Македонија
Полицаец пукал во крадци зошто не застанале на неговите предупредувања

Пукање во центарот на Велес. Синоќа околу еден часот по полноќ три засега непознати и маскирани лица извршиле грабеж во продавница за компјутери и друга техничка стока. При обидот за кражба тие биле забележани од полициски службеник кој во тој момент не бил на должност туку бил дома, во стан над ограбената продавница..Полицаецот ги видел како украдената стока ја ставаат во багажник од автомобил по што ги предупредил да застанат, но крадците продолжиле и тој испукал неколку куршуми во воздух , а откако се посомневал дека од возилото кон него е вперена пушка стрелал и кон автомобилот.„Полицаецот е на должност 24 часа. Неговата постапка да пука е сосема исправна ,ако се знае дека за ова дело тешка кражба предвидена е поголема затворска казна од четири години„ вели Анита П. Стојановска портпарол во СВР Велес.Крадците се уште се во бегство. Според исказот на полицаецот, кој е очевидец на настанот, тие возеле автомобил без регистарски таблички и биле маскирани. Истрагата засега сомничи неколку лица, но со сигурност не може да се потврди.„Според пријавата крадците украле осум лап – топ компјутери и два LCD телевизори. Тоа е штетата која ја направиле и таа е потврдена од сопственикот“ вели Стојановска.Од полицијата велат дека возилото со кое побегнале крадците е забележано на сигурносната камера од бензинската пумпа која е оддалечена стотина метри од местото на настанот. Во последно време продавниците со ваква стока се редовна мета на крадците, затоа што таа најлесно може да се продаде на црниот пазар. /крај/лисица/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја делови од Кисела Вода

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. 1523, објектите на фирмите Пастор, Орнамакс и други во нивна близина, корисниците од бул. Борис Трајковски од бр. 77 до бр. 85, како и корисниците лоцирани помеѓу објектите на фирмите Циле Инжињеринг и Интеграф. (општина Кисела Вода)
Македонија
Шукова: Време е за резултати, уреден Бутел, нови паркови, подобар превоз и вода за сите

Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, вчера одржа митинг во Бутел, каде пред жителите порача дека Скопје мора да се гради со дела, а не со празни зборови.
„Вечерва не сум тука само како кандидатка за градоначалничка на Скопје. Тука сум, пред сè, како човек што верува во овој град и во луѓето што го прават Бутел дом,“ изјави Шукова.
Таа се осврна на реалните проблеми со кои се соочува општината запуштеното корито на Серава, недоволната инфраструктура, недостигот на јавен превоз и дотраената водоводна мрежа и истакна дека решенијата веќе се подготвени.
„Серава ќе стане место на кое ќе се гордееме уредено корито, пешачки и велосипедски патеки, зелена зона за сите. Новите паркови и 10.000 засадени дрвја ќе го вратат сјајот што Скопје го имаше пред децении,“ нагласи таа.
Посебен акцент стави и на водоснабдувањето и инфраструктурата:
„Денес, 60 проценти од питката вода се губи во системот. Време е за модернизација и стабилно снабдување со вода за секој дом. Новите мостови, клучки и булевари ќе го поврзат Бутел со целиот град и ќе овозможат безбедно и побрзо движење,“ рече Шукова.
Таа потсети дека во изминатите години градот беше заложник на неработење и популизам:
„Четири години ВМРО-ДПМНЕ ги запоставуваше општините. Време е за резултати, а не за слики и празни зборови. Половина од нашите проекти може веднаш да се реализираат,“ додаде таа.
Во својот говор, Шукова повика на единство и одговорност:
„Бутел не смее да биде изолиран. Бутел е почетна точка на модерното Скопје место каде што се инвестира, се гради и се слуша секој граѓанин.“
Македонија
Претежно облачно со врнежи од дожд, повремено пообилни

Времето денеска ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат пообилни во западните делови, каде се очекува локално да наврнат и над 25 l/m²дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 11 до 15 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд, повремено пообилни. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд со послаб интензитет. Потоа следува претежно стабилно време со потпросечни температури за овој период од годината.