Економија
Еврото ослаби во однос на доларот поради загриженоста за должничката криза

Еврото во понеделникот ослаби на меѓународните пазари во однос на американскиот долар и веројатно ќе остане под истиот притисок имајќи предвид дека инвеститорите се разочарани и повторно почнаа да ги продаваат италијанските и државните обврзници на другите земји
Еврото во понеделникот ослаби на меѓународните пазари во однос на американскиот долар и веројатно ќе остане под истиот притисок имајќи предвид дека инвеститорите се разочарани и повторно почнаа да ги продаваат италијанските и државните обврзници на другите земји, по минатонеделниот самит на ЕУ кој не ги убеди дека е скоро крајот на двегодишната криза во еврозоната.Еврото ослаби во однос на американскиот долар за околу еден отсто на 1,.3243 долари. Во однос, пак, на британската фунта се спушти на најниското ниво од март годинава и со него се тргуваше за 84,845 пени, додека спрема швајцарскиот франк не забележа поголеми промени и чинеше 1,2350 франка.Доларот зајакна и во однос на франкот за речиси еден процент и се тргуваше со него по 93,21 сентими. Исто така, американската валута беше во позитива и во однос на јапонскиот јен за околу 0,4 отсто и чинеше 77.91 јен. Еврото е сега речиси 7 отсто послабо во однос на највисокото ниво регистрирано во октомври и околу 11 проценти во споредба со највисоките нивоа во целата 2011 година, од речиси 1.5 долари, колку што досегна во почетокот на мај. „Се намали оптимизмот спрема еврото по завршувањето на минатонеделниот самит на Европската унија. Инвеститорите бараат посилни реакции, а што е поважно, Европската централна банка одби позначајно да ги интензивира нејзините купувања на државните обврзници“, вели за Reuters валутниот стратег во швајцарската банка „UBS“, Беат Сиенгенталер.На пазарите беа евидентирани купувањата на Европската централна банка на италијанските државни обврзници со покуси рокови на отплата, но тоа не беше доволно да ги убеди инвеститорите оти централната банка е подготвена за позначајно да го зголеми купувањето на објавениот седмичен лимит во висина од 20 милијарди евра. Иако билатералните заеми од Меѓународниот монетарен фонд за кој на самитот на ЕУ во Брисел во петокот беше договорено да располага со фонд од 200 милијарди евра што ќе го полнат 26-те од 27-те членки на унијата, освен Велика Британија, ќе ги засилат ресурсите овој кредитор да им помогне на паднатите стопанства, спомената сума на фондот уште се смета за недоволна за основните стопанства се заштитат од кризата. Според аналитичарите, уште повеќе се смета дека дури и доколку се стабилизираат приносите на државните обврзници, на Европа најверојатно и’ претстои рецесија. Се смета, исто така, дека седмичнава објава на индексот на менаџерите на набавки би требала да покаже пад на активностите во тамошните сектори на производството и услугите./крај/ро/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Андоновски: Зголемена соработка меѓу Македонија и Италија во областа на иновациите и технолошкит развој

Во рамките на Бизнис форумот помеѓу Македонија и Италија, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, ги претстави националните заложби во областа на технолошките иновации, дигиталната трансформација и сајбер безбедноста.
Од Министерството соопштија дека на форумот беше истакната посветеноста на Македонија кон исполнување на реформската агенда на Европската Унија, при што новите реформски закони, особено Законот за сајбер безбедност, претставуваат силен доказ за заложбите на државата во заштита на граѓаните во дигиталниот простор и унапредување на технолошката отпорност.
На маргините од форумот, беше осстварена и средба со Мариа Триподи, заменик-министерка во Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија. На средбата беа разгледани клучни прашања од политичко и економско значење на двете земји, при што беше потенцирано стратешкото партнерство меѓу Македонија и Италија и продлабочување на соработката во дигитализацијата, трговската размена и политичката поддршка.
Во таа насока, беше предложено потпишување на Меморандум за соработка со ресорното италијанско министерство, со цел унапредување на институционалната соработка и размена на искуства во областа на иновациите, дигиталните алатки и сајбер безбедноста.
“Партнерството со Италија покажува дека и мала држава како Македонија може да има значајна улога на светската сцена. Ова е шанса за нови инвестиции, но и поддршка за македонските компании да го освојат европскиот пазар”, истакна Андоновски за време на форумот.
Заменик-министерката Триподи изрази поддршка и признавање за посветеноста на Македонија во процесот на дигитална трансформација, нагласувајќи ја важноста од продлабочување на билатералната соработка.
Економија
Мицкоски: Се отвора новиот фармацевтски производствен блок во „Реплек“

Премиерот, Христијан Мицкоски, најави дека се отвора новиот фармацевтски производствен блок во „Реплек“.
„Денес, заедно сведочиме на уште една позитивна приказна за македонската економија. „Реплек“, еден од симболите на континуитет, квалитет и професионализам, во годината кога слави 80 години постоење, прави нов, визионерски чекор напред. Со новиот фармацевтски производствен блок, „Реплек“ не само што го модернизира и автоматизира својот производствен процес, туку го зголемува капацитетот за примарно и секундарно пакување на цврсти фармацевтски форми за значајни 25 проценти. Тоа значи нова технологија, поголема ефикасност, повисоки стандарди, но и нова потврда дека нашата земја има потенцијал и капацитет за индустриски раст“, рече премиерот.
Според него, оваа инвестиција има особена тежина, затоа што е домашна. Мицкоски кажа дека станува збор за македонски капитал, за македонска компанија, за вложување во иднината на македонската индустрија.
„Ние веруваме дека силна економија се гради не само со странски капитал, туку и со грижа за својот – за секој што решил да остане, да вложи, да создаде тука, во Македонија. „Реплек“ е пример за тоа, пример што инспирира и мотивира“, рече Мицкоски.
Економија
Божиновска: Зелената транзиција веќе почна и Македонија води

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше на Бизнис форумот „Италија – Северна Македонија“, кој е насочен кон продлабочување на економската соработка помеѓу двете земји, со фокус на инвестиции во инфраструктурата и енергетиката.
Во рамки на пленарната сесија и панелот посветен на енергетската транзиција и циркуларната економија, Божиновска ги презентираше плановите и резултатите на Македонија во доменот на обновливите извори на енергија, укажувајќи дека земјата веќе е препознаена како лидер во регионот со над 1000 MW инсталирани капацитети.
„ Тоа не е случајност – туку резултат на сериозни реформи и инвестиции во државни капацитети и во партнерство со приватниот сектор.“, истакна министерката.
Заклучно со 2024 година, во земјата функционираат вкупно 1.494 електроцентрали на обновливи извори со комбинирана инсталирана моќност од 1.663 MW, што претставува 56% од вкупната инсталирана електроенергетска моќност во државата.
Особено е забележителен порастот на фотонапонските централи, чиј удел во производството постојано расте.
Меѓу клучните државни проекти што ги најави Божиновска се изградбата на сончева електрана од 200 MW, нов ветерен парк во Миравци од 100 MW, како и проширување на ветерниот парк „Богданци“. Таа го најави и почетокот на нови приватни инвестиции, меѓу кои ветерниот парк на „Алцазар Енерџи“ со капацитет од 400 MW и соларниот парк „Стипион“ на „Акуо Енерџи“ од Франција со планирани 360–400 MW.
Министерката подвлече дека mинистерството воведува ново стратешко планирање преку новиот Закон за енергетика, кој предвидува годишни и долгорочни планови за развој на нови капацитети, со цел да се обезбеди предвидливост и стабилност и за државата и за инвеститорите.
„Без силна и модерна енергетска мрежа, капацитетите од обновливи извори нема да можат да се интегрираат. Затоа инвестициите во преносната и дистрибутивната мрежа се наш апсолутен приоритет“, рече Божиновска, најавувајќи нов 10-годишен план за развој на мрежата и воведување на батериски системи за складирање на енергија како задолжителен дел за сите нови капацитети.
На форумот се дискутираше и за нови можности за италијанските компании во областа на енергетиката и инфраструктурата, а беа отворени теми за регионално поврзување,
заеднички проекти и засилување на јавните и приватните партнерства во духот на зелената транзиција.