Македонија
„Космос“ ќе се урива зашто е повисок за метар и 43 сантиметри
Градоначалникот на скопската Општина Гази Баба, Тони Трајковски рече дека ќе се урива целиот објект на станбениот комплекс „Космос“, затоа што целата градба е повисока за метар и 43 сантиметри во однос на апсолутната кота којашто е измерена од геодетска фирма.
Градоначалникот на скопската Општина Гази Баба, Тони Трајковски рече дека ќе се урива целиот објект на станбениот комплекс „Космос“, затоа што целата градба е повисока за метар и 43 сантиметри во однос на апсолутната кота којашто е измерена од геодетска фирма.Според него, за да може да се прилагоди на основниот проект, целата градба мора да биде урната. „Едно од поголемите отстапувања е изградбата на два столба кои не се предвидени, и друго поголемо отстапување е висинската кота која е утврдена од страна на геодетска фирма која констатира отстапување од метар и 43 сантиметри. До денот кога беше посетено градилиштето од страна на инспекторката, од страна на инвеститорот не беше доставено никакво барање за измени во текот на градбата. Инспекторката од увидот констатирала дека целосната градба се гради спротивно на заверениот проект од општина Гази Баба“, рече Трајковски и додаде дека покрај самиот инвеститор и изведувач, голема вина сноси и надзорот кој согласно законот има обврска сите неправилности да ги пријави до овластениот градежен инспектор што не било направено.Сопственикот на објектот во изградба, Фиат Цаноски, кој денеска обвини дека полицијата не му дозволила да влезе во својот имот и дека згора на тоа не му покажала ниту налог, рече дека изградбата на објектот е целоснa и според законот.
„Се урива капитален објект во кој се потрошени неколку милиони евра, знаејќи дека за истото немаат правни аргументи и државата ќе претрпи огромни финансиски штети. Станбениот објект се урива во време кога државата со свои мерки сака по секоја цена да ја поттикне станоградбата, при што се сомневаме дека со рушењето сака да се пресмета со конкуренцијата која исто така гради станови.Процесот на рушење е обезбедуван од армија од над 500 униформирани лица кои на петте луѓе кои бевме присутни како вработени во компанијата во моментот на започнување со акцијата ниту едно службено лице се нема легитимирано, ниту едно лице нема покажано налог и не ни беше дозволено ниту да дојдеме до самата градба“, рече Цаноски. Инаку на новинарите не им беше дозволено да пристапат до спорниот објект, а Цаноски ја одржа прес-конференцијата на улица, опкружен од зајакнати полициски сили но и од повеќе пратеници на опозицијата. Уривањето на станбениот комплекс “Космос“, започна денеска рано изутрина,а предвидено е уривање на околу 35.000 метри квадратни од објектот. Пратеникот од СДСМ, Андреј Петров, заедно со неколку колеги од опозицијата обвини дека уривањето на објектот „Космос“ претставува политичка пресметка со неистомислениците.„Во услови кога голема финансиска инвестиција веќе се гради и кога е со одобрение, логично би било секој што мисли добронамерно ако има некаква недоследност таа да се отстрани. Во услови кога носиме закон за легализација на диво изградени објекти ние сега како држава влегуваме во едно ново чудо – рушење на веќе изградени објекти и објекти во изградба само затоа што газдата на тој објект не и одговара на владејачката гарнитура“, рече тој.Од Градот Скопје исто така реагираа за „Космос“, обвинувајќи дека Фирмата „Фине“ на Цаноски, му должи речиси 175 милиони денари за комуналии на Градот Скопје. „Во однос на плаќањето на останатите рати согласно утврдената динамика со оглед дека инвеститорот не плаќал, Град Скопје испратил четири опомени во март, април, мај и јуни, по кои инвеститорот платил само една од предвидените седум рати“, реагираа оттаму.
Комплексот “Космос“ се гради покрај Вардар кај мостот “Близнак“, во непосредна близина на Универзитетот ФОН, кој исто така е во сопственост на Цаноски. Предвиден е како луксузен станбено-деловен комплекс со 562 стана. Цаноски денеска информираше дека голем број на луѓе веќе купиле станови во „Космос“. /крај/ко/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена
Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за инфективни болести. Пациентката имала повеќе коморбидитети и не била вакцинирана против грип.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти со компликации од грип, oд кои повеќето се возрасни лица со хронични заболувања и невакцинирани од грип.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, пред неколку дена кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.
Македонија
Зајкова: Една изборна единица има смисла само со отворени листи
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, реагираше по одржаната лидерска средба во Клубот на пратеници, оценувајќи дека нејзиниот исход е „0 проценти економија и 100 проценти политика“.
„Очекуваниот исход од ‘лидерската’ средба е 0% економија и 100% политика. Една изборна единица има смисла само со отворени листи. Во спротивно, како и денес, само неколку мажи ќе продолжат да ја дефинираат судбината на Македонија, наместо граѓаните. Моќта и финансиите ќе останат кај нив, а за народот — трошки. Со отворени листи ќе има поодговорни народни избраници, а со тоа и повеќе пари за граѓаните“, напиша Зајкова на својот Фејсбук профил.
Од ЛДП посочуваат дека лидерската средба има смисла само доколку отвори суштински прашања што директно го засегаат животот и животниот стандард на граѓаните, а не доколку се сведе исклучиво на дилемата за укинување или задржување на техничката влада.
Во соопштението се наведува и дека, иако Зајкова е пратеничка и единствена жена-лидер на партија во Македонија, таа не добила покана за учество на средбата. Организаторите, како што се посочува, одлучиле да поканат само претставници на партии кои имаат пратенички групи во Собранието.
„Лидерските средби не треба да бидат поле за дневно-политички надмудрувања и покажување мускули, туку простор за носење решенија и одлуки што ќе придонесат за подобра иднина на сите граѓани“, наведуваат од Либерално-демократската партија.
Македонија
„Пирамид Билдинг Солушнс“ бара извинување по обвинувањата на СДСМ: Работиме повеќе од 15 години без ниту еден скандал
Компанијата Пирамид Билдинг Солушнс ДООЕЛ Скопје бара јавно извинување од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во рок од 24 часа, поради, како што наведува, јавни напади, клевети и тенденциозно пласирани информации изнесени од претставниците на оваа партија на прес-конференциите на Јон Фрчковски и Петар Огненовиќ.
Во однос на обвинувањата за склучени договори со општини под водство на ВМРО-ДПМНЕ, компанијата објаснува дека станува збор за селективно прикажување на факти со кое се создава искривена слика за нејзиното работење и се нанесува сериозна штета врз угледот, интегритетот и деловната репутација.
Оттука истакнуваат дека повеќе од 15 години успешно опстојуваат и работат на македонскиот пазар, без, како што наведуваат, ниту еден скандал, со доследно почитување на законите и процедурите и со континуиран раст базиран на квалитет и професионалност.
Во соопштението се додава и дека во јавните настапи на претставниците на СДСМ не бил спомнат клучен факт – дека токму во периодот на нивното владеење и раководење со институциите, компанијата добила значителен број договори за јавни набавки, кои биле целосно и успешно реализирани во согласност со законските прописи.
Како доказ за транспарентно и законско работење, компанијата доставува и табела со склучени и реализирани договори за јавни набавки по години и институции раководени од функционери на СДСМ.
„Апелираме бизнисот да се остави надвор од дневно-политичките пресметки и да не се користат инсинуации и неосновани обвинувања за политички цели“, се наведува во соопштението.
Од Пирамид Билдинг Солушнс порачуваат дека, доколку не добијат јавно извинување во наведениот рок, ќе бидат принудени да ги искористат сите расположливи правни механизми за заштита на своите права, углед и деловен интегритет.

