Македонија
Началникот на ГШ на АРМ Котески на конференција во Тирана

Началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески, во среда и четврток учествува на седмата Конференција на началниците на генералштабовите на армиите од балканските земји, која се одржува во Тирана, Република Албанија.
На конференцијата во Тирана, покрај НГШ на вооружените сили на Република Албанија, генерал-мајор Џемал Ѓункши како домаќин, ќе учествуваат и началниците на генералштабови од осум земји од Балканот и тоа: Македонија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Романија, Србија, Турција и Црна Гора.
На Конференцијата на началниците на генералштабови како гости присуствуваат и високи претставници на генералштабовите од армиите на Словенија и Хрватска, како и Воениот комитет на НАТО, Здружената команда на НАТО во Неапол и Команда на силите на САД во Европа (US EUCOM).
Одржувањето на балканската конференција на началниците на генералштабови, претставува резултат на иницијативите и заложбите за зајакнување на соработката помеѓу државите во регионот, кои имаат за цел промовирање на мирот и стабилноста на Балканот и пошироко.
На седмата конференција на НГШ на балканските земји се очекува да биде посебно ставен акцент на јакнењето на добрите меѓусоседски односи и соработката на полето на одбраната во насока на зацврстување на безбедноста на Балканот и пошироко, како и продолжување на започнатите процеси за взаемно справување со современите безбедносни предизвици, иницирани на претходните конференции.
Генералот Котески во своето излагање порача вооружените сили на балканските земји да бидат главните субјекти кои придонесуваат за безбедноста, стабилноста и просперитетот на регионот. Воедно во своето обраќање НГШ на АРМ изнесе проекти кои се од заеднички интерес за балканските армии.
На маргините од конференцијата, се очекува генералот Котески да оствари повеќе билатерални средби со своите колеги, началници на генералштабови кои учествуваат на конференцијата. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
За да нема одење на партиски митинзи со службени возила, Владата апелира сите институции што не го почитуваа рокот 18 август да поднесат пријави

Непослушните државни институции, кои до 18 август не ги пријавија службените возила, денес од Владата добија уште еден апел да го сторат тоа. Државната комисија за спречување корупција се пожали дека иако институциите располагаат со 6.500 возила, во дадениот рок се пријавени помалку од една третина од возилата, односно само 1.916 службени возила со кои располагаат.
„Јас ја видов оваа вест од Државната комисија за спречување корупција и еве како портпарол на Владата апелирам до сите институции да го поднесат бројот на службените возила. Веќе е донесена и одлука на седница на Владата дека рокот за поставување на регистарските таблички во боја е до 15 септември. И тоа ќе го завршиме сè во насока на тоа да нема повеќе злоупотреби на службени возила за цели што се надвор од службените“, рече портпаролката на Владата, Марија Митева.
Сите институции што користат државни службени возила имаа рок до 18 август да со пријават колку возила располагаат, од која марка, која година на производство се и да го пријават регистарскиот број на секое возило.
Државната комисија за спречување корупција во рок од 15 дена по истекот на рокот за пријавување на службените возила може да поднесе прекршочна пријават против непослушните институции.
Од институциите беше побарано да ги пријават служените возила за да се спречат злоупотреби во пресрет на локалните избори откога вицепремиерите Изет Меџити и Арбен Фетаи беа фотографирани како околу полноќ ги паркираат службените возила пред деловно-трговскиот центар „Мавровка“. Тие јавно не дадоа објаснување на каков состанок биле иако и премиерот Христијан Мицкоски рече дека лично ќе ги праша дали користеле службени возила за приватни или за партиски цели. Возилата на вицепремиерите беа паркирани во близина на партиски штаб на „Вреди“ од кај што доаѓаат и двајцата.
За полесно да може граѓаните да пријават злоупотреби, до 15 септември сите службени возила треба да добијат таблички во боја.
Македонија
(Видео) Митева: Од 8 активни меѓународни арбитражи, оваа Влада успешно заврши 3 во полза на Македонија

Од осум активни меѓународни арбитражи оваа Влада успешно заврши три во полза на Македонија, соопшти портпаролката на Владата, Марија Митева.
„По вчерашната информација дека Македонија го доби случајот познат како Казандол и заштеди 115 милиони евра, пари на граѓаните, цениме дека јавноста има потреба да ги знае работите, кои во согласност со класификацијата на доверливост може да се споделат во јавноста. Оваа победа не е само правен успех, туку јасна порака дека државата може да ги брани своите интереси кога настапува организирано, со посветеност и со сериозна работа“, рече Митева.
За обвинувањата од СДСМ дека оваа арбитражна постапка била добиена и завршена уште во 2023 година кога тие биле дел од Владата, Митева побара, прво, да одговорат зошто во 2023 во првата половина од април во Виена се водени преговори за можна спогодба со Казандол помеѓу претставници од владата и претставници од страна на тужителите и, второ, зошто тогаш оваа влада носи одлука и зазема став да ја одбие предложената спогодба?
„Генералната состојба е следна – со доаѓањето на новата Влада во јуни 2024, таа наследи 8 активни меѓународни арбитражни постапки, што претставува рекорден број активни арбитражни постапки во даден момент, од кои 3 постапки беа инвестициски спора 5 трговски, како и најава со опомени пред тужби за најмалку уште 4 постапки. Во сите активни арбитражни постапки потенцијалната штета за буџетот на државата беше во износи од 865 милиони евра плус трошоци во постапките“, рече Митева.
Таа праша зошто токму во периодот на претходната влада биле отворени толку многу меѓународни спорови, дали всушност се создавал терен за вонсудско решавање на споровите и начин за испумпување пари од буџетот на граѓаните.
Митева рече дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ има успешно завршено вкупно 3 арбитражни постапки во полза на Македонија и е направена заштеда на буџетот во износ од речиси 565 милиони евра и дополнително за овие 14 месеци нема нови отворени постапки.
Постапките што се завршени се арбитражна постапка, позната како „Казандол против Македонија“, со вредност од речиси 115 милиони евра, арбитражна постапка, позната како „САСА против Македонија“, со вредност од 445 милиони евра и арбитражна постапка „ГАМА против Македонија“, со вредност од над 5 милиони евра.
Македонија
СДСМ: Скандалот со испитниот центар во МВР мириса на корупција, бараме истрага

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска обвини дека тендерот за организирање возачки испити во МВР е тежок скандал и „смрди на корупција“.
Според Кузеска, новооснована фирма зад која стои советник на ВМРО-ДПМНЕ добила милионски договор и петгодишен монопол за полагање возачки испити во Битола, Прилеп и Ресен, иако, како што рече, не ги исполнувала основните услови за работа. Таа потсети дека МВР прво ја лиценцирало фирмата, а сега истиот тој испитен центар бил затворен бидејќи немал документација, стручен кадар и возила.
„Дали милионскиот тендер бил доделен само затоа што зад фирмата стои советник на ВМРО-ДПМНЕ? Ова се јасни индиции за однапред наместен тендер и корупција кои мора да се истражат“, изјави портпаролката на СДСМ.
Партијата побара Државната комисија за спречување корупција да отвори предмет, а Обвинителството да покрене истрага за да се утврди одговорност.