Свет
Партијата на Мубарак обвинета за религиозните судири

Египетската армија ги обвини членовите на распуштената партија на поранешниот претседател Хосни Мубарак за предизвикување на религиозните судири во земјата, што би можело да доведе до граѓанска војна.
Египетската армија ги обвини членовите на распуштената партија на поранешниот претседател Хосни Мубарак за предизвикување на религиозните судири во земјата, што би можело да доведе до граѓанска војна.Вкупно 12 луѓе загинаа, а 232 беа повредени во судирите помеѓу муслиманите и коптските христијани во текот на минатиот викенд. „Лидерите на Националната демократска партија одлучиле4 да го употребат партиското членство, кое брои речиси два милиона, за да предизвикаат немири, чија цел е да се порази револуцијата, земјата да се доведе во состојба на анархија и да се предизвика граѓанска војна“, ја цитира угледниот весник „ал-Масри ал Јум“ изјавата на анонимен извор од армијата. Истиот извор за весникот тврди дека армијата поседува докази дека членови на НДП го спровеле заговорот, кој доведе до судирите помеѓу радикалните муслимански Салафисти и коптските христијани во црква во предградието на Каиро Имбаба. Партијата на сменетиот претседател Мубарак беше распуштена со судска наредба кратко откако Мубарак беше присилен да ја напушти функцијата во февруари годинава, по масовните протести против неговото 40-годишно владеење. /крај/риа/сс/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Макрон: Зеленски не може да се согласи на примирје додека ракети паѓаат врз Киев

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски не може да се согласи на прекин на огнот додека Русија продолжува со нападите врз Киев. Зборувајќи за време на посетата на Мадагаскар, Макрон нагласи дека мирот не може да се постигне додека Русија го гранатира украинскиот главен град.
Оваа изјава доаѓа откако Русија го изврши својот најтежок напад врз Киев оваа година, користејќи 145 дронови и 70 ракети, при што загинаа најмалку осум лица, а повеќе од 70 беа повредени. Нападите предизвикаа пожари и уривање згради во пет градски квартови, а спасувачките екипи сè уште бараат преживеани под урнатините.
Изјавата на Макрон дојде откако американскиот претседател Доналд Трамп го критикуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски за одбивањето да ја прифати руската контрола врз Крим за време на мировните преговори. Трамп, исто така, го повика рускиот претседател Владимир Путин да ги запре нападите врз Киев, наведувајќи дека „5.000 војници умираат неделно“ и дека е време да се постигне мировен договор.
Украинскиот претседател Зеленски изјави дека Украина е подготвена за мировни преговори со Русија, но само откако ќе се воспостави прекин на огнот и ќе престанат нападите врз цивилни цели. Зеленски, исто така, нагласи дека Украина нема да ја признае руската анексија на Крим, бидејќи тоа би било спротивно на украинскиот устав.
Свет
Трамп за жестокиот напад на Киев: Владимире, престани!

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска ги осуди најновите руски напади врз Киев на платформата Truth Social и го повика рускиот претседател Владимир Путин да ги запре.
„Не сум задоволен од руските напади врз Киев. Тие не се потребни и доаѓаат во многу лошо време. Владимире, престани! 5.000 војници умираат неделно. Ајде да го завршиме мировниот договор!“, напиша Трамп.
Реакцијата доаѓа откако руските сили го извршија најтешкиот напад врз главниот град на Украина од летото минатата година. Киев синоќа беше цел на комбинирани напади со беспилотни летала и проектили, при што загинаа најмалку девет лица, а беа повредени повеќе од 70, меѓу кои шест деца. Нападите предизвикаа пожари и урнаа згради во пет градски кварта, а спасувачките тимови сè уште трагаат по преживеани под урнатините.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја прекина официјалната посета на Јужна Африка и најави враќање во својата татковина. За време на состанокот со јужноафриканскиот претседател Кирил Рамафоса, Зеленски повтори дека Украина нема да се согласи на мировен договор кој вклучува територијални отстапки, вклучувајќи го и Крим.
Свет
Истанбул погоден од 300 последователни потреси, сеизмолозите очекуваат уште еден силен земјотрес

Серија земјотреси го погодија Истанбул и денеска, а турската агенција за катастрофи АФАД извести за речиси 300 последователни потреси, од кои еден бил со јачина од 4,6 степени.
Од вчерашниот силен земјотрес, кој беше со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала, АФАД забележа уште стотици земјотреси по должината на тектонските раседи во Мраморното Море.
Министерот за здравство Кемал Мемишоглу изјави дека 236 лица се повредени, од кои 173 во Истанбул. Петнаесет од нив морало да бидат хоспитализирани, а некои се повредени панично скокајќи од зградите.
Канцеларијата на гувернерот на Истанбул соопшти дека нема извештаи за урнати згради. Министерот за урбан развој Мурат Курум објави дека 12 згради се евакуирани како мерка на претпазливост.
Сеизмолозите и геолозите цитирани во турските медиуми, генерално, се согласуваат дека сè уште се очекува голем земјотрес. Иако не е познато кога би можело да се случи, експертите предвидуваат дека би можел да достигне магнитуда 7,4, а некои дури проценуваат и потенцијална магнитуда од 7,7.
Турција се наоѓа во еден од сеизмички најактивните региони во светот.
Локалните медиуми објавуваат дека жителите ја поминале ноќта во паркови и на отворени простори поставувајќи шатори наместо да се вратат во своите домови. АФАД ги повика луѓето да избегнуваат потенцијално небезбедни згради предупредувајќи дека последователните потреси би можеле да траат некое време.