деца? Така, секако, не Ве воспитуваа Вашите родители. На такво ли новинарство ги учите Вашите соработници? Каде Ви се човечките скрупули и новинарските стандарди? “, прашува Иванов.На крајот на реакцијата тој вели дека сегашните невистини што се емитуваат во јавноста наскоро ќе бидат разобличени.„Ова реа што сега ја емитувате во етерот, кај и да е, ќе ја развеат некои нови поморални ветришта. Вашите ментори нема да Ве поведат со себе. Целиот свој живот ќе си останете со срамот што сега си го товарите и со јадот на сопствената совест“, вели во реакцијата до медиумите кои објавуваа детали за аферата „Надеж 2“, Зоран Иванов.Повеќе медиуми деновиве објавуваат детали за оваа афера, во која се посочува поранешниот претседател Бранко Црвенковски дека потрошил повеќе од 500.000 евра за организација на Претседателскиот Самит во Охрид 2008, а дека за таа цел ја ангажирал маркетинг агенцијата Пристоп МК, која се поврзува со Иванов и неговиот син.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Во процес се консултации и обновување за создавање силен и одговорен тим
Додека државата тоне во скандали, додека заради корупција се губат стотици милиони евра од ЕУ, а граѓаните имаат се помалку пари, ВМРО-ДПМНЕ измислува приказни за СДСМ, за да го одвлече вниманието од сопствените проблеми. Ваква е реакцијата на СДСМ, откако претходно денес Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ праша дали е точна информацијата дека никој не сака да му се нафати на Филипче да му биде во раководството.
„Очигледно е дека кога во Владата владеат криминал и неспособност единственото што им останува е да зборуваат за Венко Филипче и за СДСМ. Ова се очајнички обиди на ВМРО-ДПМНЕ да го сокријат фактот дека за една година власт, не реализираа ништо што им го ветија на граѓаните. Државата пука по сите шавови, инфлацијата расте, економијата тоне, инвеститорите си заминуваат. Последниот скандал со суспензија на средствата од ИПАРД програмата е уште еден доказ за вистинската слика од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, држава заробена од партиски и лични интереси, корупција и неспособни кадри“, се вели во реакцијата.
Им порачуваат да си ја гледаат својата Влада која, како што велат, се распаѓа пред очи на јавноста.
„Уплашени се од секојдневните скандали кои допрва ќе излегуваат во јавноста. Ваквите спинови во паника се јасен индикатор колку не им оди работата. СДСМ е единствена политичка сила која секој ден ја разобличува криминалната власт“, додаваат.
Партијата нагласува и дека во нејзините редови се спроведува сериозен процес на консултации и обновување, насочен кон создавање силен и одговорен тим кој ќе ја води партијата во новата фаза.
Македонија
Нова генерација питомци и офицери положија заклетва на Воената академија
Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, министерот Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски денеска (10 ноември) на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ се обратија пред новата класа од 31 питомец и 28 слушатели на курсот за офицери кои дадоа свечена заклетва, со што и официјално го започнаа своето воено образование.
Претседателката Сиљановска – Давкова порача дека питомците стапуваат во Армијата кога се најпотребни, во време-невреме на растечки непријателства и тензии, разгорени воени конфликти, длабоки геополитички бранувања и промени.
„Како идни офицери на македонската, но и на НАТО-армијата, од вас се очекува да почитувате и да практикувате највисоки професионални и морални стандарди во справувањето со сите видови закани: традиционални, но и асиметрични и хибридни, во различен простор: физички и сајбер. Но, не смеете да ги занемарите или да ги заборавите етичките и моралните вредности, ако сакате да останете луѓе и да бидете личности“, рече таа.
Министерот Мисајловски на новите питомци и слушатели за офицери им рече дека униформата која ја носат претставува одговорност, укажувајќи дека во армиското семејство „интегритетот и лојалноста кон татковината се вредности кои се пренесуваат од генерација на генерација, вредности кои се силни и инспиративни.“
„Ве очекуваат предизвици кои ќе ја стават на тест вашата физичка подготвеност, но и психичка издржливост. Ќе научите како да ги совладате вештините на воената професија, ќе научите кога треба брзо да реагирате, да бидете одлучни, но истовремено и трпеливи“, рече тој. Додаде дека процесот на воената едукација ќе ги научи дека вистинската сила и умешност не е само во знаењето и вештините кои ќе ги стекнат, туку и во посебноста на нивните карактери, во истрајноста и во вербата дека служат на нешто многу поголемо од себе.
Министерот истакна дека Академијата е симбол на извонредност, како воена установа „која повеќе од 30 години создава лидери кои со знаење и патриотизам ја носат одговорноста за безбедноста и стабилноста на нашата држава.“
Деканот на Академијата, полковникот Ненад Танески истакна дека дадената заклетва значи и завет кон знамето, како и „една вековна нишка на верност, што ја поврзува секоја генерација што се борела за слободата на нашата земја.“ За свечената заклетва, рече, дека е ветување пред себе, својот народи и својата историја дека ќе ја чуваат татковината со знаење, дисциплина и љубов.
„Воената академија…веќе три децении стои на темелите на тие идеали. Нашата мисија е да создадеме современ офицер — образован, морален и одлучен, човек што ја разбира тежината на зборот должност и величината на зборот чест“, порача Танески.
Македонија
Социо-еколошкиот форум Скопје: Јавниот простор мора да се уредува според потребите на граѓаните
Вчера, во Скопје, се одржа петтиот Социо-еколошки форум во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“, со канцеларија во Скопје, и Институтот за социјална демократија „Прогрес“.
Форумот почна со едукативна прошетка во централното градско подрачје, каде што преку приказни, набљудување и заеднички дискусии се истражуваше јавниот простор. Преку оваа активност граѓаните го искажуваа своето размислување. Тие велат дека сакаат простор што еднакво им служи и на граѓаните и на природата. Бараат повеќе зеленило, повеќе сенка, клупи, пристапност и инклузивност. Сакаат јавен простор што го одразува достоинството и ја поттикнува благосостојбата на граѓаните.
Оваа година Форумот е фокусиран на placemaking, рамка што го поима јавниот простор како заеднички процес. Во време на растечки социјални нееднаквости и еколошки предизвици овој пристап станува клучна насока кон социо-еколошка правда: правични, зелени, инклузивни и отпорни градови. Социо-еколошката трансформација почнува токму таму каде што луѓето се движат, живеат и се среќаваат.
Странските учесници, активисти, експерти, претставници од граѓански организации и политички претставници имаа можност да ја видат проекцијата на филмот „Скопје ремикс“, во кој се зборува за девет приказни за Скопје создадени од десет реномирани македонски режисери. Секоја од овие девет приказни ја прикажува супкултурната сцена, која најактивно ги користи јавните простори, ги оживува и им дава нова енергија. Преку овој филм учесниците подобро го запознаа Скопје, како и неговата култура, различностите, предностите и слабостите.
Од ФЕС потенцираат дека јавниот простор мора да се планира и уредува според реалните потреби на граѓаните. Недостигот од зеленило во Скопје е сè поочигледен како резултат на долгорочната бетонизација, а тоа го наметнува императивот јавните простори повторно да се ослободат, озеленат и да се стават во вистинска функција на заедницата.
Во текот на вчерашниот ден се одржаа три тематски работилници, каде што се создаваше концепт за простор отпорен на климатски промени, понатаму форумот се фокусира на пристапноста и инклузивноста со целиот јавниот простор да биде навистина достапен за сите. На третата работилница експертите и учесниците се посветија на модели за подобрување на енергетската ефикасност во урбаното уредување.
На панел-дискусијата се дискутира за placemaking како алатка што овозможува креирање поправедни, позелени и поприспособливи заедници, простори во кои секој граѓанин може достојно да живее.
На петтиот Социо-еколошки форум учество зедоа проф. д-р Кирил Сотировски од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс ем“ (Шумарски факултет); инженерот, сценарист и културен работник; проектен менаџер во Pro Peace Macedonia, Јаков Попоски; политичарот, поранешен градоначалник на Шабац и претставник на Демократска партија на Србија, Небојша Зеленовиќ, политикологот, феминистка и активистка за социјална правда, програмска координаторка во ФЕС Романија, Тудорина Михаи; авторката во независниот медиум „Машина“ и истражувачка во областа на критички урбани студии и просторна правда, Искра Крстиќ. Свое учество исто така зедоа и избраниот локален советник во Град Атина, Грција, Константинос Декавалас; архитектката, урбана истражувачка и проектна директорка, активна на пресекот меѓу просторното планирање, јавните знаења и институционалното управување; Nova planska praksa, Србија, Љубица Славковиќ, како и архитектката, истражувачка и урбан социолог, Ива Петрунова.

