Македонија
Желев: Признавањето на Македонија беше правилна одлука
Вистински потег и вистинска политика, со еден удар ги пресековме јазлите на сложените билатерални односи, кои ја одбележаа нашата историја во дваесеттиот век.
Вистински потег и вистинска политика, со еден удар ги пресековме јазлите на сложените билатерални односи, кои ја одбележаа нашата историја во дваесеттиот век.
Вака го оквалификува признавањето на Македонија од страна на Бугарија, поранешниот бугарски претседател, Жељу Желев, во интервју за бугарската новинска агенција, БГНЕС.
„Наталожените проблеми можеа да се решат со еден потег. Тоа можеше да се случи само со признавање на независноста на Македонија, без да се ставаат предуслови. Веднаш откако го направивме тоа, ние контактиравме и со сите наши соседи да го следат примерот. Сметавме дека ако го направат тоа, Македонија од „јазол на противречности“, може да се претвори во центар на Балканот“ вели Желев.
Според него Софија ја признала независноста на Македонија и за да се избегне ширењето на војната, која тогаш веќе беснееше на територијата на цела Југославија.
„Имаше реална опасност таа да се префрли и на српско-македонската граница, а оттаму да се прелее во општобалкански конфликт, во кој лесно можеше да влезе и Бугарија. Непризнавањето на Македонија, ќе ја поставеше Бугарија во многу опасна ситуација. Таа лесно можеше да стане жртва на агресија или провокации“ додава Желев.
Бугарија беше првата земја која што ја призна независноста на Македонија на15 јануари, 1992 година./крај/бгнес/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Андоновски: Со бесплатните Wi-Fi зони и електронските уреди го надминуваме дигиталниот јаз меѓу студентите
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска оствари работна посета на Филозофскиот факултет во Скопје, каде заедно со деканот Оливер Бакрески ја потврдија досегашната успешна соработка преку потпишување Меморандум за соработка и ја претставија новата бесплатна интернет зона наменета за студентите.
„Можам да најавам дека ова е првата ваква зона која Министерството за дигитална трансформација ја обезбедува од сопствени средства. Вакви зони ќе предвидиме и во студентските домови каде што постои потреба, како и на останатите факултети и универзитети. Најмногу се фокусираме на просторот каде што се присутни најмногу студенти и професори,“ изјави Андоновски.
Министерот се осврна и на проектот за ваучерите за електронски уреди за студенти, за кој што рече дека со овие два проекти се овозможува надминување на дигиталниот јаз кој што постои меѓу студентите.
Во рамки на посетата, тој се обрати и пред студентите, потенцирајќи дека државата и Владата веруваат во нивните способности и им даваат безрезервна поддршка. Тој ги охрабри студентите да ја користат секоја можност, да учат, да напредуваат и да созреваат, бидејќи „тие се иднината која треба да ја води Македонија напред“.
Македонија
СДСМ обвинува за тендерски скандал: Вториот вработен во фирмата со договори од 9 милиони евра бил поврзан со УБК и уништувањето на опремата за прислушување
На прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, обвини дека власта продолжува со, како што рече, „криминални тендерски шеми“. Таа посочи дека вториот вработен во фирмата која добила тендери од речиси 9 милиони евра за само шест месеци е Глигор Поцев.
Кузеска наведе дека Поцев бил сведок во случајот „Таргет–Тврдина“ за уништувањето на опремата за масовно прислушување, како тогашен вработен во УБК во периодот на Сашо Мијалков. Таа нагласи дека токму фирмата во која тој сега работи склучила рамковна спогодба со Владата за софтверски лиценци за виртуелна платформа.
„Како лица кои биле дел од разузнавачки структури, поврзани со процеси за уништување на опремата за прислушување, денес повторно се во игра за милионски тендери за софтвери?“, праша Кузеска, додавајќи дека изборот на истите кадри од „тој период“ не може да биде случаен.
Таа оцени дека скандалот со тендери вредни 9 милиони евра, дадени на фирма со само две лица и формирана пред една година, покажува дека кај Мицкоски се применуваат „истите методи“ како во времето на Никола Груевски и Сашо Мијалков.
„Методите се исти – милионски тендери за фирми со сомнителна историја, целта е богатење на партијата и поединци од врвот на власта“, изјави Кузеска.
СДСМ побара институциите да спроведат истрага и да утврдат одговорност, истакнувајќи дека „овие дела не застаруваат“ и дека, како што рече, „одговорност мора да има и ќе има“.
Кузеска заклучи дека „работата сè уште не е завршена“.
Македонија
Штрајк на земјоделците ја блокира грчката страна на граничниот премин Дојран
Сообраќајот на граничниот премин Дојран од грчка страна денеска е блокиран од 10.30 до 12.30 часот поради штрајк на земјоделците, соопштија надлежните служби.
Прекинот важи за сите видови возила.

