Македонија
Ставрески ја претстави завршната сметка од Буџетот
Завршната сметка на Буџетот за 2009 година покажува дека вкупните приходи достигнуваат 128, 4 милијарди денари, а расходите 138,3 милијарди денари, што подразбира дефицит од 2,7 проценти.
Завршната сметка на Буџетот за 2009 година покажува дека вкупните приходи достигнуваат 128, 4 милијарди денари, а расходите 138,3 милијарди денари, што подразбира дефицит од 2,7 проценти.
За министерот за финансии Зоран Ставревски ваквиот буџетски дефицит покажува дека Македонија добро се справи со светската економска криза минатата година, додека пак за опозицијата рецесијата е само оправдување за незаконското и неправилното трошење на државните пари.
„Со оглед на тоа дека светската економија западна во рецесија, нагло се намали побарувачката за извоз и условите за бизнис се влошија. Неминовно беше и тоа да се одрази врз македонското стопанство, кое доста се бореше со светската економска криза„ смета Ставрески.
Според него Македонија е една од ретките земји во Европа каде стапката на невработеност остана на исто ниво како и пред светската рецесија иако тоа останува клучен социјален проблем во земјава.
Ставревски смета дека Владата во целост го реализира планираниот таргет и остана во планираниот буџетски дефицит.
„Постигнато е да се задржи фискалната стабилност на државата во услови на големи потреси, значајно е барем еден сегмент од економијата да биде стабилен. И во тој дел на остварување на низок буџетски дефицит е добар сигнал за стопанството дека Владата цврсто ја држи контролата врз јавната потрошувачка“ – смета Ставрески.
Тој вели дека Македонија остварила лани многу подобри резултати од речиси сите Европски држави, во однос на буџетскиот дефицит.
„Во Европа има само една земја која имаше помал буџетски дефицит од нас сите други имаат трговски дефицит над три проценти и тоа покажува дека Македонија со вкупното салдо останува во зоната на низок трговски дефицит при што обезбедува фискална стабилност“ смета Ставрески.
Според него, реализацијата на буџетот се одвиваше согласно планираната динамика. Финансирањето беше обезбедено со задолжување со кредит од Светската банка и еврообврзницата, како и преку домашно задолжување.
Во рамки на вкупните приходи, даночните приходи беа реализирани во износ од 71, 2 милијарда денари, што претставува 97 проценти од планот.
Даноците бележат подобра реализација од два проценти, што според министерот за финансии се должи на реформите што беа преземени во делот на интегрираната наплата на придонеси и персонален данок и воведувањето на концептот на бруто плата. За опозицијата, пак токму даноците и новите давачки и казни се единствените приходи во буџетот.
Расправата во Собранието главно се водеше околу ревизорскиот извештај за завршната сметка, особено во извештајот за новите вработувања.Пратениците од опозицијата побараа од министерот Ставревски да каже колку точно согласности дал за нови вработувања минатата година, што според министерот Ставревски таа бројка изнесува 4 900 лица со привремен договор.
Според пратеникот Јован Манасиевски од ЛДП лани е постигнат најнизок степен реализација за капитални расходи.
Маријанчо Николовски од СДСМ смета дека во Македонија никогаш не владеела поголема сиромаштија, а сивата економија се уште цвета.крај/кс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сите што ќе одат на средба со Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ
Сите што ќе одат на лидерската средба со Христијан Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ.
„Сите што денеска ќе одат на средба со Мицкоски за укинување на техничката стануваат соучесници во: легитимирање на криминалот и корупцијата на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ, анти ЕУ кампањата на власта за изолација на земјата, планот за предвремени избори што ги имаат веќе договорено без основни услови да бидат фер и демократски и реализација на планот „мигранти за пари“ после тоа“, смета СДСМ.
Сите чекори кои власта досега ги презема, додаваат од партијата, веќе ги најавивме: изолација, избори, мигранти за пари.
„Секој што ќе отиде на средбата со Мицкоски не може да каже после тоа дека не бил соучесник. СДСМ останува со граѓаните, на вистинската страна. СДСМ останува на страната на Македонија, на страната за интеграција, на фронтот за правда и против корупцијата и криминалот“, велат од опозициската партија.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Скопје – Штип
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип е нормализиран, информира АМСМ.
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип утрово беше во целосен прекин, поради опожарено тешко моторно возило, четири километри пред патарината „Преод“.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Без струја делови од Центар и Аеродром
Без струја денеска ќе останат дел од корисниците од општините Центар и Аеродром.
„Од ЕВН Македонија АД добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) без електрична енергија ќе останат: – во периодот од 09.00 до 11.00 часот, корисниците од ул. Наум Наумовски Борче бр. 65 и околните стамбени објекти околу него. (општина Центар). Во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од дел од ул.Ѓорѓи Андеевиќ Кун во близина на училиштето Димитар Македонски (општина Аеродром)“, информира РЦУК – Скопје.

