Македонија
Треневски: Промена на заклучокот од самитот во Букурешт
Новоименуваниот амбасадор на Македонија во НАТО, Мартин Треневски рече дека ќе се залага за промена на заклучокот на самитот на алијансата во Букурешт, со цел воспоставување на покоректен однос кон Македонија како земја кандидат и нејзино зачленување во Алијансата.
Новоименуваниот амбасадор на Македонија во НАТО, Мартин Треневски рече дека ќе се залага за промена на заклучокот на самитот на алијансата во Букурешт, со цел воспоставување на покоректен однос кон Македонија како земја кандидат и нејзино зачленување во Алијансата. При претставувањето на својата платформа пред членовите на собраниската Комисија за надворешна политика, Треневски условот за надминување на спорот со името го нарече „чиновничко размислување“, за кое ќе се залагал да се надмине. „Ќе настојувам и лично, и ние како мисија, пред сè во контактите со амбасадорите на земјите-членки на Алијансата, да она што е заклучок од завршното коминике од самитот во Букурешт да се корегира и да се воспостави еден многу покоректен однос кон нас како земја кандидат, која што давала, дава и ќе дава придонес во рамките на своите можности и потенцијали за целите и идеалите на Алијансата.“, рече Треневски. Амбасадорот Треневски смета дека недозволиво е, под изговор за солидарност, да се врши, како што рече, политичка и економска агресија врз Македонија. „Ако горат шумите околу Атина, или има не дај боже, елементарна непогода, ние сме први соседи, ќе пристапиме да помогнеме. Меѓутоа, солидарност со нешто што со политички речник може многу слободно да се дефинира како политичка и економска агресија на земја-членка на Алијансата врз земја-кандидат за членство, мислам дека ниту една демократија не би можела да се согласи со такво нешто. Нема тука солидарност“, рече Треневски. Ваквите ставови на Треневски од опозицијата ги оценија како катастрофален пристап на новоименуваниот амбасадор. Игор Ивановски од СДСМ рече дека е недозволиво Треневски да се користи со, како што рече, дипломатски недозволена реторика. „Многу е опасно јавно да истакнувате и да се гордеете со тоа дека вие сте се спротивставувале на принципите на НАТО и сакате дополнително да го правите тоа сега од позиција на формален амбасадор на Република Македонија во НАТО. Фалеше уште да ни ја кажевте методологијата како ќе го правите тоа“, вели Ивановски. Според него, Треневски отишол и чекор понатаму од, како што рече, проблематичните ставови на владата. „Не можам да разберам на кој начин вие застапувате став дека Македонија треба да работи на корегирање на заклучокот на самитот на НАТО во Букурешт во 2008-ма година. Господине Треневски, тоа е завршена работа. Заклучок на еден самит е заклучок на тој самит. Што ќе се случува на следниот, тоа е друга работа“, рече Ивановски. Членот на Комисијата, пратеникот Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ не гледа ништо спорно во ставовите на Треневски. Рече дека тој е адекватно решение за амбасадорското место во седиштето на НАТО. „Очигледно е, јасно е, сите гледаме, сите чуствуваме дека грчката политика води политика на анимозитет и антагонизам спрема Република Македонија. Политика што е непринципиелна, политика што не е во функција на добрососедските односи“, рече Ѓорчев. Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, од своја страна, побара да се изгради национален консензус во однос на спорот со името. Смета дека не постои друга опција за зачленување во Алијансата без решение на проблемот со Грција. “Мислам дека многу не треба да бидеме оптимисти дека отворените прашања што ги има Република Македонија, посебно спорот наметнат од страна на Република Грција за нашето име, дека тој спор може да се надмине со некаков друг консензус или некои други ставови од страна на влијателните членки на НАТО“, рече Трајанов. Треневски, кој на амбасадорската функција ќе го наследи Кире Илиевски, рече дека неговото именување доаѓа во многу специфичен момент и за Македонија и за Алијансата. Тој рече дека ќе работи на добивањето покана за членство на ноемврискиот самит на НАТО во Лисабон. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена
Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за инфективни болести. Пациентката имала повеќе коморбидитети и не била вакцинирана против грип.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти со компликации од грип, oд кои повеќето се возрасни лица со хронични заболувања и невакцинирани од грип.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, пред неколку дена кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.
Македонија
Зајкова: Една изборна единица има смисла само со отворени листи
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, реагираше по одржаната лидерска средба во Клубот на пратеници, оценувајќи дека нејзиниот исход е „0 проценти економија и 100 проценти политика“.
„Очекуваниот исход од ‘лидерската’ средба е 0% економија и 100% политика. Една изборна единица има смисла само со отворени листи. Во спротивно, како и денес, само неколку мажи ќе продолжат да ја дефинираат судбината на Македонија, наместо граѓаните. Моќта и финансиите ќе останат кај нив, а за народот — трошки. Со отворени листи ќе има поодговорни народни избраници, а со тоа и повеќе пари за граѓаните“, напиша Зајкова на својот Фејсбук профил.
Од ЛДП посочуваат дека лидерската средба има смисла само доколку отвори суштински прашања што директно го засегаат животот и животниот стандард на граѓаните, а не доколку се сведе исклучиво на дилемата за укинување или задржување на техничката влада.
Во соопштението се наведува и дека, иако Зајкова е пратеничка и единствена жена-лидер на партија во Македонија, таа не добила покана за учество на средбата. Организаторите, како што се посочува, одлучиле да поканат само претставници на партии кои имаат пратенички групи во Собранието.
„Лидерските средби не треба да бидат поле за дневно-политички надмудрувања и покажување мускули, туку простор за носење решенија и одлуки што ќе придонесат за подобра иднина на сите граѓани“, наведуваат од Либерално-демократската партија.
Македонија
„Пирамид Билдинг Солушнс“ бара извинување по обвинувањата на СДСМ: Работиме повеќе од 15 години без ниту еден скандал
Компанијата Пирамид Билдинг Солушнс ДООЕЛ Скопје бара јавно извинување од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во рок од 24 часа, поради, како што наведува, јавни напади, клевети и тенденциозно пласирани информации изнесени од претставниците на оваа партија на прес-конференциите на Јон Фрчковски и Петар Огненовиќ.
Во однос на обвинувањата за склучени договори со општини под водство на ВМРО-ДПМНЕ, компанијата објаснува дека станува збор за селективно прикажување на факти со кое се создава искривена слика за нејзиното работење и се нанесува сериозна штета врз угледот, интегритетот и деловната репутација.
Оттука истакнуваат дека повеќе од 15 години успешно опстојуваат и работат на македонскиот пазар, без, како што наведуваат, ниту еден скандал, со доследно почитување на законите и процедурите и со континуиран раст базиран на квалитет и професионалност.
Во соопштението се додава и дека во јавните настапи на претставниците на СДСМ не бил спомнат клучен факт – дека токму во периодот на нивното владеење и раководење со институциите, компанијата добила значителен број договори за јавни набавки, кои биле целосно и успешно реализирани во согласност со законските прописи.
Како доказ за транспарентно и законско работење, компанијата доставува и табела со склучени и реализирани договори за јавни набавки по години и институции раководени од функционери на СДСМ.
„Апелираме бизнисот да се остави надвор од дневно-политичките пресметки и да не се користат инсинуации и неосновани обвинувања за политички цели“, се наведува во соопштението.
Од Пирамид Билдинг Солушнс порачуваат дека, доколку не добијат јавно извинување во наведениот рок, ќе бидат принудени да ги искористат сите расположливи правни механизми за заштита на своите права, углед и деловен интегритет.

