Македонија
Еленовски: Новиот стратешки концепт на НАТО е важен за Македонија
Стратешкиот концепт на НАТО за 2010 година ќе биде важен за Македонија како насока за понатамошна одбранбена трансформација, за новите капацитети кои треба да се развијат, структурата на сили, опрема и видот на мисии за кои вооружените сили треба да бидат подготвени, рече претседателот на Евроатланскиот-совет на Македонија, Лазар Еленовски.
Еленовски денеска ги изнесе своите ставови за Стратешкиот концепт кој треба да биде објавен на НАТО Самитот во Лисабон на 19-ти и 20-ти ноември и со кој ќе постават насоките за Алијансата за наредната декада и за реформите на организацијата.
Тој смета дека процесот на проширување на Алијансата треба да продолжи забрзано бидејќи е клучен елемент за исполнување на идејата за обединета Европа, слободна и во мир. Како што рече тоа подразбира Европа да се комплетира до 2020 година бидејќи тоа е од стратешко безбедносно значење.
Според него Новиот стратешки концепт треба да ги идентификува процесите кои ќе понудат еден нов концепт на Алијансата со која таа ќе биде релевантна и доминантна за децениите што доаѓаат.
Евроатланскиот-совет во својата анализа посочува дека Стратешкиот концепт треба да даде патоказ за трансформација на Алијансата, односно воведување на политичка и воена реформа.
Модернизирање на воените капацитети за да се обезбеди поголема функционалност и мобилност, прекинување на инвестициите во статични армии и продолжување на одржувањето на нуклеарната одбрана се дел од сугестиите кои се содржани во анализата.
Еленовски истакна дека за НАТО 2020 потребно е Новиот стратешки концепт да даде јасни насоки за партнерствата кои Алијансата треба да ги спроведе, а со тоа како што рече да добие поинаква димензија и поинаков лик.
Стратешки интерес како што посочи тој е и атланскиот свет да има мирно и безбедно соседство, затоа смета дека во наредниот период треба да се склучи големото доближување помеѓу атланскиот и арапскиот свет, како и остварување на нова фаза на соработка со ОН.
„Визијата за глобализираниот НАТО не е прашање за дали туку за колку, а тоа не зависи од симпатиите, желбите, ниту пак предрасудите, туку е цврсто поставена во неопходноста да се обезбеди мир, сигурност и развој на човештвото во глобализираниот свет на 21 век. За тоа да се реализира НАТО не треба да биде светски полицаец, туку заштитник на цивилизациските вредности и придобивки за човештвото“, рече Еленовски.
Презентацијата на денешната анализата е дел од практична реализација од определбата на Република Македонија за членство во НАТО и напорите кои ги прави за приближување кон Алијансата.
Таа има за цел да даде придонес во глобалната дебата за Новиот Стратешки Концепт на НАТО кој треба да биде усвоен на Самитот на НАТО во Лисабон, 19-20 ноември 2010 год./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) По ерата на Југославија, селото Драчево е првото село во Македонија што добива сопствено модерно кино
Општина Кисела Вода вчера вечер официјално го отвори новото кино во Домот на културата во Драчево. Проектот, реализиран во партнерство со „Киноверзум“, претставува втора филмска сцена на територијата на оваа општина и вкупно петта во мрежата на оваа групација во Македонија.

Свеченото отворање се одржа пред преполна сала, во присуство на претставници на Владата, Собранието, како и голем број уметници и културни работници. Настанот го водеше актерот Рубенс Муратовски, а вечерта беше заокружена со проекција на меѓународно наградуваниот документарен филм „Приказната за Силјан“, кој беше македонски кандидат за „Оскар”.

– Ова е историски чекор, бидејќи по времето на Југославија, селото Драчево е првото село во Македонија кое добива свое модерно кино. Со овој чекор потврдуваме дека културата не смее да биде привилегија на центарот, туку право на секој граѓанин. Нашата визија е јасна- ја носиме уметноста таму каде што е домот на луѓето. Сакаме врвните филмски остварувања да бидат на само неколку чекори од вашиот праг-истакна градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

Таа додаде дека ова е второ заедничко кино со „Киноверзум“ и е доказ дека со јасна заедничка визија се постигнуваат видливи и трајни резултати.

Посебно признание на настанот им беше оддадено на гостите, режисерката Тамара Котевска и продуцентот Јорданчо Петковски. Нивниот филм „Приказната за Силјан“, кој беше македонски кандидат во трката за „Оскар“, кој е откупен од „National Geographic“ и добитник на бројни награди на реномирани светски филмски фестивали, беше симболично избран за првата проекција на новото филмско платно во Драчево. За жителите на Драчево ова имаше и емотивна вредност, со оглед на тоа што продуцентот Петковски потекнува токму од ова место.

– Ова е седма година од постоењето на „Киноверзум” и горди сме што вечерва го отвораме нашето петто кино. По Штип, Велес, Свети Николе и првото кино во Кисела Вода, сега и Драчево добива филмска сцена со најсовремени технички услови. Опремено со ласерски кино-проектор и врвен систем за звук, на посетителите им ги нудиме најактуелните светски филмски хитови по најпристапни цени. Веќе од утре, на редовниот репертоар во Драчево се филмовите „Свадба” и „Оркански височини“, изјави Михаела Ѓорчева, основач на „Киноверзум“.

Овој проект е вистински пример за континуитет во спроведувањето на добрите идеи и плодна соработка, со оглед на тоа што иницијативата за негово отворање започна уште во мандатот на претходникот на Стаменкоска Трајкоска, сегашниот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Со оваа реализација, Општина Кисела Вода ја потврдува својата посветеност на културната инфраструктура, правејќи ги Драчево и Кисела Вода нови културни епицентри достапни за сите жители.






Македонија
Врнежи од слаб снег на неколку патни правци, патот кон село Герман е блокиран од паднато дрво
Од синоќа е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар. Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино, извести АМСМ.
Патот кон село Герман е блокиран кај село Станча, од паднато дрво и не е прооден.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози. Врнежи од слаб снег има во Крива Паланка – г.п Деве Баир, г.п Делчево, Страцин, и на Пониква, но во моментов не претставуваат пречка за одвивање на сообракајот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, соопшти АМСМ.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: По две децении, Драчево повторно доби свое кино
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи извести дека по две децении, Драчево повторно доби свое кино.
„Особено ми е драго што иницијативата што ја започнавме пред завршувањето на мојот мандат како градоначалник на Кисела Вода, денес прерасна во реалност. Овој проект беше визија за враќање на културниот живот таму каде што му е местото, меѓу мојот народ. Од денес, таа визија живее“, вели градоначалникот.
„Киното ќе функционира во рамки на Домот на културата во Драчево, простор кој повторно ќе стане собиралиште на уметноста, емоцијата и заедничките доживувања.
Покрај Кисела Вода, сега и драчевчани ќе бидат дел од КИНОВЕРЗУМ и ќе имаат можност да уживаат во најновите филмски достигнувања и најголемите светски хитови, блиску до својот дом.
Филмското искуство повеќе нема да значи патување километри далеку, туку тука – дома. Културата повторно пулсира во Драчево“, додаде Ѓорѓиевски.

