Македонија
Зошто северно македонски, кога никој друг не говори на македонски?
Професорката по славистика и лингвистика од Универзитетот во Торонто Кристина Крамер не гледа причина за преименување на Македонија и јазикот
Јане Бојаџиевски, Глас на Америка на македонски Долгогодишната славистка и надворешна членка на МАНУ Кристина Крамер смета дека македонскиот јазик има иднина и како секој друг.„Луѓето треба да го учат, да го ценат, да пишуваат на македонски, треба да му се овозможи да живее и на Интернет“, вели Крамер. Таа смета дека најголемо богатство на јазикот е што неговите дијалекти се` уште се живи, паралелно со современиот, стандардизиран македонски. На универзитетот во Торонто многу Канаѓани со македонско потекло, но и странци го изучуваат македонскиот, раскажува Крамер. Професорката наведува дека не е политичар, туку лингвист, но сепак, не може да ја сфати суштината на спорот околу името.„Македонија е Македонија. Македонскиот јазик е македонски јазик. Македонскиот народ е македонскиот народ. Не ми е јасно во што е прашањето. Зошто една држава може да вели дека од ден-денес, оваа држава, овој народ, овој јазик треба да најде друго име. Веќе има име и името е Македонија“, вели Крамер. По иста аналогија, Крамер не гледа причина да се преименува македонскиот јазик. „Дали би сменило нешто? Можеби, не. (На пример, н.з.), ако од утре се викам Наташа, затоа што јас знам дека сум Кристина. Но, ова е глупост. Зошто да има северномакедонски јазик кога нема ниту еден човек на светот кој зборува на друг македонски јазик? Кога веќе македонскиот е вклучен во енциклопедии како македонски јазик; кога веќе има книги по библиотеки по целиот свет под името македонски јазик. Зошто да се најде некое решение, кога во Грција не разбираат дека историјата се менува, дека имињата се менуваат? Не ми е јасно зошто треба да најдеме друго име, кога веќе имаме имаме кое е познато во целиот свет, освен во Грција и во Бугарија“, нагласува КрамерКрамер го изучувала македонскиот и докторирала славистика на Универзитетот во Северна Каролина, под менторство на славистот Виктор Фридман. Во моментов работи на трето издание на учебник по македонски за странци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

