Свет
Четворица загинати во бомбашки напад во Ирак

Во две експлозии чија мета била една продавница за пијалаци во западниот дел на Багдад загинаа четворица Ирачанци, меѓу кои тројца полицајци, соопштија полициски и болнички извори.
Во две експлозии чија мета била една продавница за пијалаци во западниот дел на Багдад загинаа четворица Ирачанци, меѓу кои тројца полицајци, соопштија полициски и болнички извори. Во нападите покрај четворицата загинати биле повредени уште 13 лица. Првата бомба експлодирала непосредно до продавницата, додека втората била активирана неколку минути подоцна кога на местото пристигнале припадниците на полицијата и локалното население. Интензитетот на насилствата во Ирак е значително намален во однос на судирите помеѓу различните секти во 2006 и 2007 година, но бунтовниците секојдневно организираат напади чија главна цел се припадниците на полицијата и локалните власти. крај/т/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Фицо пливаше во Дунав по шпекулациите за неговото здравје

Словачкиот премиер Роберт Фицо објави фотографија, како плива во Дунав, откако во медиумите се појавија шпекулации за неговото здравје.
„Токму вчера, новинарите беа „загрижени“ дали воопшто дишам и дали можам да се искачам по скалите до мојата канцеларија. Затоа ги поканив на насипот утрово да се затоплат и да пливаат. Чувствувам дека тоа им е потребно како сол. Никој не дојде. Разбирам. Мора да било малку росно и било постудено“, напиша Фицо на Икс, до негова фотографија како стои во вода до половината, целосно мокар, облечен само во тесна маица.
Во неделата, Фицо ги покани новинарите на браната, како реакција на сè почестите прашања за неговото здравје.
Неодамна, тој постојано ја откажуваше или менуваше својата програма без понатамошно објаснување.
Тој призна дека имал проблеми по атентатот од минатата година.
„Постојат одредени работи поврзани со атентатот што во одреден момент ме спречуваат да направам четиричасовно патување со автомобил. Нема да ви кажам повеќе“, рече Фицо.
Тој додаде дека е способен за извршување физички напорни задачи.
„Во политиката сум од 1991 година, тоа се 34 години. Понекогаш може да се случи нешто што ќе ви го оневозможи функционирањето 100 проценти секој ден“, рече тој, пренесува словачки портал.
Свет
Зеленски: За Украина во ЕУ треба да одлучи Европа, а не некој поединечен манипулатор

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денес неколку пати им се заблагодари на Чесите и нивната влада за помошта што ѝ ја дадоа на неговата земја од почетокот на рускиот напад и за поддршката на напорите Украина да се приклучи кон Европската Унија, за што, како што рече, ќе одлучи Европа, а не поединец подготвен за манипулација.
„Чешка го поддржува влезот на Украина во ЕУ. Ние сме подготвени да ја отвориме првата рунда преговори. Но, тоа треба да биде одлука на цела Европа, а не на поединец кој е подготвен да манипулира со Европа“, рече Зеленски на прес-конференција по средбата со чешкиот премиер Петр Фијала.
Украинскиот претседател нагласи дека војната што се води во неговата земја не е војна за судбината само на еден народ, туку за слободата на неколку народи.
„Тие можат да ги менуваат знамињата на московските тенкови, да нацртаат нешто друго, но сепак се обидуваат да ги контролираат другите нации. Русија ги отфрла сите предлози за реално и одржливо примирје. Затоа разговаравме за понатамошен притисок врз Русија. Санкциите треба да останат и да бидат заострени сè додека Русија ја одложува и зајакнува својата агресија“, рече Зеленски.
Чешкиот премиер Петр Фијала му даде гаранции на Зеленски дека Чешка ќе продолжи да ја поддржува Украина и да ѝ помага воено, како со продолжување на Чешката иницијатива за муниција за Украина, така и со обука на украински пилоти во базите во Чешка.
„Во рамките на Иницијативата за муниција за Украина, успеваме да обезбедиме испораки. Од почетокот на годината до денес, испративме половина милион парчиња артилериска муниција во Украина, се надевам дека ќе ја исполниме целта за оваа година. До денес, посредувавме во испораката на над 2.000 парчиња тешка воена опрема, вклучувајќи 300 тенкови и 250 ракетни лансери“, рече Фијала.
„Од нашето искуство знаеме дека отстапките кон агресор никогаш не се добар пат. Го уверив Зеленски дека ќе продолжиме да стоиме зад Украина. Свесни сме дека Украина не само што ја брани својата територија, територијален интегритет и независност, туку ја брани и безбедноста на цела Европа“, рече Фијала.
„Ние поддржуваме такво решение кое нема да биде оспорено и кое нема да значи успех на агресивната политика на Русија. Активни сме во „коалицијата на оние што се волни“ и сме подготвени да помогнеме и сега и во време на мир, бидејќи веруваме дека најдобрата гаранција и за Украина и за Европа е силна, добро вооружена армија создадена со наша помош“, рече Фијала.
Од вчера, Зеленски е во дводневна посета на Прага, за време на која се среќава со целиот чешки државен врв, а разговараше и со претставници на чешката воена индустрија.
Свет
Орбан: Трамп ја повикува Унгарија да ја напушти ЕУ

Неочекуваното појавување на унгарскиот премиер Виктор Орбан на состанокот организиран од неговата партија Фидес во градот Пишверсвар, околу педесет километри северно од Будимпешта, резултираше со разјаснување на одредени важни прашања за кои досега во јавноста циркулираа различни информации, пренесуваат медиумите во регионот.
Според написите, во таа прилика, тој меѓу другото, признал дека американскиот претседател Доналд Трамп го повикал Унгарија да ја напушти Европската Унија и споменал „тајни договори“ со други земји-членки на ЕУ, чија цел е да се спречи исклучување на Унгарија од процесот на донесување одлуки во блокот.
Според унгарскиот премиер изборите во 2026 година ќе бидат „тешка борба“, дури и во изборните единици каде што Фидес претходно победи. Тој го наведе примерот на баварската партија ЦСУ, која моментално се соочува со тешкотии и покрај тоа што е на власт 70 години, но не призна никакви грешки во политиките на Фидес. Тој ги припиша лошите резултати што ги постигна неговата партија на анкетите на промените во глобалните комуникациски трендови, истакнувајќи дека сега помалку луѓе читаат печатени медиуми или гледаат телевизија. Наместо тоа, мнозинството се одлучува за информации преку интернет, вклучително и читање коментари на социјалните мрежи, рече Орбан и призна дека Тиса во моментов е пред Фидес во оваа област.
„Ако продолжиме со традиционалната политика, не е сигурно дека ќе победиме“, заклучи тој.
Осврнувајќи се на одредени геополитички прашања, тој ја поврза миграцијата со војната во Украина и го критикуваше Брисел во тој контекст. Западот, како што рече, поддржува населување на мигранти во Европа, а во исто време ја помага војната во која христијаните се борат едни против други“, што според него е недозволиво.
Орбан, исто така, ги спомена обидите за лишување на Унгарија од правото на глас во Советот на ЕУ поради загриженост за владеењето на правото и изјави дека постојат неколку внатрешни договори со земјите-членки на ЕУ што би ја заштитиле Унгарија од последиците од таквите напори.
Откако изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп му предложил Унгарија да ја напушти ЕУ, новинарот на RTL прашал дали таков предлог го загрозува суверенитетот на неговата земја, што е клучна тема во политичката кампања на Фидес. Орбан одговори негативно, додавајќи дека „зависи од тоа дали Трамп се шегувал или не“.